19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонската економија ќе влезе во рецесија - различни прогнозите за падот на...

Македонската економија ќе влезе во рецесија – различни прогнозите за падот на БДП

Дека македонската економија годинава ќе влезе во рецесија,никој и не се сомнева. Но, колкав ќе биде падот на БДП, прогнозите се различни од најоптимистички до најпесимистички – или прогнозите се пад од -0,4% до -4% за годинава.

За домашните експерти пак прогнозите и прокциите за движењето на економската активност се уште се со голема доза на претпоставки и прашалници. Универзитетскиот професор Борче Треновски очекува дека падот на БДП во земјава би бил некаде во интервалот од 2,5 -3,5%.

„Веќе имаме неколку официјални проекции кои се движат од околу 0,4 – 4 отсто, па дури и попесимистички. Меѓутоа, како што кажавме реалното сценарио е некаде меѓу многуте песимистички и оптимистички во дадената ситуација. Во таа насока, имајќи ги предвид скромните индикатори со кои располагаме во моментот и оптимистичката природа (оптимистичкото сценарио) која ја имам во гледање на работите, ценам дека падот на БДП во земјава би бил некаде во интервалот од 2,5 -3,5%. Се разбира оваа пргноза е неблагодарно да се направи и се надевам дека во моментот е тешко да најдете организација и економист кои ќе можат со сигурност да дадат одговор на ова прашање, без притоа да го употребат зборот “ако”,  изјави за „Денар“ универзитетскиот професор Борче Треновски.

Сепак според него прогнози и проекции за движењето на економската активност во услови на глобална пандемија, кога се уште се недефинирани и специфицирани последици од истата, без конкретно решение како на здравствен, така и на еконосмки план за истата, е многу тешко да се направат. Треновски вели – во овој случај имаме чист ретровизор, меѓутоа шофершајбната ни е се уште заматена.

„Прогнозите за пад на БДП во нашата земја кои излегоа деновиве предизвикаа интерес во јавноста, меѓутоа тие се уште се со голема доза на претпоставки и прашалници: Колку ќе трае оваа пандемија (до јуни, до септември итн.) и колку ефикасно ќе се справуваме со истата во нашата земја; Дали ќе почне следниот месец олабавување на строгите карантински мерки кај нас, во регионот и пошироко – колку ефикасен ќе биде тој процес, што ако имаме втор бран…

Кога ќе почнат да се опоравуваат нашите главни европски трговски партнери (како и брзината на обновување на главните синџири на снабдување) без кои не можеме да размислуваме за наше економско опоравување – Светската трговска организација изјави дека очекува намалување на надворешната трговија за 32 – отсто, кое е значајно кога ќе го споредиме со намалувањето од 12-отсто во 2009 година. Колку ефикасни и ефективни ќе бидат мерките на државата на страната на јавните приходи и расходи за заштита на економскиот и социјалниот потенцијал во земјава – ублажување на ефеките врз бизнисите, невработеноста, побарувањата, инвестициите итн. Потоа, дали довербата на економските субјекти ќе се врати за 1/3/6 или повеќе месеци по стивнување на пандемијата, што е пред се од важност за транспортот, угостителството, туризмот, останатиот услужен сектор; дали оваа криза ќе остави подлабоки лузни пред се врз движењето на СДИ, како и во секторите како автомобилскиот кои се очекува да ги трпат последиците во следните од 1-3 години; дали после кризата ќе има период на прераспределба на глобалниот капитал и инвестиции, дали големите глобални играчи ќе ги модифицираат своите преференци – што може за нас да преставува и можност; колкава ќе биде фискална сметка од оваа криза за нас и како ќе ја финансисираме и други…“, вели Треновски.

Според него теоријата во ваквите случаи (епидемии, природни непогоди, војни итн. ) јасно укажува дека опоравувањето следи доста бргу по елиминирање на предизвикувачот и дека економската активност реалтивно бргу се враќа на преткризното ниво, дури и на повисоко ниво. Такви се и проекциите кои се презентирани од Светеска банка /ММФ, – значаен пад оваа 2020 година, по што би следел забрзан раст во 2021. Сепак, Треновски предупредува дека не траба да заборавиме дека и периодот на опоравување на економската активност ќе бара дополнителни ресурси и импулси, кои треба да постојат за истиот да успее.

Според до сега објавените прогнози пак, најголем оптимист за падот на макеоднскиот БДП за сега е Светската Банка. Економската активност во земјава годинава да се намали за -0,4% споредено со лани и тоа во најоптимистичкото сценарио. Прогноза претпоставува дека пандемијата со корона вирусот ќе се смири до јуни. Но, доколку трае цела година, тогаш Светска банка проценува дека падот на бруто-домашниот производ годинава ќе надмине -2%. Првичната прогноза на Светската банка за македонската економија пред да се појави пандемијата со коронавирусот беше раст од 3,2%. А извештајот пак е правен со податоци заклучно со 20 март годинава.

„Пандемијата и мерките за ограничување на дрижењето ќе влијаат врз економијата како на страна на побарувачката така и на страната на понудата. Ако епидемијата и рестриктивните мерки на национално и глобално ниво продолжат и во вториот квартал, рецесијата ќе биде потешка и ќе ги елиминира подобрувањата на пазарот на трудот од последните години и ќе ја продлабочи фискалната ранливост“, пишува во најновиот извештај на Светската банка.

Споредено пак со земјите од регионот, прогнозата за македонската економија е најоптимистичка. Првото сценарио кое засега го зема предвид Светската банка, превдидува пад на економијата од дури -6,2%, Бугарија -3,7%, Босна и Херцеговина -1,9%, Косово -1,6%, Црна Гора -1,5%, Албанија -1,3%, Србија -0,5%.

Институтот пак за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ излезе со прогноза за пад од 3,8 % на економијата годинава. Најголем интензитет на падот се очекува во вториот квартал од дури 12,7%. А економската консолидација се очекува да почне од третиот квартал. Доколу се случи пак поскорото олабавување на рестрикциите од здравствените власти ќе се забележи намалување на проектираниот пад додека, пак, пролонгирање на овие рестрикции, особено во услови на забрзување на растот на бројот на заразени лица, ќе го зголеми проектираниот пад.

Дека пандемијата со Ковид 19 ќе предизвика проблми во македонската економија предупредува и Меѓународниот монетарен фонд. Прогнозите на Фондот се најпесимистички од сите до сега.

„Економската состојба во Северна Македонија значително се влоши како резултат на пандемијата COVID-19. Се очекува реалниот БДП да се намали за 4 проценти во 2020 година, како резултат на падот на домашната и надворешната побарувачка“, соопшти ММФ.

Министерството за финансии се уште ги прави пресметките за падот на економската активност и нема објавено бројки. Проекциите со буџетот беа дека економијата годинава ќе порасне за 3,8%, но сега таа бројка е далеку од реалноста.

Неодамна Министерката за финансии Нина Ангеловска излезе со три сценарија за справување со последиците од коронавирусот. И таа потврди дека најголемиот удар врз економијата се очекува во вториот квартал.

– Главно, имаме три основни сценарија: поволно, неповолно и најнеповолно. Кај првото сценарио – поволното, предвиден е пад од 20 насто на вкупната приходна страна на консолидиран буџет во однос на планот. Тоа би значело намалување на приходите за околу 700 милиони евра, односно за толку би се зголемил дефицитот и потребите за финансирање. Кај второто сценарио – неповолното, потенцира, падот на буџетските приходи би изнесувал околу 30 отсто со што потребите би се зголемиле за околу една милијарда евра. И кај третото најнеповолното, доколку приходите паднат 40 отсто, дополнителните потреби би биле околу 1,3 милијарди евра, рече Ангеловска.

Кај сите сценарија најголемиот пад на даноците се очекува во вториот квартал од 40 до 65 отсто во однос на претходната година.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП