24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШтедењето за пензија - оптимална инвестиција за стабилни пензионерски денови

Штедењето за пензија – оптимална инвестиција за стабилни пензионерски денови

Купување акции во домашни или странски компании, инвестиции во државни обврзници, банкарски депозити, удели во инвестициски фондови… Ова се некои од опциите што им стојат на располагање на граѓаните кои планираат да започнат со долгорочно штедење. Но која опција во овој момент е оптимален и правилен избор? Анализирајќи ги извештаите на различни институции, вклучувајќи ја и Агенцијата за супервизија на капиталното финансирано пензиско осигурување (МАПАС), дојдовме до заклучок дека овој оптимум е постигнат кај задолжителните и доброволните пензиски фондови.

Капиталното финансирано пензиско осигурување е високо регулирана дејност. Контролите во работењето на пензиските друштва и начинот на управувањето со  заштедите во пензиските фондови се строго регулирани со Закон, особено во насока на тоа во кои финансиски инструменти смее да се инвестира, кои се максималните проценти за инвестирање во одделен вид на финансиски инструмент, колку треба да се вложува во земјата, а колку во странство и други ограничувања. За оваа цел, Триглав пензиско друштво АД Скопје, Сава пензиско друштво а.д. Скопје и КБ Прво пензиско друштво АД Скопје имаат формирано експертски инвестициски тимови, со меѓународни сертификати за управување со средства и ризици, а од друга страна МАПАС секојдневно го контролира нивното работење.

Според податоците на МАПАС, на индивидуалните сметки на членовите во вториот столб акумулирани се вкупно 1,22 милијарди евра. Овие средства се формирани од уплатените пензиски придонеси од членовите и остварениот принос од инвестирањето на тие пензиски заштеди низ годините. Просечниот принос кој го оствариле двете пензиски друштва од инвестирањето на средствата на задолжителните пензиски фондови, номинално изнесува над 5,5% на годишно ниво од почетокот на работењето на фондовите во 2006 година, заклучно со 30.09.2019 година. За третото пензиско друштво кое на пазарот се појави годинава, согласно регулативата, сѐ уште нема објавени податоци за принос. Во тој период друштвата наплаќале надоместоци на уплатените придонеси кои во 2006 изнесувале 8,5% од уплатен придонес, за во 2019 да се намалат до 2,25%, како и месечен надоместок на нето-средствата во фондовите, кој во 2006 изнесувал 0,05%, за сега да изнесува 0,03% на месечно ниво.

Тие што сакаат дополнително да штедат за својата старост, може да издвојуваат средства во третиот доброволен пензиски столб. Во овие фондови, според МАПАС, заклучно со 30 ноември 2019 година биле акумулирани нето-средства од 1,91 милијарди денари или 31,07 милиони евра, средства кои членовите доброволно ги уплаќаат според динамиката што самите ја одредуваат. Просечниот принос од инвестирањето и овде е повеќе од солиден, односно во номинала надминува 6% на годишно ниво. Овде надоместоците од придонеси се движеле од 5,5% во 2009 година, до 2,9% годинава, додека месечниот надомест од нето средставата се движел од 0,15% во 2009 година до 0,075% годинава, со некои разлики меѓу фондовите.

Овие високи приноси, во комбинација со строгата регулација, во овој момент ги прават пензиските фондови високо атрактивна опција за вложување на финансиски средства.

Пензиските осигуреници кои членуваат во вториот и во третиот пензиски столб постојано имаат информација за средствата на нивните индивидуални сметки преку годишниот извештај што го добиваат во карактеристичниот зелен плик. Осигурениците во секој момент може да ја проверат состојбата на нивните пензиски заштеди и електронски, преку интернет страницата на пензиското Друштво што го избрале.

Секако, вложувањето и во останатите опции на финансискиот пазар е соодветно решение, доколку граѓанинот правилно се информирал и ги прилагодил инвестициите на своите потреби.

Сите информации поврзани со функционирањето на пензискиот систем, членството во пензиските фондови и со остварените резултати на пензиските друштва може да се најдат на интернет-страницата www.penzija.mk., како и на интернет страната на супервизорот на капиталното финансирано пензиско осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП