За десет години во земјава влегле 2,6 милијарди евра директни странски инвестиции – покажуваат податоците на Народната банка. Бројките покажуваат дека не „цветаат рози“ во главниот адут во предизборните кампањи на сите владеачки гарнитури до сега. Годишно парите кои се влеваат во земјава од странските инвеститори значително варираат. Така, има години кога тие изнесуваат нешто над 100 милиони евра, а и такви каде надминуваат 600 милиони евра. А просекот за изминатите 10 години изнесува 256 милиони евра годишно.
Двете „најплодни“ години кои се на врвот по странски директни инвестиции во изминатите 10 се 2018 година и 2016 година. Односно во 2018 година во земјава влегле рекордни 614 милиони евра, а 2016-та 338 милиони евра. Ако се гледа пак подалеку од десетгодишниот период, на листата најмногу странски инвестиции по години, рекордот повторно го држи 2018-та со 614 милиони евра, но втора е 2007-ма година со 505 милиони евра.
Податоците кажуваат дека за трите квартали од 2019 година во земјава влегле 131 милион евра. А се уште не се објавени податоците од четвртиот квартал лани. Но и без нив ланската година е далеку полоша од претходната, но и од годините пред тоа во последните 10. Најлоши години по влезот на странските директни инвестиции во последните 10 се во 2012 година кога приливот изнесувал само 111 милиони евра, но и 2010 кога странските инвестиции избројале само 160 милиони евра. Додека гледано над 10 години, убедливо најдолу на скалата се 2005 година со 77 милиони евра и 2003-тата со 100 милиони евра директни странски инвестиции.
Според експертите влезот на земјава во НАТО алијансата може драстично да го забрза влезот на странскиот капитал во земјава, по примерот на други земји каде драстично пораснале странските инвестиции.
Но според бизнисот има многу кочници на патот за странските инвеститори кон земјава. Како домашните така и странските во повеќе наврати алармираат до властите дека се потребни промени за подобра бизнис клима како зајакнување на инструментите за борба против неформалната економија, борбата со корупцијата, реформа во правосудството, во образовниот систем како и реформи во администрацијата.
Странски директни инвестиции по години:
2019 година (јануари-септември) 131,29милиони евра
2018 година 614,08 милиони евра
2017 година 181,73 милиони евра
2016 година 338,43 милиони евра
2015 година 216,72 милиони евра
2014 година 205,14 милиони евра
2013 година 252, 20 милиони евра
2012 година 111,22 милиони евра
2011 година 344,41 милиони евра
2010 година 160,47 милиони евра
2009 година 144,97 милиони евра
2008 година 399,89 милиони евра
2007 година 505,97 милиони евра
2006 година 344,82 милиони евра
2005 година 77,21 милиони евра
2004 година 260.67 милиони евра
2003 година 100,41 милиони евра
Извор: Народна банка