1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАК-15 за 20 илјади административци

К-15 за 20 илјади административци

Со потпишување на Гранскиот колективен договор помеѓу синдикатот УПОЗ и Владата, вработените во  органите на државната управа, стручните служби на Владата, судовите, јавните обвинителства, казнено – поправните установи и воспитно – поправните установи, државното правобранителство, единиците на локалната самоуправа, агенциите, фондовите и центрите за социјални работи и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија, од годинава ќе добиваат регрес за годишен одмор попознат како К-15.

Станува збор за околу 20 илјади лица кои се под синдикатот УПОЗ кои ќе добиваат иста сума на  К- 15 како и вработените во приватниот сектор. Според министерката за финансии Нина Ангеловска ваквата одлука нема негативно да се одрази врз државната каса.

„Во однос на концептот на донесената одлука, уставно и фер е да важи за сите вработени. Оваа е законска обврска  за приватниот сектор но мислам дека е фер и за јавниот сектор и не е дискриминирачки ова право да го имаат сите вработени во нашата земја. Во однос на фискалните ефекти, од прилика тие изнесуваат 200 милиони денари“, вели Ангеловска.

Од синдикатот УПОЗ за Денар велат дека ова е голем исчекор и конечно после 25 години, со вистински социјален дијалог успеале да дојдат до финалниот  колективен договор кој ги регулира и унапреди правата на вработените. Додаваат дека, вработените се должни совесно и одговорно да ги извршуваат обврските на работното место, да ја почитуваат деловната способност на работодавачот согласно законите. Се регулира работното време кое е флексибилно и започнува од 07.30 – 08.30 часот, паузите, годишниот одмор и друго.

„Со овој Колективен договор, за прв пат синдикалните организации при Синдикатот на УПОЗ ќе учествуваат во изготвување на правилници за внатрешна организација и систематизација на работните места, како и евентуалните измени и дополнувања, а со свој претставник ќе бидат вклучени и во процесите на спроведување на функционалната анализа. Во делот на платеното отсуство, за лични и семејни причини зголемени се некои права со што членовите на Синдикатот на УПОЗ ќе имаат по еден ден повеќе платено отсуство од другите вработени. Новина во овој Колективен договор е што после десет години, вработените ќе имаат право на трошоци за службено патување во земјата. Исто така после многу години со почетокот на оваа година вработените ќе имаат право на регрес во износ најмалку од 9000 денари, кој работодавачот е должен да го исплати до крајот на тековната година“, велат од УПОЗ.

Согласно Законот за работните односи постојат два вида на колективни договори кои се општи и важат за целата република: Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството и Општ колективен договор за јавниот сектор. Коментар побаравме и од Организацијата на работодавачи.

Ангел Димитров, кој е прв човек на оваа организација смета дека, општиот колективен договор за јавниот сектор не е потпишан од страна на социјалните партнери-репрезентативниот синдикат во јавниот сектор и министерот надлежен за работите од областа на трудот, вработените во јавниот сектор немаат утврдено право за исплата на Регрес за годишен одмор или популарно наречениот К-15. Ваквата ситуација според него ги става вработените од јавниот сектор во нерамноправна положба во однос на вработените во приватниот сектор и се чувствуваат обесправени.

„Од друга страна додатен проблем се јавува со разните правни лица кои вршат дејност од јавен интерес, а се со приватен капитал. Инспекторите различно го толкуваат членот 204 од ЗРО каде е уредено дека Општиот колективен договор за јавниот сектор покрај органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, агенциите и фондовите,  важи и за сите други правни лица кои вршат дејност од јавен интерес. Па така се случува, приватните здравствени или образовни установи или комунални дејности да добиваат решение од Инспекторот за труд да исплатат К-15, затоа што се со приватна сопственост. Оваа состојба мора да се реши со измена на ЗРО или да се прецизира со новиот ЗРО, затоа што предизвикува многу судски спорови во земјата“, вели Димитров.

Се огласи и Конфедерацијата на слободни синдикати во чии рамки функционира и Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија. Одлуката за добивање на регрес за годишен одмор преку колективниот договор кој ќе го потпише синдикатот УПОЗ за нив претставува класична предизборна измама. Од синдикатот СОНК пак кој ги застапува интересите на вработените во образовните институции побараа од Министерството за труд веднаш да почнат со преговорите за потпишување на Општ колективен договор за јавниот сектор, во спротивно државата како најголем работодавач, за некого ќе биде „мајка“, а за некого „маќеа“, наведуваат од СОНК.

Инаку, со измени на Општиот колективен договор за приватниот сектор, во 2014-та година се воведе Законската обврска за исплата на регрес за годишен одмор која беше укината во 2005-та година.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП