3 јули, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТој што продава или издава стан мора да има сертификат колку енергија...

Тој што продава или издава стан мора да има сертификат колку енергија троши

300 енергетски контролори, 80-тина друштва кои пред повеќе години се лиценцираа за да вршат енергетска контрола, но и Агенцијата за енергетика сега конечно ќе можат да се „фатат“ за работа.

Новиот Закон за енергетската ефикасност, кој минатата недела беше изгласан во Собранието и пратен во „Службен весник“, веќе е во сила. Тоа ќе значи дека секој кој ќе продава или издава стан, нема да може тоа да го направи ако не приложи документ за тоа колку е тој енергетски ефикасен. Со тоа секој што купува или изнајмува стан ќе знае, според неговата енергетска ефикасност, колкава е потрошувачката на енергија во него. Ова е втор обид, откако до сега ова беше регулирано со стариот Закон за енергетика од 2011 година и подзаконски акти. Но освен обуките на енергетските контролори и лиценците за компаниите, во пракса не профункционира.

„Старото законско решение го попречуваше развојот на пазарот на енергетските услуги, со тоа и инвестициите во оваа област, иако приближно 300 енергетски контролори посетија обуки и положија испити по што стекнаа овластување за вршење енергетска контрола и соодветно на тоа 80-тина друштва стекнаа лиценца за вршење енергетска контрола. Со новиот Закон за енергетската ефикасност, кој беше објавен во „Службен весник“ и од денеска стапи во сила, нашата држава во целост ги имплементира соодветните прописи за енергетска ефикасност на Европската Унија“, велат од Министерството за економија.

Со новиот закон освен станбените згради, овластени енергетски контролори ќе ја проверуваат енергетската ефикасност и на големите претпријатија, организации. А ќе се прави контрола и на објектите на државните и јавните инситуции.

„Во согласност со предложените решенија на законот, јавниот сектор ја презема водечката улога и е обврзан да дава позитивен пример во поглед на подобрувањето на енергетската ефикасност во Република Северна Македонија. Законот пропишува многубројни обврски и мерки во овој поглед, како што се обврските за реконструкции на зградите во јавниот сектор на среден и долг рок и обврските за јавни набавки на исклучиво енергетски ефикасни стоки и услуги. Понатаму, законот пропишува и обврски за следење на потрошувачката и заштедите на енергија од страна на општините и другите лица од јавниот сектор. Со ова, јавниот сектор, а пред сè, Владата и министерствата, ќе ја преземат водечката улога кон остварување на целите за енергетска ефикасност, кои, покрај користа што ја донесуваат за нашите граѓани и економијата, претставуваат обврска во согласност со преземените обврски со Договорот за енергетската заедница на патот на нашата држава кон полноправно членство во ЕУ“, велат од ресорот економија.

Со законскоото решение се прецизираат одредбите и модел-договорите, кои овозможуваат реализација на проекти за подобрување на енергетската ефикасност како за реконструкции на згради така и за други вложувања во енергетска опрема и инсталации.

Со користењето на овој модел таквите инвестиции нема да претставуваат трошок за корисниците бидејќи тие се финансираат од самите остварени заштеди на енергија. Во овој поглед очекуваме заживување на пазарот на енергетски услуги и со тоа значајни вложувања, особено во јавниот сектор, на еден ваков иновативен начин – реконструкции и заштеди, без значајно финансиско отповарување на корисниците на овие енергетски услуги. Со ова, граѓаните, покрај подобрување на енергетската ефикасност на згради што ги користат државните органи и општините, ќе може да очекуваат и реконструкции на училишта, болници и други објекти што ги користат секојдневно”, велат од економија.

Новина е и тоа што граѓаните тешко ќе можат да се исклучуваат од системот за парно греење. Законот предвидува секој граѓанин приклучен на системот на топлинска енергија ќе може да се исклучи од системот, само во случај кога системот на кој планира да се приклучи обезбедува подобри енергетски перформанси, односно е поефикасен и еколошки поприфатлив и го намалува користењето примарна енергија. Но граѓанинот ќе треба да обезбеди писмена согласност за исклучување од системот за централно греење од мнозинството од вкупниот број сопственици на посебни делови на зградата.

Се предвидува и основање фонд за енергетска ефикасност како независно и самостојно правно лице. Средствата од фондот ќе се користат за финансирање проекти и мерки за енергетска ефикасност, по примерите од други држави од Европската Унија, каде што фондовите за енергетска ефикасност постојат подолго време и успешно го помагаат развојот на енергетските услуги и подобрувањето на енергетската ефикасност воопшто. Условите и начинот на работење на фондот ќе се уредат со посебен закон.

Со овој закон земјава се усогласи со директивите на ЕУ, обврска која беше дадена од европската енергетска заедница.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП