20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкратени работни часови, повеќе месеци породилно отсуство - синдикалците со низа барања...

Скратени работни часови, повеќе месеци породилно отсуство – синдикалците со низа барања до идната влада!

Пред одржувањето на парламентарните избори и формирањето на новата влада, синдикалците подготвија барања и укажувања до новите власти. Од Сојузот на синдикати на Македонија тврдат дека нема да отстапат од нив, туку тие ќе бидат основа за преговори со социјалните партнери. Ставот на ССМ е дека новиот Закон за работни односи треба да ги содржи европските тенденции во работно правните односи.

Најголемото синдикално здружение ќе се залага за договори за вработување на определено време само во исклучителни услови и тоа со траење до една година. Работната недела да содржи 38 часа. Породилното отсуство да трае 12 месеци. Работниците целосно да го остварат правото на годишен одмор. Викендот, односно сабота и недела да бидат денови за одмор, да се унапредат здравствените и безбедносните услови за работа во компаниите. Дополнително од ССМ велат дека ќе се залагаат за почитување на конвенциите за слобода на синдикалното организирање. Во периодот што следи од ССМ велат дека ќе се залагаат и за унапредување на колективното договарање, односно потпишување на Општ колективен договор за приватен и јавен сектор. Но и социјален дијалог на сите нивоа затоа што велат дека не може да се одлучува за правата на работниците без нивниот глас да се чуе.

Во однос на пензионирањето, синдикалците имаат намера во Законот за пензиско и инвалидско осигурување да се воведат повеќе услови за заминување во пензија. По основ на старосна пензија по работен стаж жените да одат во пензија на 35 години без оглед на годините на возраст. За мажите тоа да важи со навршени 40 години работен стаж. Следната можност да биде старосна пензија по основ на возраст или работен стаж по дејности. Синдикалците сметаат дека е потребно со закон да се предвидат едни услови за заминување во пензија на градежните работници, други услови за работници во текстилната индустрија, во рударскиот сектор, или пак на лица вработени во администрацијата. Доколку дојде до договор со властите и се утврдат различни услови за пензионирање тие да бидат со право на избор на работниците, а не задолжителни. Потребно е волјата на работникот да биде на прво место под кои услови ќе сака тој да се пензионира. ССМ предлага да се воведе, предвремена старосна пензија за работници која би се остварувала по услов од навршени 60 годишна возраст и работен стаж од минимун 15 години. Ваквата пензија би ја користеле работници кои не се во можност да ги продолжат своите работни задачи поради здравствени последици, а не можат да бидат прогласени за инвелиди, исто така и поради стечај или ликвидација на компанија во која работеле. Старосната пензија би ја остварил работникот само по негово барање. Во случај работникот да нема 15 години стаж да му биде овозможено сам да си ги плати придонесите за пензиско и инвалидско осигурување. Планот е правото на само уплатување на придонесите работниците да го остварат во случај да им недостасуваат до три години работен стаж од минималните 15.

„Наша заложба како синдикат ќе биде да ги заштитиме работниците но и да ги информираме, мотивираме и оспособиме, за нивните права од работен однос но и да го сфатат значењето и потребата од зголемување на продуктивноста на трудот, континуирано стекнување на знаења и вештини адекватни на техничко- технолошките промени и развој за да можат брзо и ефикасно да се прилагодат на потребите и барањето на пазарот на труд. Посебна грижа како синдикат ќе посветиме на ранливата категорија на населението, жените, долгорочно невработените, лицата со попреченост и сл. Што се однесува до младите, тие се посебен таргет на ангажманот на ССМ, ќе настојуваме преку нашето активно учество и придонес за креирање на развојни политики и унапредување на работничките права, младите да бидат помотивирани да останат во државата и да се намали бранот на иселување на млади лица од земјата, затоа што тие се нашата иднина“, вели Дарко Димовски претседател на Сојуз на синдикати на Македонија.

Во однос на минималната плата во земјава, Сојузот на синдикати на Македонија укажува дека потрошувачката кошничка која ја пресметуваат синдикалците и во која се внесени основните производи и услови за достоинствен живот за месец јуни изнесува речиси 33 500 денари. Синдикатот смета дека постои реална потреба од зголемување на минималната плата која според Европските препораки е на ниво од 60 отсто од просечната плата во државата. ССМ испраќа порака дека и во иднина ќе се залага за зголемување на загарнираната минимална плата се со цел подобрување на стандардот на работниците кои земаат најниски плати. Инаку, токму по иницијатива на ССМ  е  донесен Законот за минимална плата во земејва се со цел да се заштитат работниците од прекумерно ниски плати кои се исплаќаа во минантото.

До идните власти синдикалците ќе прават и дополнителни напори за заштита на работниците кои се заболени, или се во изолација или самомоизолација поради КОВИД – 19. Тешката егзистенцијална состојба во последните четири месеци од почетокот на здравствената криза, предизвикана од корона вирусот погоди голем број на работници кои се заразија вршејќи си ја својата работна задача. Нагласуваат дека сите работници изложени на вирусот кои заболеле, тоа мора да се третира како професионална болест со право на надомест на плата од 100 отсто.

Инаку на последниот конгрес на ССМ беше истакнато дека приоритетен ангажман за наредниот период ќе бидат активностите во насока на обезбедување на побрз и поголем економски развој на државата. На конгресот беше решено акцентот синдикалците да го стават на економски развој, намалување на сиромаштијата и повисок стандард, социјална сигурност, унапредување на работно правното законодавство, бесплатна правна заштита, мобилизација на членство, едукација, обуки, информирање, синдикална соработка, соработка со граѓански сектор.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП