2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаконите за отпис на камати во ќор сокак

Законите за отпис на камати во ќор сокак

Помалку од две недели останува за носење на законите кои предвидуваат бришење на каматите на долгови кои им се натрупани на граѓаните и јавните претпријатија формирани од локалните самоуправи. 12 февруари е денот кога се распушта собранието, а за Законот кој важи за јавните претпријатија опозицијата поднесе 3.100 амандмани.

Невладиниот сектор очекува дека многу брзо законот кој ги тангира граѓаните ќе стапи на сила, бидејќи имаат информација дека  договор помеѓу пратениците голем број на закони да бидат донесени пред изборите. Во моментов се затечени од огромниот број на амандмани за законско решение кое ги тангира јавните компании, кое според планот треба да се донесе, за на ред да дојде Законот за отпис на камати на долгови на граѓаните. Од „Стоп за извршители“ велат дека се надеваат дека законите ќе бидат донесени навреме, но и дека тука не застануваат, и велат и натаму ќе се залагаат за правата на граѓаните.

„Има предмети за кои тврдиме дека има апсолутна застареност, и ќе бараме можност да важи и за приватните фирми и банки. Таму граѓаните се влезени во лавиринти, и тешко ќе излезат без конкретна помош од владата. Овој закон важи со препорака до приватните компании, но колку тие ќе имаат слух тоа да го слушнат не знам“, вели Маријан Ристески.

Од власта сепак се скептици дека овие закони ќе поминат, со образложение дека за нив престои широка дебата со оглед на големиот број на приговори од ВМРО-ДПМНЕ. Од министерството за правда, креаторот на законските решенија тврдат дека повеќе нема да опростуваат долгови на граѓани и компании.

„Повеќе нема да толерираме несовесно работење на одредени лица и органи во општините, односно во јавните претпријатија. Со ова ќе се постигне, доколку се тргнат каматите, се надеваме или сме убедени дека ќе успеат да ги платат своите долгови. Значи во оној нето износ со трошоци, репрограмирани на одреден временски период во зависност од висината на долгот, и да стартуваат од нула. Не би требало и натаму да се случуваат вакви ситуации како оваа, не може државата секогаш да простува“, велат од министерството за правда.

Што се однесува до опозицијата, од ВМРО ДПМНЕ велат дека носењето на законот за отпис на камати од долгови на јавни претпријатија е озаконување на незаконско трошење на јавните пари. Како потврда за тоа опозиционерите тврдат дека за две години долговите на јавните претпријатија пораснале за над 12 милиони евра.

„ Средствата кои им се дадени на јавните претпријатија и општините за раздолжување истите ги користат за луксузирање и за зголемување на бројот на вработени иако немаат економска оправданост за тоа. ВМРО-ДПМНЕ поради овие причини нема повторно да учествува во собирањето на парите од разни даноци од страна на владата, а истите да се трошат во предизборие и за луксузот на градоначалниците и локалните функционери од власта“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како примери од опозицијата наведуваат дека 16 јавни претпријатија го зголемиле својот долг од 200 до 500 проценти за една година. Еве дел од претпријатијата кои ги наведе ВМРО-ДПМНЕ :

Јавно претпријатие за стопанисување со спортски објекти Радовиш има зголемување на долгот од 380 отсто, Јавното сообраќајно претпријатие Скопје раст на долгот од 115 отсто,  Јавно претпријатие за енергетски дејности Струмица гас има зголемување за близу 100 отсто. Јавното комунално претпријатие од Струмица има зголемување од 53 отсто.

Што се однесува до Законот за отпис на камати од долгови за граѓаните, политичките партии се едногласни дека треба веднаш да се донесе. Според законот треба да се избришат каматите од  долговите на граѓаните од државните и јавните претпријатија заклучно со 31 декмври 2017 година. Кај приватните останува да одлучат дали ќе го почитуваат  законот или не.

Пред помалку од две години со ребалансот на буџетот во 2018-та година, владата обезбеди 50 милиони евра за да го намали долгот на општините во земјава. Во тој момент минусот во касите на општините надминуваше 80 милиони евра, а пак сите претпријатија кои се под државна капа должеа речиси 310 милиони евра. Општините тогаш добија и попусти од доверителите за што поефикасно раздолжување и можност за финансиска стабилизација. Но и покрај подарените пари од државната каса луксузирањето на дел од градоначалниците не престана и продолжија со непродуктивните трошења.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП