6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВасил Огњановски: Му благодарам на семејството што спаси три животи, од кои...

Васил Огњановски: Му благодарам на семејството што спаси три животи, од кои едниот е татко ми

„Операцијата се направи. Полека го будат. Очекувањата се големи. Еднаш докторите го спасија, го вратија меѓу живите, сега тоа го прават уште еднаш и едно многу големо благодарам за нив. Во државата имаме многу добри доктори што ќе спасат милиони животи“, изјави рече Васил Огњановски, синот на пациентот кому ноќеска му беше трансплантирано срце.

Тој изрази сочувство до семејството на починатата жена, чие семејство го донираше нејзиното срце и бубрезите, за да спасат неколку животи.

„И благодарам на фамилијата што со донирањето спасија три животи, од кој еден е животот на татко ми“, рече Огњановски. Тој раскажува дека се се случило многу бргу. Им било јавено пред два дена дека е најдено срце и дека ќе биде извршена првата ваква трансплантација во земјава.

Тој би сакал да се сретне со семејството на донаторката, но вели дека најпрво треба да стивне нивната болка и да закрепне татко му пред да се реализира средбата. „Сакаме да им кажеме дека нејзиното срце се уште чука. Фамилиите ќе останат сплотени, а срцето е нашето единство“, рече тој.

Првата трансплантација на срце, која беше изведена ноќеска, во координација со министерот за здравство Венко Филипче ја започна и ја водеше националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова Мијовска. Таа со својот тим болнички координтори д-р Билјана Андоновска, д-р Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесираа пациентката во мозочна смрт и ги направија сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.

На експлантацијата работеа д-р Марјан Шокаровски и д-р Александар Колевски од Клиниката за државна кардиохирургија, д-р Александар Николиќ од Аџибадем Систина, а од КАРИЛ анестезијата ја водеа др Маја Мојсова Мијовска, д-р Весна Дурнев и д-р Билјана Андоновска.

Трансплантацијата на срцето ја работеа проф. д-р Сашко Јовев и академик Жан Митрев заедно со д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Здравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р Димче Славевски од Аџибадем Систина.

На Клиниката за урологија на трансплантациите на бубрезите работеа лекарски тимови под раководтсво на д-р Сашо Дохчев, д-р Александар Трифуновски, д-р Ставридис и д-р Јанчулев со тим лекари од клиниката.Во оваа постапка беа вклучени и лекарите од Институтот за трансфузиологија кои ја направија комплетната обработка за совпаѓање на донорот и на реципиентите на органи, лекарите од Институтот за радилогија кои ги направија потребните снимања, како и лекарите од Клиниката за нефрологија кои ги водеа и подготвија за трансплантација пациентите на дијализа.

„Сите ние, а и самиот пациент Иван Огненовски бевме свесни дека тој ги живее последните недели од својот живот, бидејќи сите механизми на лекување беа исцрпени. Но, еден чин на алтруизам го смени сето тоа и Иван сега го почнува неговиот втор живот.Вака министерот Венко Филипче објасни што значела за еден човек трансплантацијата на срце, нешто што вчера во текот на вечерта и утринава за првпат беше изведено во земјава.

„Верувам дека со ова ќе се испрати порака до сите наши граѓани колку е важно органодарителството. Кардиохирургијата и медицината имаат периоди на моќ и на немоќ. До вчера не бевме моќни да го спасиме Иван и свесни бевме дека тој ги живее последните недели“, рече тој.

Но, трансплантацијата, додаде Филипче, немаше да биде можна без еден чин на човекољубие и на алтруизам.

„Семејството Диневи пред неколку дена ја загуби својата мајка и сопруга и по дијагностицирањето на мозочната смрт, се согласија да ги донираат срцето и бубрезите на починатата. Сега срцето чука во градите на Иван Огненовски и тој го почнува неговиот втор живот. Бубрезите ги спасија и двајцата пациенти кои сега нема да треба да одат на дијализа“, рече Филипче.

Тој рече дека трансплантацијата поминала успешно и се надева дека организмот нема да го отфрли срцето.

Во процесот на трансплантација, рече Филипче, за првпат се обединија капацитетите, знаењето и експертизата од врвните кардиохирурзи од три клиники, д-р Сашко Јовев од Државната кардиохирургија, Д-р Жан Митрев од болницата „Жан Митрев“ и д-р Александар Николиќ од „Систина“, кои „покажале дека здравјето и Хипократовата заклетва се на прво место“.

Д-р Јовев изјави дека пациентот е добар и изјави дека трансплантацијата претставува „круна во кардиохирургијата и медицината“.

„Овој зафат не само што претставува круна во кардиохирургијата во нашата земја, туку и претставува процес на заокружување на лекувањето на терминалната срцева слабост. Трансплатацијата на срце, иако најретко може да го добиеме, е можеби најдобар одговор“, изјави Јовев.

И д-р Николиќ изјави дека ова е историски ден за Македонија и дека во иднина ќе има што повеќе донори.

Д-р Жан Митрев рече дека долго време не постоело разбирање за овој проблем во земјава.

„Од минатата година првпат во Македонија се дозволи вградување на вештачки срца и тоа беше првиот чекор. Понатаму сето ова беше неминовно и логично ова да се случи. Колку и како доктори да сме различни, на крајот сме исти, и имаме иста цел, а тоа е да ги лекуваме пациентите, без разлика дали сме приуватни или државни. Ова е една успешна приказна“, рече тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП