19 март, 2024
ПочетнаКОЛУМНИМисла на неделата - Имавме и поголеми проблеми но не ги решивме

Мисла на неделата – Имавме и поголеми проблеми но не ги решивме

На враќање од работа слушам еден годсподин во доцните триесети како разговара на телефон. Добри 20 минути му објаснуваше на својот соговорник како Владата задоцнила со реакцијата во спречување на коронавирусот и како сме пред пропаст и како држава и економија.

Да се вратиме малце наназад и да ги погледнеме работите од друг агол. Се сеќевата дека и кога Титаник удрил во сантата мраз имало гости кои излегле и си скршиле од мразот за во својата пијачка и продолжиле да се забавуваат. Така некако ми изгледаше почетоков на кризава кај нас. А бе далеку е, ќе не заобиколи, пијте ракија и јадете лук и т.н. Училиштата ги распуштија децата но не можевме два дена дома да ги собереме. Луѓе дојдени од подрачја и земји со заболени не одеа во самоизолација. Ги затворија кафулињата и кладилниците, но и тоа не не спречи да изнајмуваме викендици надвор од градот и таму да се журкаме. Мораше полицијата на сила да затвора над дваесет локали во Куманово. Понатака, ја гледавте ли репортажата како народот ги почитува препораките во скопско Шуто Оризари (патем, дали новинарката го менуваше сунѓерот на микрофонот пред да разговара со секој соговорник)?

Можам да набројувам уште многу примери и сакам да ви кажам дека не сме само ние недисциплинирани. Знам со сигурност за случај дека постара госпоѓа во Перт, Австралија се вратила од Европа и со покачена телесна температура влегла во земјата. И било препорачано да оди во самоизолација но поради тоа што имала билети за опера, вечерта си била на претстава со уште 700 други луѓе. Деновиве пак во познатиот зимски ски центар Гармиш-Партенкирхен, поради слабата сезона, организирале некој вид отворен ден со големи попусти и било преполно со луѓе.

Не се издовјувам од целината затоа што сум и јас дел од нејзе и сигурно грешам, помалце или повеќе, како и сите други. Она што сакам да го кажам е дека сме во специјална војна со непознат противник. Војуваме сите и како поединци, како семејства но и како држава. Не војуваме против противник што го гледаме па можеш да се скриеш или да избегаш.

Сега сме каде што сме, во екот на пандемија кај нас. Очекувам и бројот на заболени да се зголемува експоненцијално но очекувам и бројот на излечени да расте и се надевам и посакувам да немаме смртни случаи.

Пред околу еден месец во посета на државата беше шефот на Светската Здравствена Организација кој посочи дека земјава е спремна за борба против коронавирусот. Мерки се превземаат секојдневно од сите институции. Фирмите се прилагодуваат на новите услови на работа. Помина првиот шок и складирање на резерви со храна и други продукти. Дали можело подобро и побрзо да се реагира, најверојатно да. Но, да ни е јасно дека можело и полошо.

Секој пат кажувам дека промената во едно општество треба да започне од поединецот. Колку побргу ние самите се смениме толку побрзо и општеството ќе се смени. Колку побрзо и колку подобро секој поединечно ги почитува препораките на докторите толку побрзо ќе ја победиме болеста. Иако делуваме поединечно треба да сме свесни дека нашите постапки влијаат на околината. Од каде да знам јас дека сопатникот во градски сообраќај нема или не е носител на вирус. Од каде да знам дека некој до мене, иако има симптоми, не решил дека денес треба да оди на пазар или да се прошета во парк. Луѓе, нема подбра и поефикасна борба со болеста освен превенција. Не е срамота да не отидете кај соседот и да не му честитате на добиениот бонус, срамота е да сакајќи или несакајќи го заразите него и неговото семејство.

Точно е дека економијата е на удар и дека последиците на глобално и локално ниво ќе се огромни и можебо ќе ги чувствуваме уште долго. Но сакам само едно да ги потсетам сопствениците, а тоа е дека човечкиот капитал е највреден, односно да, лесно е да ги отпуштиш вработените но после ова како да го вратиш тој човек назад или како да го мотивираш да работи за тебе.

Да си посакаме брзо оздравување на заболените, и брзо поминување на кризава за сите. И иако се кажани многу пати да повториме уште еднаш:

  • Не паничете.
  • Седете дома (не излегувајте без потреба).
  • Ако излегувате од дома носете маска и заштитни ракавици.
  • Мијте раце и одржувајте лична хигиена.
  • Ова успорување во темпото да го искористиме да си ги редефинираме приоритети во животот.
  • Читајте книги, цртајте, пишувајте поезија.
  • Играјте карти и дружете се со семејството.
  • Драстично да се казнат оние што не ја почитуваат наложената самоизолација.

Луѓе, човештвото ќе преживее, но ајде и ние, секој поединечно, да излеземе од кризава како победници.

Болеста не бира по нација, вера, боја на кожа ниту по политичка определба затоа ги замолувам сите луѓе да внимават и за себе но и за другите, политичките партии да не собираат евтини политички поени со кризава, медиумите да не шират лажни вести и паника. А ако ви е пак многу досадно, тогаш искречете си сами една соба по дома.

М-р Раде Чоловиќ

Редакцијата на ДЕНАР.МК не секогаш се согласува со ставовите искажани во текстовите од нашите соработници и истите не ги претставуваат ставовите на ДЕНАР.МК

За англиска верзија кликнете ТУКА / For english version click HERE

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП