24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРебалансот готов до крајот на неделава, експертите и бизнисот бараат тој да...

Ребалансот готов до крајот на неделава, експертите и бизнисот бараат тој да биде реален, а не шминка

Министерството за финансии на големо ја прекројува државната каса, преку ребаланс со кој планира да скрати и од приходите и од расходите во буџетот и да ги прилагоди на шокот на економијата и буџетот кој го предизвика пандемијата со вирусот Ковид – 19.

Според инфомациите кој ги доби „Денар“, се брза ребалансот да се донесе до крајот на неделава за да се избегнат правните лавиринти доколку Претседателот Стево Пендаровски вонредната состојба не ја продолжи и по трет пат.

Од ресорот не откриваат колку пари ќе се скратат од трошењата на државните институции. Но советникот на техничкиот премиер Оливер Спасовски, Фатмир Битиќи кој воедно е и во во советодавното тело на министерката за финансии Нина Ангеловска, вели дека ќе се скратат само 1 до 2 проценти од расходите кои за годинава беа проектирани на 3,9 милијарди евра. Што во пари значи дека ќе се скусат непродуктивните трошења за од 40 до максимум 80 милиони евра.

Ги прашавме експертите и бизнисот што очекуваат од ребалансот на буџетот и колку максимално може да се очекува да се скрати од расхосите на државните институции. Нивниот став е дека не треба шминка туку реално кратење на непродуктивните трошења. Очекуваат да се намалат бенефициите на државните функционери, да се скратат непотребни јавни набавки како мебел, опрема, возила,трошења на репрезентации во период кога глобално се е на „стенд бај“.

Универзитетскиот професор Висар Адеми е категоричен дека може да се „заштедат“ од буџетот околу 500 милиони евра.

„Тука нема филозофија. Треба да се скратат непродуктивните трошења, се купува мебел, се луксузираат со државни пари во ситуација кога земјава се соочува со најголемата пандемија со вирусот Ковид – 19. Треба да се намалат бенефициите на државните функционери, да се скратат патните трошоци, учества во бордови и слично. Не треба да се крати од капиталните инвестиции и треба подомаќинско работење. Јас знам во Македонија историски гледано дека кога се кратело, многу се кратело, односно според сите истражувања тоа изнесувало околу 5 проценти од БДП. Што значи можат да се скратат минимум 500 милиони евра“, изјави Адеми.

И бизнисот очекува поголем рез во трошењата на државата со цел помалку да се задолжиме и да го одржиме бизнисот на нозе. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Макеоднија е дециден дека не може оваа криза да се решава со козметички промени.

„Сигурно е дека  енеопходно да се направи ребаланс на буџетот и да се скратат одредени ставки за да може тие средства да се искористат за поддршка на економијата во случајот со пандемијата со вирусот Ковид – 19. Но, мора на сите да ни биде јасно дека само со ребаланс на буџетот, не само РСМ туку било која држава во светот не може да излезе од кризата. Затоа е неопходно и дополнително задолжување на државата со кредити од надвор за издвоените средства да не бидат симболични, туку навистина да помогнат што поголем број компании да останат активни и да се сочуваат работните места. Верувам дека можат големи средства да се скратат со ребалансот, прво се ближиме кон избори и се калкулира со гласачи. Не може да се решава оваа криза само со козметичка шминка на промени во буџетот. Најдобро е да не се скрати од инфраструктурните проекти, дел од трошоците во државната администрација може да се скрати, но треба да бидат похрабри во кратењата. Не ни требаат трошоци за мебел, опрема ,автомобили, репрезентативни трошоци”, вели Димитров.

Од Министерството за финасии велат дека интензивно се работи на прекројувањето на буџетот во соработка со сите членови на Владата.

„Буџетските корисници доставуваа предлози за одреденни кратења во текот на минатата недела. Имајќи ја предвид неизвесноста која е главна одлика на оваа криза, фокусот не е сама на расходната странна, туку уште повеќе и на проекциите на приходната страна од што ќе зависи и дефицитот. Со оглед дека постапката е се уште во тек, изјавите дека би се кратело 30,60 или 80 милиони евра се повеќе лицитирање во оваа фаза, уште повеќе имајќи предвид дека се разговара и за трет сет на мерки кои ќе треба да се вградат на расходната страна, а кои треба да ја ревитализираат економијата, да ја стимулираат приватната потрошувачка и да ги помогнат домашните компании и понудата. Кога ќе го имаме предлог дополнетиот буџет за 2020 година транспарентно ќе информираме”, велат од Министерството за финасии.

Инаку алармот го вклучија помалку прибраните приходи во буџетот во април. Според информаците на ресорот финасии тие бележат пад од 20 проценти во април, додека даночните приходи пад од 31 процент. Најголем пад има кај Данокот на додадена врдност од 43,5 проценти. Врз основа на овие податоци, финансии ја намали и проекцијата за БДП за годинава и очекува пад од 3,4 проценти годинава, за разлика од другите домашни и странски финансиски институции кои проценуваат дека падот на македонската економија ќе биде посилен.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП