понеделник, 8 август 2022
ПочетнаЕКОНОМИЈАДома не знаеме за што плаќаме данок, а би плаќале повеќе само...

Дома не знаеме за што плаќаме данок, а би плаќале повеќе само да сме во странство

Младите луѓе од земјава се подготвени да плаќаат повисоки даноци, но во друга земја во која има подобри услови за живеење. Високо ниво на даночен морал е забележан кај повозрасната структура на даночни обврзници и тоа посебно над 55 и над 65 години. Граѓаните со пониско образование сметаат дека доколку плаќаат повисоки даноци малку е веројатно дека ќе добијат и поквалитетни услуги. Ова се клучните наоди од истражувањето на Центарот за економски анализи за даночниот морал на граѓаните во Македонија.

Она што генерално е утврдено преку мислењето на даночните обврзници, e дека граѓаните во земјава себе си се сметаат за релативно високо даночно одговорни граѓани за кои во најголема мера не е прифатливо мамењето за даноци. За поголемиот дел на даночни обврзници или 85% не е прифатливо мамењето во даноците, а за 10% е прифатливо доколку се има шанса да се мами за даноците. Истражувањата покажаа дека даночниот морал кај даночните обврзници во Македонија зависи од степенот на доверба во институциите и во правниот систем, ефикасноста во трошењето на јавните средства, како и перцепциите за корупција. Но има и даночни обврзници кои изразуваат поголема доверба во власта, централна или локална и покажуваат повисок степен на даночен морал и даночна одговорност од оние коишто пак немаат доверба.

„Во најголем дел граѓаните во РСМ себеси се сметаат за даночно одговорни и мамењето кај даноците го сметаат во најголема мера за неприфатливо однесување. Во најголем дел граѓаните – даночни обврзници немале директен контакт со плаќање на личен данок на доход или данок на имот. Познавањето за даноците е на ниско ниво,“ стои во извештајот на Центарот за економски анализи.

Во истражувањето се забележува дека најмладите од земјава преферираат да плаќаат повисоки даноци но да живеат во странство, додека повозрасните лица би сакале да плаќаат пониски даноци и да живеат во Македонија. Имено, граѓаните на возраст до 40 години повеќе преферираат да ја напуштат државата и да плаќаат повисоки даноци на друго место и не би плаќале повисоки даноци дома за подобрување на условите бидејќи не очекуваат дека со зголемување на даноците би добиле поквалитетна или подобра јавна услуга, туку ќе бидат повторно неадекватно потрошени.

„Повисоко ниво на даночен морал е забележан кај повозрасната структура на даночни обврзници и тоа над 65 години. Оваа група преземаат „помали“ ризици, поподложни се на општествената норма дека е неприфатливо мамењето на даноци, па оттука и поголемата даночна дисциплина за доброволно исполнување на даночните обврски. Повисокото ниво на даночен морал е забележан кај помалите етнички заедници, следено по македонската етничка група, а најнизок кај албанската етничка група. Ова може да биде поврзано со високата фрагментарност на македонското општество па оттука да влијае и врз довербата во системот, и квалитетот на јавните услуги кои го добиваат граѓаните за платените даноци“, вели за Денар Весна Гарванлиева Андонова од Центарот за економски анализи, која е креатор на истражувањето.

Македонските даночни обврзници во најголема мера или 46% од испитаниците сметаат дека даночниот систем во земјава не е фер, а само за 15% системот е фер. Поголем дел од даночните обврзници или 55% сметаат дека немаат доволно информации за тоа како се трошат јавните средства од прибраните даноци и доколку би имале повеќе информации нивната навременост и точност при плаќање на даноците би била подобрена. За третина од даночните обврзници доколку средствата не се трошат според потребите на граѓаните оправдано или прифатливо е избегнување на плаќање на даноците како и прифатливо е избегнување на плаќањето на даноците доколку властите се корумпирани. Најголем дел од граѓаните кои се дел од ова истражување или 66% немаат доверба во начинот на трошење на јавните средства без разлика дали е тоа на централно или локално ниво и само десетина проценти од даночните обврзници сметаат дека истите се „адекватно“ потрошени за квалитетни јавни  услуги.

„Високообразованите лица сметаат дека со плаќањето на високи даноци воопшто не е веројатно дека ќе се добијат поквалитетни услуги. Преферираат да живеат во странство каде веруваат дека плаќањето на повисоки даноци нуди повисок квалитет на живот и поквалитетни јавни услуги. Највисоко образована структура (со повеќе од високо образование) има највисок степен на перцепција дека даночниот систем е не-фер. Повисоко ниво на даночен морал е забележан кај даночни обврзници со повисоки приходи, додека лицата кои имаат ниски месечни примања покрај тоа што се малку информирани за даночниот систем во државата и системот не им е доволно јасен, исто така немаат доверба во трошењето на даноците“, додава Андонова.

Инаку, истражувањето е направено во период од 25-ти февруари до 8-ми март годинава. Опфатени биле илјада полнолетни лица од различни социо-економски и демографски карактеристики. Предмет на оценување од страна на граѓаните во ова истражување поврзано со даночниот морал  се теми поврзани со работата на администрацијата, функционирањето на правната држава и владеењето на правото, функционалната демократија, транспарентноста и отчетноста на институциите.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП