20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКолку корона вирусот е блиску до нашето работно место ?

Колку корона вирусот е блиску до нашето работно место ?

Најавите за олабавување на мерките по повод пандемијата и постепено нормализирање на состојбата го отвори и прашањето, како до безбедно работно место.

Стопанството кубури, голем дел од бизнисите се парализирани поради огромниот број на вработени кои принудно се дома и речиси два месеци не се на своите работни позиции.

Како работниците да бидат сигурни дека ќе бидат безбедни на своите работни места во ова опасно корона време?

Она што официјално се знае дека на работно место повеќе од двесте здравствени работници се заразија со корона вирусот. Секоја фирма треба да направи план како да го намали ризикот од ширење на Ковид 19, се со цел одржување на здрава работна средина.

Македонското здружение за заштита при работа излезе со посебни совети до стопанството како да се заштитат работниците за време и по корона вирусот. Потребно е да се направи реорганизација на извршување на работните задачи. Оние вработени кои овие два месеци работеле од дома и работата им дозволува тоа да го прават и натаму така да продолжат. Доколку две лица работат на иста позиција да се воведе двосменско работење. Носењето на заштитна опрема како маски и ракавици да продолжи и во следните месеци. При влегувањето во работниот простор да се обезбеди задолжителна дезинфекција на обувките. Што поретко да се користи централната клима, бидејќи токму клима уредот може да ја прошири болеста. Затоа, додека трае епидемијата препорачливо е клима уредот да не се користи или да се намали негово користење. Да се држи минимално растојание од два метри. И натаму ќе треба да се избегнуваат состаноци во затворен простор каде ќе има повеќе од пет лица. Ќе треба барем во прво време да се избегнуваат службени патувања, присуство на конференции, работилници. Од здружението велат дека како прва мерка треба да се отстрани опасноста, или доколку тоа е невозможно, истата да се замени со помалку опасна.

„Во нашиот случај не е возможно тоа да се стори, па затоа преминуваме на техничко/технолошки решенија преку конструкција на технички решенија кои ќе го штитат работникот. Со тековната зараза, тоа би било конструкција на дезинфекциони тунели за влез во работната микросредина, инсталација на УВ светилки на локации каде што во одреден временски перод би пристапиле кон стерилизација на површините, инсталација на истите во системите на пренос на воздушни маси, како и системи за јонизирање. Но, предложените мерки ги дадов само како за пример, бидејќи многу од нив зависат од конкретната микросредина и процес на работа“, вели за Денар Милан Петковски од Македонското здружение за заштита при работа.

Инаку, годишнината на Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа 28-ми април, според  Сојузот на синдикати на Македонија помина тивко и без посебно внимание во јавноста. Синдикалците се децидни дека во ова време на пандемија акцентот на оваа тема мора да се стави на здравствените работници, вработените во полицијата, армијата, комуналните работници, транспортот, трговијата, производството, градежните работници, текстилната и хемиската индустрија. Но и многу други сектори кои секојдневно ги извршуваат работните задачи и се изложуваат на ризик од зараза на себе и своите семејства.

„Ракоплескањето во овие моменти е добро но, уште подобро е зголемување на платите и подобрување на условите за работа на сите работници ангажирани и изложени во овие исклучително тешки моменти, вложување во безбедност и здравје при работа, инвестиции во здравствениот сектор, итн. Во услови кога сите заедно се бориме за нашето и вашето здравје, не дозволивме здравствената криза да премине во криза на пазарот на трудот, а за да си помогнеме едни на други Сојузот на синдикатите на Македонија се залага за создавање на услови за физичко растојание на работното место како и редовна дезинфекција на работните средства и работните простории, секојдневни тестови за сите работници кои не се чувствуваат добро, донесување на одлуки за престанок со работа од страна на претставниците на работниците за БЗР во случај кога не се исполнети барањата за здравствена заштита на работниците, вклучување на работниците и нивните претставници во процената на ризикот и преземање на соодветни мерки за спречување на КОВИД-19“, велат за Денар од ССМ.

Дополнително, синдикалците велат дека работодавачите е потребно да ги преземат сите мерки и да го сведат ризикот на минимум на изложување на работниците на Ковид 19. Не само сега, работниците треба да бидат заштитени и по завршувањето на вонредната состојба.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека заштитата на здравјето на работниците е основен услов за заштита на целата економијата. Препораките за организирање на работниот процес во производствените погони се однесуваат на лимитирање на бројот на работници во погоните каде се врши производниот процес со цел да се работи на растојание од два метри, велат од ресорното министерство за Денар. Исто така велат дека во погоните задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција нa раце и работни површини. За време на работното време од страна на вработените да се почитуваат општите препорачани мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена, зачестено миење на раце и дезинфекција со употреба на дезинфекциони средства  на база на алкохол.

„Владата и стопанството имаат иста цел – во овие вонредни услови работењето на компаниите да продолжи, но истовремено да се сочува и јавното здравје. Министерството за труд и социјална политика ги повика сите работодавачи и сите вработени строго да се придружуваат до мерките кои Владата на Република Северна Македонија ги донесе за превенција од ширење на болеста КОВИД-19“, велат од Министерството за труд.

Од труд и социјала напоменуваат, да се врши почесто проветрување на работните простории односно повеќе пати во текот на денот и доколку е тоа можно и преку природна или вештачка вентилација. Потребно е и еднаш неделно да се врши дезинфекција на сите работни простории, особено во погоните, од овластена служба за тоа.

„Во случај на непосреден контакт со позитивен лабораториски потврден случај на КОВИД-19, со или без симптоми лицето веднаш се изолира и да се пријави до надлежен Центар за јавно здравје. Да се избегнува контакт на вработените лица од погоните меѓу себе во текот на работниот процес, а особено со административните службеници. Во случај на потреба од административна работа, потпишувањето на хартиени документи да се спроведува исклучиво преку едно одредено лице кое носи лична заштитна опрема на себе, заштитна маска и ракавици. Лицата задолжени за обезбедување на објектот да носат исто така лична заштитна опрема. Возачите кои дистрибуираат готови производи, репроматеријали, хартиени документи, исто така да носат лична заштитна опрема. Да не се одржуваат состаноци и колегиуми и истите да се спроведуваат по телефон или по електронски пат“, додаваат од министерството.

Од меѓународната организација на трудот се свесни дека како расте притисокот врз земјите да ги олабавуваат рестриктивните мерки на вонредната состојба, така ќе треба државите да преземаат активности за спречување и контрола на Ковид 19 на работните места. Тоа мора да се направи преку активна вклученост и дијалог со организациите на работодавачите и работниците.

„Сите работодавачи треба претходно да извршат процени на ризикот и да осигурат дека нивните локации ги исполнуваат строгите критериуми за безбедност и здравје при работа за да го сведат на минимум ризикот на изложување на работниците на КОВИД-19 . Безбедноста и здравјето на целата наша работна сила се најважни денес. Соочени со пандемијата на заразна болест, начинот на којшто ги заштитуваме нашите работници денес јасно утврдува колку се безбедни нашите заедници и колку ќе бидат отпорни нашите претпријатија како што ќе се развива оваа пандемија”,  велат од Меѓународната организација за труд.

Од Меѓународната организација за труд се на ставот дека воспоставувањето на неопходните мерки ќе го сведе на минимум ризикот од втор бран на заразата на работното место.

Меѓународната организација на труд излезе и со листа на препораки кои се во насока на осигурување на работното место во време кога сите се надеваат дека здравствената криза конечно ќе заврши. Препораките се однесуваат на мапирање на опасностите и ризиците од зараза на сите вработени,  намалување на физичката интеракција помеѓу вработените. Подобрување на вентилацијата во фирмите, редовно чистење на просториите за работа, освен обезбедување лична заштитна опрема за работниците која треба да е на трошок на фирмата, потребное и да се овозможи обука и едукација на вработените за сочувување на здравјеето и безбедноста при работа во вакви комплицирани ситуации.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП