Експертите и бизнисот во земјава очекуваат економска криза каква што сме немале во цела независност. Ги критикуваат спорите и благи мерки на Владата и очекуваат деновиве итна реакција од Владата за да не дојде до целосен крах на економијата. Од Институтот „Finance Тhink“ предупоредуваат дека не очекува економска криза која ја споредуваат со таа од 1992 година при распаѓањето на СФРЈ кога БДП паднал 13,2 проценти, и таа во 2001 при воениот конфликт кога е забележан најголем квартален пад на БДП од 12,7 проценти. Одговорот на економските власти е итно неопходен- велат од Институтот. Неопходно е итно спасување на исплатите за плати на компаниите.
– Оваа група мерки се однесува на зачувување на работните места и платите на работниците кои не се во производниот процес поради индуцираната контракција и/или кои имаат драстичен пад на приходите. Владите на Велика Британија и на Данска, на пример, плаќаат 80 проценти и 75 проценти, соодветно, од трошокот за плата на работниците. Фирмите имаат обврска да го платат остатокот, за што се поддржани со бескаматни или субвенционирани кредити, вели Благица Петрески од „Finance Think“.
Особено е важно, потенцираат од таму, да не дојде до откажување на договорот за вработување, што е клучно за побрз излез од економската криза и брзо повторно воспоставување на производството и подигање на побарувачката веднаш по завршувањето на здравствената криза. Клучната предлог-мерка што циркулира во јавноста, за исплата на минимална плата во нето-износ од страна на државата, а даночните трошоци ги исплаќа работодавачот, е во оваа насока.
И покрај фокусот врз заштита на работните места, предупредува Finance Think, економијата ќе се соочи со отпуштања. За спроведување на предлог-мерката со која се зајакнува можноста за стекнување надомест во случај на невработеност, препорачуваат, неопходна е измена на Законот за осигурување во случај на невработеност. Со тоа ќе се овозможи секое лице кое ќе изгуби работа поради коронакризата да може да се стекне со право на паричен надомест во времетраење од најмалку шест или девет месеци.
Целосно или делумно прекинатото производство во дел од фабриките во индустријата и затворените угостителско-туристички објекти поради коронакризата ги доведуваат во прашање работните места на илјадници лица. Глобалниот прекин во автомобилската индустрија се одрази и кај нас, а фирмите членки на Советот на странските инвеститори за сега ја стопираа работата на неколку недели.
Во моментов ниту еден странски инвеститор не најавил отпуштање на вработените ниту пак повлекување на инвестициите од индустриските зони, информираат од Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони. Од таму велат дека е можно да се пролонгираат планираните активности на компаните во зависност од условите на светскиот пазар.
„Во фабриките во кои по налог на нивните централи од странство е препорачано производствениот процес привремено да запре, вработените се на платен годишен одмор кои ќе биде регулиран со надоместок на сите вработени”, соопшти Дирекцијата.
Од таму велат дека неколку фабрики се очекува да бидат на поголем удар и први да го почувствуваат шокот на пазарот. Пред се тука се мисли на капацитетите што произведуваат компоненти за автомобилската индустрија за кои веќе има најава дека на глобално ниво ќе имаат прекин на производството.
Соопштението доаѓа откако „Кромберг и шуберт“ и „Дрекслермаер“ соопштија дека времено сопираат со работа и ги испраќаат работниците на колективен одмор.
„Претставниците на странските компании едногласно порачуваат дека ќе се вложуваат максимални напори во работењето и очекуваат дека сите работни места ќе бидат задржани во идентичен број до денот на прогласување на пандемијата“, соопштија од Дирекцијата.
Истовремено, Кристина Ампева од НВО „Гласен текстилец“-Штип, вчера упати апел работниците да не потпишуваат спогодбени откази ниту, пак, празни листови. Првите вакви случаи, тврди таа, ги забележале во странските компании, но и во текстилните фабрики. Ваквите измами и потпишувања спогодбени откази за работниците ќе значат дека ќе немаат никаква правна помош, а работодавачите ќе можат да ја добијат државната помош, која е дел од мерките за коронавирусот, укажа Ампева. Таа побара Владата итно да побара список од Агенцијата за вработување и да се види точната бројка на вработени во реалниот сектор, а во оние фирми каде што ќе се утврдат вакви неправилности да се избришат од листата за државна поддршка како дел од мерките за справување со коронавирусот. Реагирано е и до Трудовиот инспекторат за работнички кои дознале дека се одјавени, откако отишле кај својот матичен лекар, кој им кажал дека немаат здравствено осигурување.
– Најголем дел од работниците не ни знале дека се одјавени, значи тие оделе на работа, а кога одат на доктор гледаат дека немаат здравствено осигурување и дека всушност се одјавени многу поодамна. Најмногу страдаат мајките на деца под 10 години и хронично болните. Такви примери имаме и во Штип, информира Ампева.
Угостителскиот сектор, кој е еден од најпогодените од кризата, предупреди дека се загрозени работните места на 29 000 вработени откако најголемиот број угостителски објекти во државава ставија клуч по стапувањето во сила на вонредните мерки што ги прогласи државата.
– Доколку нема предвидена помош со која ќе можеме да се одржиме, потребно е веднаш да ни биде соопштена таа одлука, за да може вработените кои ќе бидат одјавени и ќе останат без работа заклучно со 31.3 да аплицираат навремено за други мерки за помош за да не останат без никаков приход, апелира Мартин Ангеловски од Групацијата за угостителство.
Угостителскиот сектор бара од државата субвенционирање минимална бруто-плата за вработените, во периодот додека траат превентивните мерки, одложување на наплатата на даночни обврски и аконтации во наредните шест месеци, замрзнување и репрограма на обврските по кредити и камати, како и други достасани обврски кон банките до завршување на кризата и итно отворање на кредитните линии со субвенционирана камата.
Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Грција, Бугарија експресно реагираа со низа мерки за помош на граѓаните и компаниите.
Одложување на ратите за кредитите за граѓаните и стопанството, некаде и одложување на плаќање режиски трошоци, помош за работниците кои што ќе изгубат работа и за пензионерите со ниски пензии и социјалците , одложувања на плаќања на даноци за фирмите, финансиски инекции тешки милијарди евра за компаниите- се е само дел од економските мерки кои веќе ги донесоа, а некои веќе се носат во Собранијата на земјите од регионот за справување со штетите од Ковид 19.
Македонската влада до сега ги донесе овие мерки: 5,7 милиони евра поволни кредити за компаниите или во просек по 10.000 евра за 570 компании, субвенционирање на 50 проценти од придонесите за најпогодените сектори, туризам, угостителство, транспорт, погодените компании нема аконтативно да плаќаат данок на добивка за три месеци, ќе има олеснувања и за данокот за личен доход за компаниите кои ги исполнуваат условите. Се запира извршувањето и стечајот, а УЈП нема да објавува листа на должници. Владата најави и задолжување од 600 милиони евра за помош на буџетот и стопанството, но се уште не се знае дали и кога ќе бидат достапни овие пари и по која цена. Партиските советници пак излегоа со тврдење дека ќе имаме „дупка“ во Буџетот од речиси 2 милијарди евра.
С.А