19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнис форум: Македонија добра бизнис дестинација за германските инвеститори

Бизнис форум: Македонија добра бизнис дестинација за германските инвеститори

invest-in-macedonia_a

Германските бизнисмени треба да ги искористат можностите за инвестирање што ги нуди Македонија, порача потпретседателот на Хамбуршката стопанска комора Јенс Петер Брајтенгрос на денешниот бизнис форумот во Хамбург на кој владиниот тим предводен од премиерот Никола Груевски ги презентира македонските бизниси потенцијали.

Брајтенгрос истакна дека политиката на македонската Влада за економски развој и привлекување странски инвестиции е успешна, а создавањето здрава околина за инвестирање во приватниот сектор, атрактивниот даночен пакет и рамниот данок се предизвик за многу инвеститори.

– Вложени се огромни напори во инфраструктурата, да се генерира економски развој и да се привлечат странски инвестиции. Оваа политика беше успешна и вие како премиер бевте позади оваа политика веќе подолго време. Како резултат на добрата монетарна политика и врзувањето на вашата валута со еврото, економскиот раст повторно се зголеми за околу 3 проценти во 2010 и 2011 година, изјави Брајтенгрос.

Премиерот Груевски пред бизнисмените од фармацевската индустрија, градежништвото, прехранбената индустрија и енергетиката ги презентираше поволностите што државата им ги нуди на странските инвеститори и ги посочи позитивните искуства на германските инвеститори во Република Македонија.

– Искуствата од инвестициите на „Кромберт и Шуберт“ и „Дрекслмајер“, се исклучително поволни, а нивните бизнис планови се насочени кон проширување на нивните капацитети што е доказ за поволната бизнис клима која Владата ја создава на планот на инвестициските можности”, рече Груевски, додавајќи дека Македонија како поволна бизнис дестинација во последните две години ја препознале и „Џонсон Контролс“, „Кемет електроникс“, „Виндтек Интернешенел“, „Протек Групацијата“ и многу други компании.

Овие успеси, според Груевски, се плод на суштинските реформи кои ги спроведува Владата и кои се признати од реномирани меѓународни институции како што се Светска банка која во последниот извештај „Доинг Бусинесс“ ја рангираше Македонија на 23 позиција меѓу 185 земји.

Посочи дека и реномираната „Прајсвотерхаус Куперс“ во својот извешај „Плаќање даноци“ за 2013 година ја прогласила Македонија за 24-та најпријателски настроена земја во светот во однос на даночниот товар и даночниот третман на бизнисите.

– Исто така, неодамна „Форбс“ објави дека Република Македонија е второрангирана во Југоисточна Европа во однос на квалитетот на деловното окружување, далеку понапред од новопримените членки на ЕУ, Бугарија и Романија, рече Груевски.

Пред германските бизнисмени, македонскиот премиер ги претстави и макроекономските резултати на македонската економија со просечна стапка на инфлација од 2 до 3 проценти во изминатите десет години, среднорочна политика на буџетски дефицит од околу 3 проценти од бруто домашниот производ, низок владин долг од само 34,1 проценти од БДП на крајот на април годинава.

Како предности за инвестирање во Македонија, Груевски ги истакна и потпишаните договори за слободна трговија со Европската Унија и земјите од ЕФТА и ЦЕФТА, како и со Турција и Украина, кои обезбедуваат пристап до пазар од 660 милиони потрошувачи, а се осврна и на поволниот и низок даночен пакет кој се нуди на компаниите, кој опфаќа единствена стапка од 10 проценти на персоналниот данок на доход и 10 отсто на данокот на добивка.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски се осврна на реформите за намалување на процедурите за водење на бизнис и инвестициите во образованието кои имаат за цел креирање на добро образована работна сила. Истакна дека драстично е намален административниот и регулаторниот товар за водење бизнис, а во неколку фази е спроведена и Регулаторната гилотина.

Министерот Бил Павлески ги претстави можностите за инвестиции во туризмот, во енергетиката и во градежништвото, а дДиректорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо информираше дека оперативни се три зони, но додаде дека Владата гради уште десет други кои ќе им се на располагање на странските инвеститори.

Бизнис форумот во овој германски град се одржа во соработка со Стопанската комора на Хамбург, а на него присуствуваа бизнисмени од околу 30-тина компании.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП