28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА8-ми Март- Меѓународен ден на жената

8-ми Март- Меѓународен ден на жената

Меѓународен ден на жената — светски празник што се одбележува секоја година на 8 март. Тоа е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.

Идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените потекнува од почетокот на 20-от век, а на неа посебно инсистираше социјалистичкото движење. Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 г. под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911, овој празник по прв пат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8 март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири.

Рамноправноста се уште само декларативна

Негирање на женските права, дискриминација и насилство се дел од работите со кои денес сеуште се соочуваат жените. Тие денеска го слават 8 Март како ден на борба за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, но во пракса бројките се поразителни и го покажуваат спротивното. Денес се уште е мал бројот на жени на раководни функции, а тие не се и правично застапени во структурите за донесување на одлуки. Дополнително, се уште постои јаз во платите меѓу мажите и жените, односно за иста работа жените се помалку платени од мажите.

Податоците што ги објави Државниот завод за статистика во публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија“ покажуваат дека вработеноста се карактеризира со многу неповолна полова структура, односно стапката на вработеност во 2017 година кај жените изнесува 34,6 и е значително пониска во споредба со онаа кај мажите која изнесува 53,6.

Пониска е и стапката на активност на жените и изнесува 44.3, а забележливо е повисок кај мажите – 69.3.

Жените се уште ретко се одлучуваат и да почнат бизнис и најчесто тоа го прават од потреба. Така, бројот на жени претприемачи се движи околу 30 проценти и најчесто ги има во услужните дејности. Застапени се во микро и малите претпријатија кои имаат мал обрт и профит. Причината за тоа е неможноста да се направи баланс меѓу професионалниот и приватниот живот и социјалната структура на државата односно немањето доволно услови за социјална грижа за децата и старите лица. Од друга страна и менталитетот кај нас е се уште таков што мажите, за жал, само припомагаат во домашните обврски, а не се грижат заедно со жените за семејството.

Од друга страна, статистичките податоци покажуваат дека жените се повеќе факултетски образовани од мажите. Така, се повеќе жени се запишуваат на факултет и на втор и трет циклус студии. Главно ги има на општествените, хуманистичките и медицинските науки за разлика од мажите кои повеќе преферираат да се запишуваат на техничко-технолошките науки. Слична е ситуацијата и во средното образование односно женските деца повеќе сакаат да се запишуваат во гимназија, а машките во стручните училишта.

Во однос на процентуалното учество на жените и на мажите во вкупното население нема некои поголеми промени. Така, речиси подеднакво е учеството или изразено во бројки 49,9 проценти се жени, а 50,1 процент мажи. Од друга страна, сепак жените се подолговечни од мажите или поинаку кажано живеат 3,8 години подолго од мажите.

И покрај тоа што бројките за односот на мажите и жените во општеството не бележи некои драстични промени, сепак денеска жените се во центарот на вниманието. Во нивна чест најавени се повеќе настани.

Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права четврта година по ред организираат „Марш за правата на жените“. Годинава, маршот ќе биде посветен на жртвите на родово базирано насилство и според најавите ќе се маршира под слоганот „Ти не си виновна!“.

Денеска речиси секоја жена ќе добие цвеќе или подарок од своите најблиски.

 

Билјана Анастасова – Костиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП