26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДо крајот на годинава сиромаштијата ќе се зголеми во Македонија, а ќе...

До крајот на годинава сиромаштијата ќе се зголеми во Македонија, а ќе се намали средната класа!

До крајот на 2020-та година сиромаштијата ќе се продлабочува во Македонија. Најновиот извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан покажува дека во сите држави во регионот драстично ќе се почуствуваат негативните ефекти на коронавирусот. Претпоставките на Светска банка се дека во земјава повеќе од 130 илјади граѓани на крајот од годината ќе бидат сиромашни, со образложение дека се погодени од кризата. Според пресметките на меѓународната финансиска институција за околу десет отсто ќе се намали приходот кај граѓаните со најниски месечни примања, а според очекувањата кај останатите граѓани намалувањата на финансиските средстава во текот на еден месец ќе се намалат за околу 15 отсто. Очекувањата на Светска банка се дека ќе дојде до дополнително исчезнување на таканаречената средна класа во општеството.

За вакви негативни ефекти од здравствено – економската криза веќе алармираа од Македонската платформа против сиромаштијата. По објавувањето на овој извештај на Светска банка само им се потврдија тезите дека опоравувањето од кризата ќе биде тежок и долг процес. Но сега велат борбата против сиромаштијата можеби ќе биде и потешка од изминативе години кога стапката на сиромаштија иако минимално, сепак од година во година се намалуваше во Македонија.

„Во однос на состојбата со сиромаштијата, иако во извештајот не е потенцирано, евидентен е падот од 21,9% во 2018 година на околу 17% во 2019 година, што меѓудругото се должи и на промената на системот за социјална заштита и воведувањето на шемите за минимален приход, односно гарантираната минимална помош и другите додатоци кои ги остваруваат најсиромашните семејства. За жал, пандемијата ќе не врати пак на почеток, но сега со нова група на сиромашни, односно оние кои претходно живееја во ризик од сиромаштија. Во оваа група сега се многу од оние кои беа во неформалната економија и кои не се опфатени со економските мерки (дел од нив може да користат од социјалните), граѓани кои ја изгубиле работата, а не ги исполнуваат критериумите за остварување социјална поддршка, и граѓаните кои работат прекаријатно или на несигурни места со кратки договори, што исто така не се квалификуваат за социјални или економски поддршки“, вели за Денар Билјана Дуковска од МППС.

Анализата на Светска банка вели дека од сегашните 17 отсто на сиромашни граѓани во земјава, стапката очекувано е да порасне до 23 отсто. Во изведштајот стои и дека, пред пандемијата, сиромаштијата меѓу работниците во најпогодените сектори беше само четири проценти, но оваа стапка се проценува да достигне до 15 проценти.

„Повеќе од 75 проценти од оние што веројатно ќе паднат во сиромаштија сега не се покриени со ниедна програма за социјална заштита. Делумно ова претставува одраз на формализирањето на неформалните работници кои се пријавуваат за да добијат пристап до здравствено осигурување и други надоместоци“, се наведува во извештајот на банката.

Дуковска го поздравува потегот на Министерството за труд и социјална политика кое како што вели ги олесна условите за добивање на социјална поддршка, со цел да се опфатат повеќе граѓани. Но сепак, сиромаштијата се намалува само со сет од координирани социо-економски активности, додава таа.

„ Доколку не се случеше пандемијата, а се продолжеше со имплементација на предвиденото во Законот за социјална заштита, трендот на намалување на сиромаштија ќе продолжеше и во 2020 година, дополнително што оваа година требаше да се продолжи и со процесот на активација и со директната работа со семејствата. Зголемувањето на економската активност на семејствата треба да остане приоритет, но истовремено и гарантирање на достоинственоста на работните места. До закрепнување на најсиромашните неопходно е да се внимава да не се направи пребрзо укинување на постоечките ослободувања, да се продолжи поддршката во храна и хигиенски средства, но и да се дозволи субвенционирано користење на енергија и вода“, вели Дуковска.

Во извештајот се алармира за сериозно нарушување на финансиската моќ кај граѓаните од сите земји од Западен Балкан. Претпоставките се дека доколку кризата се продлабочува,  во регионот во сиромаштија ќе живеат нови 400 илјади граѓани.

Инаку во светски рамки, за човек кој живее во сиромаштија се смета секое лице кое денот го поминува со помалу од 5 долари. Во светот во скиромаштија во моментов живеат речиси 1,5 милијарди луѓе. Загрижувачки е фактот што половина од нив се на возраст под 18 години. Само еден од податоците на извештаите на ООН вели дека во светот има 820 милиони луѓе кои дневно се борат со гладта, тоа во просек би било едно на секои девет лица во светот.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП