29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкстремно богати vs навистина сиромашни – каде е средната класа?

Екстремно богати vs навистина сиромашни – каде е средната класа?

Во Македонија има се повеќе богати, но и се повеќе сиромашни. Оние кои треба да ја претставуваат „златна средина“ се малку на број.

Ако не сте богат, а не сте сиромашен тогаш сте средна класа. Ова е наједноставната дефиниција, но не е баш така.

Официјално, за некој да му припаѓа на средниот слој, треба да има два и пол пати поголеми примања од она што го троши на потрошувачката кошничка.

Според пресметките на Сојузот на синдикати (ССМ) минималната потрошувачка кошница за четиричлено домаќинство во септември (најнови податоци) била тешка 32.671 денар. Од нив дури 13.642 денари одат на храна, 10.389 денари се потребни за сметки и одржување на домот, 2.314 денари за хигиена, 2.408 денари за превоз.

Според оваа логика едно семејство со четири члена за да се смета за дел од средната класа треба да остварува приходи од 82.677 денари или двајцата брачни партнери да имаат плати од по околу 40 илјади денари. Просечната плата според податоците за август(најнови) била 25.127 денари.

„И јас и сопругата работиме, јас во приватна фирма, таа во администрација. Двајцата заедно едвај надминуваме 50 илјади денари. Што да си дозволиме со тоа? Дали одмор или облека? А каде се парите што ни требаат за курсеви и спорт за дечињата?“ прашува 41 годишен жител на скопски Карпош.

Но, тој во суштина и не живее толку лошо ако се земе предвид истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) кое покажа дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

Оттука средната класа во земјава е навистина малубројна – неа ја сочинуваат луѓето кои немаат финансиски тешкотии односно имаат сопствен дом и автомобил, редовно ги плаќаат сметките, не штедат на храна, можат да си дозволат летување и зимување, школување за децата и не се презадолжени во банка.

Ова го потврдуваат и официјалните статистички податоци. Таканаречениот GINI коефициент според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во Македонија изнесува 0.325.

GINI е мерка на нееднаквоста на приходите. Вредноста на коефициентот е дефинирана во распон од 0 до 1, при што пониска укажува на поеднаква распределба на приходите или богатството, а повисока на понееднаква. Доколку GINI изнесува 0 тоа би значело дека сите имаат буквално исти приходи, а доколку е 1 во конкретното општество едно лице го поседува целиот приход, а сите други немаат приходи.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП