29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПандемијата го сруши македонскиот туризам, во мај само 838 туристи, пад од...

Пандемијата го сруши македонскиот туризам, во мај само 838 туристи, пад од над 99%

Милионски евра загуби трпи македонскиот туризам од пандемијата со Ковид-19. Само во мај годинава бројот на туристи и бројот на ноќевања бележи пад од над 99 проценти. Државниот завод за статистика објави дека во мај во Македонија биле пријавени само 838 туристи. Или бројот на туристи се намалил за речиси 100.000 гости во споредба со мај лани.

Познавачите на состојбите во туризмот алармираат дека се случува песимистичкото сценарио за македонскиот туризам, бидејќи кризата не заврши до јуни, туку се пролонгираше со појак интензитет. Прогнозираат пад на прометот од 400 милиони евра и губење од 4.000 до 20.000 работни места, во зависност од поддршката од државата.

При подготовка на студијата за ефектите како резултат од пандемијата со Ковид -19, претпоставивме две сценарија за развој на ситуацијата и тоа во првото сценарио каде ги прогнозираме ефектите врз перформансите на дестинацијата доколку пандемијата заврши до месец јуни и второто сценарио каде ги прогнозираме ефектите врз перформансите на дестинацијата доколку пандемијата потрае до крајот на годинава. Двете сценарија предвидуваат огромни загуби за економијата особено за туристичкиот промет. Статистичките податоци за последните два месеци во однос на истиот период 2019 година регистрираат пад во туризмот од над 99%, односно за периодот од јануари до јуни пад за 66% во однос на истиот период во 2019-та година што упатува на второто сценарио од студијата кое предвидува пад на туристичкиот промет за приближно 400 милиони евра што покажува дека секторот туризам ќе остане безмалку без економска активност за календарска 2020 година со пад на бројот на ноќевања за 80%“, изјави за „Денар“ Кристијан Џамбазовски, коавтор на студијата за туристичката комора при  Стопанската комора на Македонија.

Според него, новиот владин состав ќе биде исправен пред голем предизвик, да испорача високо ниво на социјално – економски одговор за кризата да се преброди со изгубени само 4.000 работни места.

Ова поставува во ризик до 20 илјади работни места во секторот и прогнозира загуба на работни места во дијапазон од 4 илјади до 20 илјади работни места. Новиот владин состав пред себе ќе има голем предизвик во обидите да одржи и испорача високо ниво на социјално – економски одговор кој ќе обезбеди мерки за широка поддршка на компаниите со цел задржување на работните места во обем и времетраење според развојот на ситуацијата кои ќе бидат пласирани низ едноставни и неселективни процедури при што загубата на работни места може да биде задржана на 4 илјади загубени работни места. При истиот развој на ситуацијата, но при делумно ефективен економски одговор ќе бидат загубени 10 илјади работни места во секторот, додека при ниско ниво на економски одговор мерките нема да го намалат влијанието врз компаниите како последица на Ковид – 19 и може да се очекува загуба на 20 илјади работни места во секторот“, вели Џамбазовски.

Според него ќе мора да се излезе во пресрет на барањата на туристичкото стопанство за поддршка на платите во износ од 14.500 денари во овој сектор како и одложување на ратите и каматите од кредитите се до крајот на годината.

Имајќи во предвид дека во тек е понеповолно сценарио, туристичкото стопанство побарува поддршката на придонесите на вработените и финансиската поддршка на платите за вработените во износ од 14.500 денари да продолжи до крајот на 2020 година применувајќи го основниот критериум за остварување право на поддршка на компаниите согласно уредбата за финансиска поддршка на компаниите според кој сите компании кои имаат намален приход за 30% во однос на истиот период во 2019-та година имаат право на финансиска поддршка. Според тоа, да продолжи поддршката се додека компаниите го исполнуваат основниот критериум согласно уредбата или се додека приходот на компаниите е намален за над 30% во однос на истиот период во 2019-та година, односно времетраењето на поддршката да се совпаѓа со времетраењето на здравствената криза т.е. се додека ефектите од здравствената криза резултираат со над 30% намален приход во однос на истиот период за 2019-та година. Ова значи дека ефективноста на донесените мерки ќе зависи од тоа колку времетраењето на поддршката ќе се совпадне со времетраењето на кризата. Воедно да биде продолжен периодот на одложување на ратите и каматите за кредити на компаниите од туристичко-угостителскиот сектор. Во втора фаза, очекуваме мерки во насока на поддршката и позиционирањето на дестинацијата на меѓународниот пазар”, изјави Џамбазовски.

Статистика објави дека за  разлика од минатата година, кога во мај имало 98.998 туристи, годинава во истиот месец се регистрирани само 838 домашни и странски гости во туристичките капацитети. Бројот на туристи во овој месец, во однос на мај 2019 година, е намален за 99,2 отсто, а бројот на ноќевања за 97,6 отсто.

Бројот на домашните туристи во мај годинава, во споредба со истиот месец лани е помал за 97,8 отсто, а на странските туристи за 99,7 отсто. Бројот на ноќевањата, пак, на домашните туристи, во однос на мај 2019 година, е намален за 96,7 отсто, а на странските за 98 отсто. Или, лани биле остварени вкупно 205.356 ноќевања, од кои странските туристи реализирале 139.236.

Статистичките податоци покажуваат дека во периодот јануари‒мај 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е помал за 63,2 отсто, и тоа: кај домашните има намалување за 58,2 отсто, а кај странските за 65,6 отсто. Во првите пет месеци од годинава, пак, во однос на истиот период од лани, бројот на ноќевањата е намален за 62,3 отсто, при што, кај домашните туристи за 56 отсто, а кај странските има намалување за 66 отсто.

Земјава во минатата година оствари рекордна посета од 1.184.963 туристи, од кои дури 757.593 гости биле од странство. Најголем дел од посетите биле реализирани во летните месеци.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП