Во земјава има околу 18 илјади компании – потрошувачи евидентирани по мерни места кои се снабдуваат со електрична енергија на слободниот пазар. Од Регулаторната комисија за енергетика за Денар потенцираат дека бројката на фирми која е на либерализираниот пазар на електрична енергија може да биде нешто помала бидејќи една компанија може да биде приклучена на неколку мерни места. Она што е битно за регулаторот како што велат е дека во однос на снабдувањето со електрична енергија и за меѓусебните релации помеѓу снабдувачите со електрична енергија и компаниите, немаат добиено значајни поплаки.
„Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги е задоволна од функционирањето на новиот модел на универзален снабдувач. Потрошувачите немаат забелешки со што можеме да соопштиме дека се обезбедени стабилност и сигурност во испораката на електрична енергија. Во периодот од 1 јули 2019 година кога универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје започна да ја врши енергетската дејност, се до денес, нема отворени прашања во поглед на снабдувањето со електрична енергија“, велат од РКЕ
Не само слободниот пазар, регулаторот тврди дека енергетскиот сектор во целина во оваа грејна сезона нема поголеми проблеми. Велат дека во делот на електрична енергија се јавуваат отворени прашања во мрежите поради преоптовареност на некои елементи. Но за да се избегнат вакви состојби во иднина или да се сведат на минимум, надлежните имаат преземено иницијатива и во моментов се подготвува предлог-решение во кое ќе се предвиди задолжително при издавање на одобрението за градење точно да се наведе на што ќе се грее секој нов објект што ќе се гради.
„Клучна цел е на најефикасен и најекономичен начин да бидат искористени ресурсите со кои располагаме како држава за да се реши греењето на граѓаните. На пример: каде што има организиран систем на греење, новите градби да се приклучат на истиот, а доколку инвеститорот покаже дека има поефикасен систем како би го решил проблемот со греење, не е спорно тоа решение да го реализира. На овој начин ќе можат и компаниите од енергетскиот сектор соодветно да ги планираат идните инвестиции“, потенцираат од Регулаторната комисија за Енергетика.
Што се однесува до регулираниот пазар, ЕВН Хоме од 1 јули 2019 година, па во следните пет години има обврска да ги снабдува домаќинствата. Но и малите потрошувачи кои што одлучиле да се снабдуваат од универзалниот снабдувач со електрична енергија, односно поради одредени околности останале без својот снабдувач со електрична енергија.
„Универзалниот снабдувач на електрична енергија ЕВН Хоме ги снабдува со електрична енергија корисниците кои не избрале снабдувач на либерализираниот пазар. Поточно, ЕВН Хоме ги опслужува сите домаќинства и бизниси со помалку од 50 вработени и вкупен годишен приход помал од 2 милиони евра кои не избрале свој снабдувач. Корисниците на ЕВН Хоме продолжија да ги добиваат истите услуги како и досега, користејќи ги истите поволности, дополнителни услуги и канали за комуникација. На располагање и понатаму им останаа контакт центарот на три јазици и 24 часа дневно, приемните канцеларии во Корисничките енерго центри низ државата како и сите наплатни места“, велат од ЕВН за Денар.
ЕВН беше избрана како најповолен понудувач на јавно наддавање и како универзален снабдувач на регулираниот пазар работи според фиксна маржа дефинирана од тендерската процедура во наредните 5 години.
Компанијата продолжи да го користи истото лого и визуелен идентитет на ЕВН. Согласно Законот за енергетика, корисниците на отворениот пазар добиваат две одделни фактури за односен пресметковен период и тоа:
-фактура за плаќање на надоместокот за користење на дистрибутивниот систем која ја доставува Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје.
-фактура за потрошена електрична енергија од одбраниот снабдувач.
Надоместокот за користење на дистрибутивниот систем кој го наплаќа Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје се пресметува по тарифи претходно одобрени од Регулатроната комисија за енергетика и водни услуги.
Во периодот додека компанијата нема избрано снабдувач на отворениот пазар на електрична енергија, но најмногу до 90 дена, снабдувањето го врши ЕВН Хоме ДОО Скопје како снабдувач во краен случај на електрична енергија, во согласност со Законот за енергетика, Лиценцата за вршење на енергетска дејност и Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај, каде се дефинирани обврските за снабдување и начинот на формирање на цените за снабдувачот во краен случај.
Согласност со Законот за енергетика потрошувачите се должни да изберат снабдувач на отворениот пазар во рок од 90 дена, период по кој ЕВН Хоме ДОО нема повеќе да има можност да ги снабдува со електрична енергија.
Засега е рано да се прогнозира каква би била или дали воопшто ќе има некакво ценовно поместување во однос на новата цена на струјата. Претпријатијата од областа на енергетиката од земјава во следниов период треба да ги достават барањата за утврдување на цена најдоцна до 30 мај оваа година. По што Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ќе пристапи кон детална анализа и проверка на целокупните трошоци, по што ќе биде утврдена и донесена одлуката за цена на електричната енергија до 30 јуни годинава.
И.П