19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе ја преживеат ли општините коронакризата?!-падот на приходите само во првите три...

Ќе ја преживеат ли општините коронакризата?!-падот на приходите само во првите три месеци им е од 10 – 30%, а во некои и 60%

Надомест за одземен имот, исплати на главен долг и камати по извршни решенија, исплати на фирми за склучени договори. Илајдници, па и десетици и стотици илјади евра се одлеваат од општинските каси секој месец за оваа намена, додека општините едвај крпат крај со крај да го амортизираат ударот врз нивните приходи од пандемијата со корона вирусот. 

„Денар“ анализираше каде завршуваат општинските пари, откако на сајтот на „Отворени финаннсии“ почнаа да се прикажуваат и исплатите на општините. Отворивме повеќе општини, но во голем дел стојат овие исплати. Најмногу по „извршни исправи“ исплатува Град Скопје и тоа на физички лица, суми и по над 5.000 евра. А Општина Струга е „лидер“ пак по тоа што илјадници евра исплаќа на физички лица по ставката надомест за одземен имот.

Општините кубурат со пари и живеат од кредити и од крпење на дупките од централниот буџет, од каде речиси секоја година државата им префрла десетици милиони евра за да „преживеат“ и да немаат блокирани сметки. Ги прашавме експертите како пандемијата ќе влијае на нивните приходи. Можни ли се банкроти и блокирани сметки на дел од локалните каси?!

Според познавачите падот во приходите на општините само за првите три месеци од годината е од 10-30%, а во некои помали општини тој изнесува и до 60%. Ударот од пандемијата на локалните буџети очекуваат да трае и следната 2021 година. Затоа алармираат дека во оваа криза не смее да изостане поддршката од централната власт за стабилизирање и опоравување на општините. Тие предлагаат и креирање на мерки за помош  и за нив.

Од фискален аспект станува евидентен силниот удар од Ковид-19 и мерките кои беа превземени за зауздување на пандемијата. Уште во првиот квартал определни општини бележат пад на сопствените буџети од 10-30%, а кај определни помали општини падот е и до 60%. Падот на страната на главнте локални приходи како данокот на имот и даноците на специфични услуги (и други локални давачки и такси) во определни општини е сведен на 0% (посебно во месец Март и Април). Дополнително кон ова може да се додадат зголемените трошоци кои ги имаат општините за справување со пандемијата, вклучувајќи ги и проблемите кои ги имаат јавните претпријатија на локално ниво“, изјави за „Денар“ професорот Борче Треновски.

Според него ударот од оваа пандемија на локалните буџети ќе биде значаен и следната 2021 година.

„Ударот од оваа пандемија на локалните буџети ќе биде значаен и следната 2021 година. Имајќи предвид дека трансферите кои ги добиваат општините од централната власт (трансферот од ДДВ, кој е особено значаен за малите општини) се пресметува врз основа на големината на тековно-оперативниот буџет во претходната година (2020). Исто така и слободниот капацитет за задолжување, кое ќе им биде неопходно на општините во следната 2021 година, ќе се пресметува врз основа на приходите од 2020 година“, потенцира Треновски.

Тој потенцира дека координацијата и поддршката од централната власт треба да биде значаен столб за стабилизирање и опоравување на општините, со цел нивно соодветно позиционирање во периодот кој доаѓа.

Во овој контекст сериозо треба да се размисли за креирање на определни мерки за подршка на определни надлежности на локално ниво, доколку е потребно привремени промени во тековниот начин на пресметка на трансферите/можноста за задолжување на општините, обезбедување дополнителна кредитна поддршка, како и подршка за зголемување на локалните капацитети во клучни сегменти кои ќе ја зголемат отпорностна на локално ниво“, изјави Треновски.

Според него, кога ќе се случи некоја катастрофа, општините секогаш се на првата “борбена” линија и истите имаат значајна улога како во детектирање на состојбата/последиците, така и во дизајнирање на соодветни мерки и обезбедување на ресурси за импементација на одговорот на кризата.

Предноста на локалната власт е нејзиното добро познавање на структурата на општинските ресурси, тесни грла во институциите, однесувањето и потребите на граѓаните – што овозможува ефикасност и брзината на одговорот во било која кризна ситуација.

Тргнувајќи од ова, а имајќи го предвид значењето кое би требало да го има локаната власт, посебно во периодот на опоравување од ова здравствена и економска криза, се уште е дискутабилно зошто нема дизајнирано сет на мерки кои би биле насочени кон општините.

Погледот на локалната власт во контекст на Ковид-19 пандемијата може да се елаборира од неколку аспекти – здравствен аспект, фискален/економски аспект и од аспект на соработката со централната власт“, вели Треновски.

За разлика од експертите кои веќе калулираат со бројки колкав е падот  на приходите на Општините, министерката за финансии Нина Ангеловска, последно изјави дека се уште не е направена анализа колкав ќе биде ударот од пандемијата врз приходите на општините во вториот квартал. И додека експертите апелираат на мерки за помош на општините од страна на централната власт, Ангеловска им порача да си ги скратат расходите.

„Кризата ги погодува и општините и поради тоа имаат намалена наплата на приходите, иако согласно последните податоци за долговите на општините се закучно со 31 март не може да се забележи некое влошување затоа што тоа е пред започнување на кризата. Општините се подеднакво погодени од кризата и имаа одредени барања за помош од буџетот, но кога сме во тешка ситуација и криза знаете дека опцијата за доделување дополнителни средства е доведена во прашање, кога сите треба да менаџираат согласно своите буџети и да ги намалат своите расходи. Во тој контекст беше донесена и одлука на влада за намалување на сите јавни претпријатија тековните расходи за 15 отсто. Последните податоци за долговите на општините се закучно со 31 март и не може да се забележи некое влошување затоа што тоа е пред започнување на кризата, напротив се забележува подобрување, но пред се тие сега имаат потешкотии во реализацијата на своите буџети и истите верувам ќе пристапат кон ребаланс на сопствените средства“, изјави Ангеловска.

За тоа за колку ќе се намалат приходите на општините во вториот квартал и кои општини би биле најпогодени, рече дека ваква анализа Секторот при Министерството се уште нема изработено бидејќи сите општини не ги доставиле реализациите за првиот квартал.

“Одделението задолжено за следење на единиците за локална самоуправа е во постојан контакт со општините. Сега некои општини доставуваат ребаланси ние сме во постојан контакт ги следиме. Се работи за обемни податоци со оглед на бројот 80 единки на корисници и ако имаме соодветни проекции ќе информираме, но како што кажав намената со независноста, децентрализацијата е самите тие да бидат одговорни со управување на своите буџети и јавните финансии”, потенцираше Ангеловска.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП