28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа на ЦЕА: Македонија губи најмалку 102 милиони евра годишно поради ниското...

Анализа на ЦЕА: Македонија губи најмалку 102 милиони евра годишно поради ниското ниво на даночен морал

За 5 отсто од македонските даночни обврзници е потполно прифатливо доколку се има шанса да се мами за даноците, за дополнителни 5 отсто донекаде е прифатливо мамењето кај даноците. За 65 отсто воопшто не е прифатливо мамењето во даноците, а за уште 20 отсто до некаде е неприфатливо.Ова го покажува студијата што ја изработи Центарот за економски анализи според која и  после 20 години степенот на прифаќање на мамењето на даноци како морален аспект на ниво на држава е непроменет. 

Најмалку 102 милиони евра годишна загуба ја чини државата ниското ниво на даночен морал, се проценува во обемната студија „Даночниот морал во Република Северна Македонија: Анализа на факторите на даночниот морал“, што ја изработи Центарот за економски анализи од Скопје. Според ЦЕА, годишната загуба може да биде дури и повисока со оглед на помалата доверба во националната и во локалната власт.

„Македонија собира околу 17 отсто од домашниот бруто-производ во даночни приходи (процент што е практично постојан во текот на две децении) во однос на земјите од ЕУ каде што е 25-50 отсто. Ова е минималното ниво што ООН го смета за неопходно за да се постигне Милениумската развојна цел“, стои во студијата. За споредба, земјите на ОЕЦД во просек прибираат приближно 35 отсто од БДП во даночните приходи. Додека во Македонија индиректниот данок е доминантен, односно околу 80 отсто се даноци на потрошувачка (ДДВ), во ЕУ повисок процент од даноците отпаѓа на личните даноци. Како што се објаснува во студијата, просечниот фактор на придонес во ЕУ за даночно затајување(индиректно оданочување и активности за самовработување) се проценува дека е 14,5 отсто, а во друга студија се вели дека просечното затајување данок на ниво на ЕУ е 12,3 отсто од БДП или просечно 9,9 отсто.

„Доколку се држиме до овие проценки, тоа за Македонија би значело дека 9,9 отсто од БДП или пак 14,5 отсто, околу 102 милиони евра годишна загуба се должи токму на даночниот морал (што може да биде дури и повисоко со оглед на веројатниот понизок степен на даночен морал во Македонија заради помала доверба во националната и локалната власт)“, се вели во студијата.

Според авторите на студијата, подоброто разбирање за тоа што ги предизвикува разликите во даночниот морал кај земјите е клучен елемент за разбирање на доброволното исполнување на даночните обврски.

„Таков вид на бихевиористички пристап за даночен систем може да понуди и повеќе споредено со даночните системи кои се базираат на казнувањеи на предатор-жртва модел. На пример, можат да се идентификуваат кои се личните побуди на еден даночен обврзник навремено да ги исполнува своите даночни обврски или пак да не ги исполнува“, стои во студијата.

Истражувањето покажало дека граѓаните не сакаат да се чувствуваат повеќе како гласачи отколку како корисници на услуги. Затоа од голема важност се фискалната транспарентност и учеството на граѓаните во фискалните процеси. Неефикасна држава во која корупцијата е распространета може да влијае на низок поттик за соработка, односно граѓаните да не ги подмируваат своите даночни обврски.

„За жал, најголем дел од даночните обврзници кај нас, опфатени со истражувањето констатираа дека немаат доверба во државните институции ниту на локално ниту на национално ниво, и се на мислење дека доколку би плаќале повисоки даноци, истите само можат да бидат злоупотребени, а не и дека ќе бидат инвестирани во подобрен квалитет на услугите“, е еден од заклучоците на студијата.

Истражувањето покажало дека граѓаните чувствуваат дека властите ги третираат најмногу како гласачи, а помалку како партнери или како корисници на јавни услуги.

„Владеењето на правото и функционалноста на демократскиот систем е силен фактор кој влијае на даночниот морал на граѓаните. Доколку не се спроведуваат санкции за затајувачите на даноците, тоа може да влијае врз одлуката на граѓаните за навремено и целосно подмирување на своите даночни обврски“, стои во заклучоците од студијата.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП