Каде се наоѓа Македонија во однос на дигитализацијата?
“Денар“ истражуваше на оваа тема и побара мислење и ставови од експерти и надлежни институции од оваа област. Дигитализацијата е процес кој не смее да се игнорира, а колку повеќе се доцни нејзината имплементација во општеството, за толку губи и самата држава. А зошто доцни дигителизацијата во земјава? Поради неискористениот потенцијал, носталгијата по аналогното однесување или ненавремените законски измени потребни за имплементација на дигиталните сервиси.
“Според искуството како граѓанин на Македонија, но и како наставник на еден од најзначајните Факултети кој придонесува во техничките иновации во Државата и во светот, за Македонија може да се каже дека е ниско до средно дигитализирана земја, иако како релативно мала земја имаме голем потенцијал за целосна дигитализација на општеството”. Вака професор доктор Марија Календар која е Раководител на Институт за компјутерски технологии и инженерство на Факултетот за електротехника и информациски технологии ја оценува досега спроведената дигитализација на земјава. Таа смета дека за целосна дигитализација влијаат многу услови: подготвеноста на државата и компаниите насочени кон инвестиции во овој сектор, но и свеста и сигурноста кај граѓаните за користење вакви услуги.
„Ова го кажувам бидејќи постојат дијаметрално спротивни искуства во однос на „постарото“ население во државата и студентите. Додека повозрасните граѓани со доза на скептицизам гледаат на компјутерите и дигиталните сервиси, најголем дел од студентите се речиси стопроцентно подготвени и максимално ги користат дигиталните алатки. Истовремено претставуваат и сила што турка кон целосна дигитализација на нивното студентско искуство. Македонија во суштина има заземено добра насока во однос на дигитализацијата. И државата сé повеќе става фокус на дигитализацијата и поддршката на дигиталното општество, но и сé повеќе бизниси, од сите сфери (особено трговијата), се обидуваат да воведат и понудат дигитални услуги“, вели Проф. д-р Марија Календар.
За понатаму нашата земја да го унапреди користењето на е-услугите, потребно е да ревидира, но и да донесе закони кои ќе ги поддржуваат овие услуги, додава професорката Календар. Исто така, треба да се напушти скептицизмот околу прекинот на користењето на хартиени копии, со што би се избегнале дупликати и двоен напор при работењето и би се пристапило кон изнаоѓање на целосни решенија кои ги поддржуваат ваквите е-услуги. Таа смета дека досегашните Закони и регулативи делумно ја помагаат дигитализацијата на бизнис заедницата. Во изминатиот период се донесени повеќе регулативи за поддршка на овој процес и тоа треба да продолжи и понатаму.
„Според мене, потребно е процесот на дигитализација и законските измени да течат паралелно и взаемно да се „слушаат и помагаат“. Потребно е време за организација и имплементација на дигиталните услуги, а законската регулатива треба да ги следи потребите на бизнис заедницата. Односно, за сите понатамошни дејствија што се однесуваат на дигитализацијата како процес, неопходно е да има соодветна законска поткрепа. Оваа поткрепа ќе даде одредена доза на сигурност како за бизнисите, така и за нивните корисници. Сведоци сме, во денешните услови на здравствена криза, дека со брзо темпо се регулираа дигиталните услуги, па дури и на образованието на далечина. Сепак, и овие одлуки не смее да се носат набрзина и недоволно обмислено, особено во процесот на образованието. Никако не е доволно само да се „каже“ дека и образованието на далечина е валидно и законско“.
Бојан Кордалов кој е Специјалист за односи со јавност и нови медиуми, на прашањето на Денар: Дали земјава заостанува во однос на дигитализацијата?, смета дека како земја не заостануваме, туку повеќе дека не успеваме да го искористиме целосниот потенцијал кој ни стои на располагање. Статистиките за секојдневно користење на интернетот и зависноста од социјалните мрежи, чат апликации и други дигитални алатки на речиси секој од нас е огромна. Но, од друга страна, степенот на употреба на истите дигитални платформи и апликации во комуникацијата со администрацијата, онлајн нарачките или образованието е сеуште на ниско ниво. И тука секако не е вината во граѓаните, туку на недоволната посветеност и прилагодување на институциите на можностите кои ги нуди дигитализацијата.
„Да земеме еден едноставен пример, со личните документи како лична карта, пасош или возачка дозвола. Зошто да не е овозможено секому кој за тоа ќе изрази интерес преку инсталирање на апликација на својот мобилен телефон да добива известување кога му истекува личниот документ со предлог термин во кој може да дојде за продолжување на истиот. Граѓанинот ќе може да го потврди терминот или, пак, да избере друг термин кој повеќе му одговара. Ова е само еден, но има уште неброено многу примери за практична примена на дигитализацијата во интерес на секој наш граѓанин. Би сакал тука да потенцирам и дека дигитализацијата првенствено претставува избор, односно можност секој од нас да избере дали сака да ја користи. За секој кој засега ќе реши да продолжи да комуницира по традиционален пат со општината, управата или бизнис секторот, тоа секако непречено ќе продолжи да си функционира“, вели Кордалов.
Кордалов додава дека приватниот сектор многу побрзо ги увиде придобивките од дигитализацијата во своето работење, па со самото тоа и попосветено ги спроведува. Особено поголемите компании кои одамна вложуваат во софтвери и други апликации кои им помагаат во сметководствениот процес, дистрибуцијата, архивирањето, логистиката, складирањето.
„Но, во делот на е-нарачките и онлајн трговијата процесот на прилагодување оди малку побавно, иако мислам дека вонредните мерки предизвикани од корона кризата дефинитивно (ќе) го забрзаат целокупниот процес. Во оваа насока, би сакал само да потсетам дека во 2020 година сеуште постојат продажни места каде не може да се плати со картичка. И токму ова е уште еден доказ зошто ни е потребен заеднички и национален, но истовремено и натпартиски систем на координација на процесот на дигитализација. Да не чекаме евентуален втор бран од корона вирусот или некоја друга криза да не начека неподготвени да одговориме на предизвикот за прилагодување на животот и работата преку воведување на одржлива дигитализација во секој сегмент на нашето општество. На пример, доколку бевме претходно дигитално прилагодени, оние гужви кои ги гледавме пред маркетите, аптеките, банките и другите продавници кои работеа за време на кризата, немаше воопшто да бидат случај. Во такво сценарио, ќе се намалеше опасноста од ширење на вирусот, а во исто време секој граѓанин побрзо и поквалитетно ќе може да ја заврши саканата услуга“, додава Кордалов.
Од ресорното министерство за информатичко општество велат дека земјава е лидер во регионот во делот на имплементација на дигитализацијата. Официјална потврда за ова признание земјава ќе добие наскоро кога ќе биде објавен извештајот во кој е земена имплементацијата на дигитализацијата на сите држави од Западен Балкан.
„Многу често изминатиов период Северна Македонија ја нарекуваат Естонија на Балканот, а Европската Унија ги препозна нашите заложби и успех во развој на интероперабилноста на институциите, па затоа и сме дел од ИСА 2- програма за дигитална администрација, наменета само за држави членки на ЕУ. Во секој случај, тешко е да се даде највисока оценка во област којашто е толку динамична како дигитализацијата. Постојано има нов процес, подобар систем, поефикасна алатка. Направивме многу изминатите неколку години, но мораме да бидеме и самокритични и да кажеме дека има уште многу што треба да се направи.“
Од ресорното министерство велат дека основа на секој процес е поставување на законска рамка. Преку усвојување натрите закони, Законот за централен регистар на население, Законот за електронско управување и електронски услуги и Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги – во земјава целосно се усогласи регулативата на ЕУ.
Преку воспоставување на Централен ригистар на население земјава доби интегрирана база во која се складирани унифицирани податоци за сите граѓани. Граѓаните, посебно новинарите добија можност преку нова алатка на Министерството за финансии да имаат увид во трошењето на јавните пари од страна на буџетските корисници. Здравствената криза предизвикана од Ковид-19, наметна потреба од развој на неколку дополнителни дигитални алатки, кои им се на располагање на граѓаните како воведувањето на е-рецепт, како систем којшто овозможува хронично болните пациенти електронски да добиваат рецепти од своите матични лекари. Сега јавноста е во очекување на национална дигитална платформа која ќе овозможи во иднина непречена онлајн настава во образовниот систем во Македонија.
И.П