19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали јагнешкото месо наменето за странство заврши на домашната трпеза?

Дали јагнешкото месо наменето за странство заврши на домашната трпеза?

Вкупниот извоз на земјоделските производи од земјава за првите четири месеци од годинава е намален за 16 милиони евра, вели за Денар министерот за земјоделство Трајан Димковски. Оваа година, од јануари до крајот на април вредноста на извезени земјоделски производи изнесува 160 милиони евра, додека пак во истиот период лани вредноста на извозот била за 16 милиони евра повисока и изнесувала вкупно 176 милиони евра. И узозната страна бележи намалување на вредноста,  лани во анализираниот период увезени се земјоделски производи  во вредност од 276 милиони евра, а годинава увозот достигнал 260 милиони евра.

Прв производ кој е на удар од корона кризата е јагнето кое се извезува, икнформираат од ресорното министерство. Податоците кои ги добивме од кај нив велат дека во 2019-та година од први јануари до 31-ви април се извезени вкупно 1,6 милиони килограми јагнешко месо, а додека во истиот период во 2020-та година извозот е намален на 1,2 милиони килограми. Што претставува намалување од 400 илјади килограми. Според пресметките на министерот за земјоделство Димковски, тоа во пари значи, ланскиот извоз за истиот период бил вреден осум милиони евра, оваа година нешто повеќе од шест милиони евра. Димковски вели дека редовната амортизација е некаде околу 110 илјади јагниња, така да со оваа бројка се очекува зголемување на стадата но, и амортизацијата на ударот.

„Претчуствувајќи ги последиците, Владата пред еден месец по предлог на Министерството за земјоделство направи измени во Уредбата каде што овозможивме нешто што го договоривме со одгледувачите на овци, како може да го амортизираме намалувањето на извоз на јагнето. Па така, имавме зголемување на субвенции за одгледување на женско јагне каде се покачија на 2500 денари, сѐ со цел да се зголеми и бројот но, и да овозможи на самите сточари да им се исплатат поголеми количини од субвенциите. Можам да кажам дека во 2020-та околу 50 илјади женски јагниња повеќе се оставаат. Во вкупни бројки тоа би значело околу 160 илјади јагниња оставени за амортизација.“

Затворањето на пазарите и рестриктивните мерки во регионот и Европа поради здравствената криза негативно влијае и врз извозот на зелката од Македонија. Податоците за извозот на количините зелка од почетокот на годинава во споредба со истиот период лани покажуваат дека извозот на зелка лани од јануари до 29 ти април изнесувал 38 милиони килограми, а додека годинава се извезени 44 милиони килограми.

„Тука имаме зголемен извоз но, кога ќе погледнеме изразено во пари односно во прилив, извозот во 2019-та за првите четири месеци изнесувал 17 милиони евра, додека сега во 2020 та имаме драстично намалување односно, околу 11 милиони евра. Тоа значи дека имаме поголеми количини извезено но, имаме помал прилив на средства.“

Во делот на сточарството со појавата на корона вирусот и рестриктивните мерки кои беа преземени се затворија сточните пазари, но движењето на стоката беше слободно, додава министерот. Од четврти мај се планира отворање на сточните пазари во земјава па така индивидуалните земјоделци – сточари ќе може таму одново да ги понудат своите производи.

Министерот потсетува дека доколку сточарите се регистрирани земјоделци,  односно основната дејност им е земјоделство, од минатата година се воведе и ослободување од персоналниот данок. Па така регистрираните земјоделци на кои еднинствени приливи им се од земјоделство, персоналниот данок е повратен.

Очекувањата пак за раноградинарските култури, Димковски вели дека допрва доаѓа младиот компир, доматите, пиперката која помасовно доаѓа со производство. Од ресорното министерство за Денар велат дека се отворени за комуникација со земјоделците за да видат како би се одвивал периодот со цените.

Што се однесува до извозот на јаболки во странство, се бележи помала количина, односно ако лани во првите четири месеци се извезени 44 милиони килограми, годинава извозот на јаболки изнесува само 31 милиони килограми, што претставува намалување на извозот на јаболки за 13 милиони килограми, но приливите годинава се поголеми за три милиони евра.

Кога станува збор пак за извозот на конзервната индустрија не се забележуваат драстични разлики со оној во ланскиот период. Слични се податоците, односно нема големи отстапки и кај тутунот. Ресорниот министер информира и дека на странскиот пазар е забележано одредено намалување на побарувачката и на македонското вино.

Димковски смета дека Владата навремено излегла со антикризните мерки за стопанството и за производителите на земјоделски производи. Според правилата,  регистрираните земјоделци според Законот за трговски друштва имаат право да ја користат мерката за финансиска помош од 14 500 денари од државата. Минималец може да добијат сите индивидуални земјоделци и физички лица кои се регистрирани како трговец поединец.

Една од најголемите маки на македонските земјоделци е пласманиот на своите производи, а со тоа и нелојалната конкуренција. И во оваа криза земјоделците на неколку пати алармираа дека дел од трговците ја користат ново настанатата ситуација и гледаат како да заработат повеќе од неа. Тоа го прават пред сѐ со енормно зголемување на цените, па побараа помош од Државниот пазарен инспекторат да ги зголеми контролите. Утврдени беа околу 70 трговци дека не ги почитувале правилата, па тие мораа цените да ги корегираат и да ги вратат по старо.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП