4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоддршка за бизнисот, борба против сивата економија и владеење на правото се...

Поддршка за бизнисот, борба против сивата економија и владеење на правото се главните приоритети кои стопанството ги бара од идната Влада!

По завршувањето на изборите бизнисмените подготвија низа приоритетни барања кои ќе ги достават до идната влада. Во фокусот се мерки кои ќе значат помош за компаниите и поддршка за целокупната економија.

Денар побара ставови и мислења од бизнис здруженија, што во моментов им недостасува на стопанствениците и кои треба да бидат првите потези на идните власти. Како прво, тие сметаат дека новата Влада треба да продолжи со поддршката на претпријатијата во земјава. По конституирање на Владата најважно според бизнисмените е да се донесат политички одлуки со кои ќе се покаже одговорност и грижа кон сите. Потребно ќе биде еднакво рспределување на финансиската поддршка и јавно транспарентно намалување на трошоците и социјалните трансфери.

Од Бизнис конфедерацијата на Македонија за Денар велат дека потребно е обезбедување на повеќе ниско каматни или без каматни кредити за да се одржи ликвидноста и да се надополни паричнииот тек на претпријатијата. Потоа, да се обезбеди финансиска поддршка за вработените во приватните фирми за месеците јули, август и септември. Првиот човек на Бизнис конфедерацијата Миле Бошков вели дека иако проблемите и кризата почнаа на почетокот на март, засега нема сигнали за излез од моменталната состојба. Бошков вели, економијата не се стабилизира, напротив слабее. Еве дел и од останатите барања :

„Посредување, охрабрување, поттикнување на флексибилност и разбирање од банките, помош во политиките при ревидирање на одлуките на банките за мораториумот на плаќањето кредитите, кои исто така не би штетеле на ликвидноста на банките. Ревидирање на рестрикциите за вработените на кои им беше дозволено да останат дома и нормално функционирање на институциите и евентуално покривање на трошоците што ги трпат претпријатијата за овие вработени. Потребни се посебни мерки насочени кон големите компании кои се големи извозници, нивните потреби се различни од оние на микро и малите претпријатија кои првенствено работат на домашниот пазар како што се кафе-баровите и обложувалниците,“ вели Миле Бошков од Бизнис Конфедерацијата.

И од Сојузот на стопански комори велат дека како приоритет на новата Влада треба да биде зголемена  поддршка за компаниите а особено на малите и средни претпријатија. Обезбедување на ликвидност на стопанството како и борба против нелојалната конкуренција.  Најголемите предизвици според претседателката на ССК Данела Арсовска се селективното постапување по законите, а тоа е непредвидливост која оневозможува долгорочно планирање со цел економски раст и развој.

„Сојузот на стопански комори на Македонија има неколку приоритети кои јасно ги потенцира, а на кои следната влада треба ургентно да им се посвети. Прво е обезбедување на таргетирана поддршка  за претприемачите за надминување на кризата предизвикана од пандемијата. Со оваа поддршка треба да се  обезбеди ликвидност и опстојување на малите и средни претпријатија како и да се донесат  мерки планирани за спроведување во следните 6 месеци. Втор од клучните приоритети чие адресирање е потребно да се интензивира е справувањето со сивата економија. Овој проблем во време на пандемијата доби нова димензија, бидејќи се стимулира интензивно електронската трговија, а при тоа не постои систем за кој ги регистрира учесниците во овој вид на трговија, што резултира со избегнување на плаќање царина и данок. Трет приоритет е обезбедување на систем на владеење на правото и функционалност во имплементација на законската регулатива“, вели Данела Арсовска од Сојузот на Стопански комори. 

Дополнително бизнисот очекува мерки кои можат да бидат многу корисни за компаниите а кои  не се поврзани со пандемијата. Во тој пакет на мерки стопанствениците порачуваат дека би можело да се вклучат намалување на парафискалните трошоци, вклучувајќи лиценци, разни дозволи и слични документации. Плус еднаков третман на сите деловни субјекти и владеење на правото и подобра и поефикасна јавна администрација. Политичарите во своите предизборни ветувања нудеа проекти и мерки за приватниот сектор, промени во даночна политика и поддршка за компании кои ќе се занимаваат со иновативност, бенефити за извозно ориентираните, и за оние кои ќе произведуваат производи со додадена вредност. Ветувањата запреа во изборниот молк, сега на ред е договорот помеѓу патриите кој ќе седне на фотељите на Илинденска а дури потоа следува процес на  реализацијата на ветувањата. Јавноста ќе суди, дали политичарите ќе стојат на зборот или како многу пати во минатото изборните ветувања од оваа кампаѓа ќе бидат префрлани за следните избори.

И. П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП