2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСезона на подароци – внимателно со играчките, можеби се опасни!

Сезона на подароци – внимателно со играчките, можеби се опасни!

Новогодишните и божикните празници се период во кој драстично се зголемува продажбата на играчки. Овие подароци кои најмногу ги радуваат најмалите можат да бидат и опасни.

Кога се купува играчка мора да се внимава на повеќе фактори – пред се дали е наменета за соодветната возраст, дали има сертификат и гаранција за квалитетот, каде е произведена и каков е составот.

„Пред неколку месеци моето три годишно синче доби плишан диносаурус на подарок. Без размислување му го дадов да си игра со него и не ни помислив дека нешто може да не биде во ред. Сепак, по неколку дена кога случајно на него истуривме вода, почна да пушта боја и непријатно да мириса. Го фрлив веднаш. Не ми беше пријатно да ги прашам пријателите што ни го дадоа каде го купиле. Ова ќе ми биде поука во иднина многу повеќе да внимавам со што си игра моето синче“, вели мајка на три годишно дете од Скопје.

За да ги заштитите децата треба да ги применувате следните совети – да купувате исклучиво во легални продавници, внимателно да ја читате декларацијата, да бидете сигурни дека играчката е наменета за соодветната возраст, да водите сметка за обликот и материјалот од кој е изработена.

Многу е важно играчката да има ознака CE (ЦЕ), таа е гаранција дека ги исполнува минимум безбедносните стандарди. Кратенката потекнува од француската фраза Conformité Européenne што значи европска усогласеност. Ова подразбира усогласеност со здравствените, безбедносните и еколошките стандарди за заштита на Европската Унија. Се применува за повеќе групи производи, не само за играчките. Таа е доказ дека играчката е произведена според добро дефинирани стандарди за намалување на физичките, хемиските, електричните и здравствените ризици.

Можеби најважно правило е она дека играчката мора да биде соодветна на возраста на детето. Законот предвидува ова да го пишува и на самото пакување. Често се случува играчката да содржи и ситни делови кои се потенцијална опасност за голтање или задушување и затоа одредени производи не смеат да се даваат на дечиња помали од 12 или од 36 месеци.

За помалите деца треба особено да се внимава и на материјалот од кој е направена играчката, доколку лесно се кине или крши може да се распарчи на помали делчиња кои повторно се потенцијална опасност за најмалите.

За секој случај секогаш чувајте фискалната сметка за да имате доказ од каде сте ја купиле играчката доколку евентуално настане некој проблем.

Ако забележите небезбедна играчка веднаш пријавете во Државниот пазарен инспекторат на 02 / 3220 – 547 или во Организацијата на потрошувачите на 02 / 3179 – 592.

Десетици родители секоја година доставуваат поплаки за квалитетот на играчките до Организацијата на потрошувачи на Македонија. Оттаму велат дека тие само ги проследуваат поплаките до надлежните институции и ги советуваат потрошувачите за нивните права и за следните чекори што може да ги преземат. Објаснуваат дека начелно во земјава играчките се безбедни, но како и секаде се случуваат исклучоци.

„Здравјето и безбедноста на вашето дете треба да биде на прво место. Тие допрва почнуваат да учат за животот и за светот околу себе и затоа родителите се тие кои треба да бидат внимателни наместо нив“, велат во ОПМ.

Законот за заштита на потрошувачите во Македонија е целосно усогласен со регулативите на Европската Унија во овој дел. Тој има цел дел посветен на оваа проблематика. Предвидува дека играчката треба да биде тестирана за основните безбедносни и здравствени услови пред да биде пуштена во промет.

„Детската играчка не смее да биде пуштена во промет ако не ги исполнува основните безбедносни услови во однос на механичките, физичките, хемиските, електричните и хигиенските својства“, стои во Законот.

Играчките треба да бидат дизајнирани и произведени на начин кој ги исполнува стандардите за хигиена за да се избегне било каков ризик за инфекции, болести и контаминација.

Играчките за деца до една година треба да бидат изработени од материјал што може да се дезинфицира, при што играчката не смее да го промени квалитетот. Влакненцата од играчките и косата на куклите не смеат да паѓаат при чешлање и кубење. Боите на играчките не треба да содржат мириси и да се симнуваат при триење со памук, миење со топла вода и сапун и дезинфицирање.

Во Државниот пазарен инспекторат велат дека постои строга контрола на играчките што се увезуваат и што се продаваат во земјава. Секоја мора да има ознака CE (Conformite Europeen) и сертификат  за  исполнување на стандардите  на сообразност утврдени со нашата легислатива.

Пазарниот инспекторат покрај редовните спроведува и вонредни инспекциски надзори над детските играчки и по пазарите и низ трговските објекти.

Инспекторатот во текот на својата работа ги следи и известувањата добиени на RAPEX системот за небезбедни играчки (систем за брзо информирање за производите кои претставуваат сериозна опасност) и презема мерки кои се во негова надлежност, а со цел заштита на здравјето на децата.

Доколку царинскиот орган се посомнева дека производот што треба да се увезе во државата е небезбеден, доколку тој  не е придружен со документ за сообразност и нема СЕ ознака, ја известува пазарната инспекција.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП