28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПотрошувачката кошничка расте, стандардот и куповната моќ тапкаат во место

Потрошувачката кошничка расте, стандардот и куповната моќ тапкаат во место

Македонците, Албанците и Босанците се најсиромашни во Европа. Просечниот Македонец троши само 43 проценти од  она што во просек го трошат жителите на Европската Унија. Тоа значи дека нашата куповна моќ е за 57 проценти помала од куповната моќ на Европејците, објави европското статистичко биро „Евростат“ .

„Денар“ анализираше зошто стандардот и куповната моќ на македоснките граѓани десетици години наназад тапкаат во место. Што треба да промениме за да не се остварат предвидувањата на врвните европски експерти, дека ќе ни требаат најмалку 60 години да го живееме сегашниот стандард на европските земји?

Според аналитичарите, нискиот економски раст и неправедната распределба на приходите се дел од  главните причини што земјава како да стои во место. Велат, наместо функкционален систем создадовме “капитализам на дивиот запад“, и се додека сето тоа не го смениме ќе бидеме на дното на Европа.

„Прво, имаме низок економски раст сиве овие години на независност, а второ, и тој раст што го имаме не е праведно распределен, односно, завршува само кај мал број на луѓе.

Од 1994 до сега, нашата просечна стапка на економски раст изнесувала 2,4% годишно. Словачка и Естонија, на пример, во истиот тој период имале просечен раст од 4,1% годишно. Разликата воопшто не е незначајна. Да сме растеле и ние со 4,1% годишно, сега ќе имавме 50% повисок БДП“, изјави за „Денар“ Бранимир Јовановиќ, универзитетски професор.

Според него проблем плус е и тоа што и овој раст од 2,4% што сме го имале, не се однесувал еднакво на сите, туку завршил пред сè кај најбогатите.

„Во 1990 година, најбогатите 1% луѓе во државава заработувале 4,5 пати повеќе од просекот. Сега, заработуваат 14,5 пати повеќе. Овие најбогати 1% заработуваат заедно исто онолку колку што заработуваат најсиромашните 40%. Ова не само што не е нормално и праведно, туку е и штетно по економијата. Ваквите разлики го разјадуваат општеството по сите негови линии, креираат систем во кој успеваат само привилегираните и водат до уште понизок економски раст во иднина“, потенцира Јовановиќ.

Тој вели дека причината за ваквите појави е што не успеавме да изградиме функционален систем по распадот на социјализмот, туку изградивме „капитализам на дивиот запад“.  

„Изградивме систем во кој владее законот на насилниците, при што насилниците кај нас се крупни бизнисмени, блиски до секоја власт. Тие ги поставуваат правилата на играта цело време – креираат економски политики и мерки, поставуваат и менуваат министри, добиваат тендери и пари од државата по други основи. Сè додека ова не се смени, сè додека не видиме дека економските политики се креирани од и за обичните луѓе, ќе останеме заковани за дното на Европа и во поглед на животниот стандард“, заклучува Јовановиќ.

Најмалку 550 евра – толку се минимум потребни за задоволување на потрошувачката кошничка на едно четиричлено домаќинство. Тоа се минимум пари што Сојузот на синдикатите на Македонија пресмета дека се потребни за преживување. И по „традиција“ најголемиот дел од оваа синдикална кошничка, според пресметките, завршуваат за храна и пијалоци. Па така од 33.315 денари вкупно, за исхрана и пијалаци се трошат 42,61 отсто од овие пари или 14.196 денари. Остатокот се за хигиена, домување, здравство, култура, образование, превоз. А последниот податок пак на статистика за април покажува дека просечната плата изнесувала 25.830 денари.  Над 70 проценти од работнците во земјава се со плати пониски од просечната, а речсиси 120.000 вработени на плати пониски од 15.000 денари.

Потврда за нискиот квалитет на живот во земјава стигна и од „Евростат. “Македонците живеат 57 проценти понизок стандард од европјаните, а куповната моќ им е само 38 проценти од куповната моќ на европските жители – покажува последниот извештај на Еврпското статистичко биро за 2019 година. Иако бројките се за еден процентен поен подобри од една година пред тоа, сепак земјава е на дното во споредба со земјите од Унијата.

Така според вистинската индивидуална потрошувачка по жител искажана преку стандардот на куповна моќ, земјава лани била на ниво на 43 проценти од просекот на 27-те земји на Европската унија. Или зад нас се само Босна и Херцеговина и Албанија.

Според податоците на „Евростат“, Германците трошат 25 проценти повеќе од потрошувачката на просечните жители на ЕУ, или нивната куповна моќ е 123 отсто од европскиот просек. Ако се споредиме со нив, тогаш ние сме речиси три пати посиромашни од едни од најбогатите жители на Европа. Побогати од нас се и Романците, чија потрошувачка во просек е речиси два пати поголема од нашата, но е под просекот на ЕУ и изнесува 79 проценти од неа.

И според нивото на БДП по жител (мерен според стандарод на куповна моќ), кој лани беше на ниво од 38 отсто од европскиот просек, сме биле подобри само од Босна и од Албанија.

Луксембург е на прво место и според БДП по жител мерен според стандардот на куповна моќ. Со индекс 261 или таму БДП по глава на жител е повеќе од два и пол пати поголем од просекот на  Унијата.

Другото пак истражување на Евростат за цените, покажува дека во ЕУ најскапа за живот е Данска, а најевтина е Бугарија. Потрошувачките цени во Данска се 141% над просекот во ЕУ, додека Бугарија со 53% е најповолна. Ние сме нешто под Бугарија или кај нас цените на производите и услугите се во просек 50% од европските. Храната и пијалоците кај нас се 61 % од тие во ЕУ, а речиси приближно на европските цени, кај нас се електронските апарати – 97 % од цените во ЕУ, и личен транспорт и опрема со 92%, а облеката 76% од просекот во земјите од ЕУ. Најефтини кај нас се алкохолот и тутунот со 45% од просекот во земјите во ЕУ, како и хотелите и рестораните каде цените се само 45% од европските.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП