29 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИДСЦС: Јавните претпријатија се управувани од луѓе со несоодветно формално образование

ИДСЦС: Јавните претпријатија се управувани од луѓе со несоодветно формално образование

Како доставувачи на низа основни услуги на граѓаните, јавните претпријатија со нивната работа директно влијаат врз вкупниот квалитет на живеењето и развојот на заедницата. Примарноста на услугите кои што ги нудат јавните претпријатија, како што се водоснабдување, чистење смет, одржување на патиштата и многу други услуги, го прави работењето на јавните претпријатија предмет на интерес на многу граѓани. Имајќи ја во предвид нивната улога и доделените задачи, важно е јавните претпријатија да бидат управувани од луѓе кои што имаат знаење и искуство и кои што можат суштински да придонесат во функционирањето на претпријатијата.

Но, истражувањата на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“- Скопје покажуваат дека јавните претпријатија се управувани од луѓе со недоволно искуство во областа на работата на претпријатието и со несоодветно формално образование. Иако високото образование е јасен формален критериум за избор на директори и членови на надзорните одбори на јавните претпријатија, во реалноста ситуацијата е поинаква.

Анализата покажува дека 6% од директорите и 11% од надзорните одбори немаат високо образование. Членовите на надзорните одбори треба да имаат задолжително образование во областите право и економија поради потребата за стручна проверка на материјалното и финансиско работење на претпријатијата. Но, само половина (54%) од членовите на надзорните одбори имаат завршени правни или економски науки.

Податоците покажуваат дека правото, економијата и другите општествени науки доминираат во управувачките структури.

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, при консултацијата со неколку јавни претпријатија во текот на истражувањето, заклучува дека членовите на управните и на надзорните одбори се бираат по принцип на партиска лојалност и имаат слаб капацитет суштински да придонесат во работата на јавното претпријатие. Тоа значи дека јавните претпријатија не можат да ги искористат управните и надзорните одбори за подобрување на нивната работа иако тие за тоа добиваат финансиски надоместоци односно пари од граѓаните.

Од ИДСЦС препорачуваат по изборите (кога и да се случат), кога одново ќе се именуваат нови раководители,  Владата, како и други институции кои што ги именуваат, да се водат од принципите на јавност, компетитивност и компетенции на кандидатите.

За повеќе информации од истражувањето и препораките од Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје посетете ја веб страницата idscs.org.mk/mk/2020/04/10/кој-тоа-таму-управува-извештај-за-2019/.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП