25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИндустрија за мебел: нелојална конкуренција и скапи репроматеријали

Индустрија за мебел: нелојална конкуренција и скапи репроматеријали

Нелојална конкуренција и скапи репроматеријали. Ова се главните проблеми со кои се соочуваат македонските производители на мебел. Секторот има тенденција на раст, но тој би бил многу поголем доколку ги немаше овие ограничувачки фактори.

„Продажбата оди добро, подобро од лани, но конкуренцијата е голема“, вели Владимир Стојановски, сопственик на погон за производство на мебел. „Не ме сфаќајте погрешно, не ми е проблем легалната конкуренција туку нелегалната. Дивите мајстори буквално ни го земаат лебот“, додава Стојановски.

Производителите на мебел велат додека тие плаќаат даноци, придонеси и кирии, се соочуваат со инспекции и контроли, додека дивите мајстори работат неконтролирано и без никакви давачки и трошоци. Тврдат и дека дивите мајстори ниту се поевтини ниту се поквалитетни.

„Она што е направено машински не може да се спореди со она што се прави рачно. Секое парче мебел што ќе излезе од нашата лента се проверува, има строги критериуми што мора да ги исполни, во спротивно не се ни испорачува“, објаснува Стојановски.

Дополнителен проблем е и неспроведувањето на процесот на сертификација на македонските шуми, односно дрвото што како суровина доаѓа од нив, без што практично не може да се извезува во земјите на ЕУ.

„Секое парче дрво мора да има сертификат, а тоа не треба да го правиме ние како производители туку тоа е обврска на оној кој располага со шумите“, вели Стојановски.

Големиот број на компании во овој сектор и нелојалната конкуренција ги натераа производителите речиси и да не ги променат цените и покрај поскапите репроматеријали.

„Дрвото е поскапено за околу 20% во споредба со пред 3 или 4 години, платите на работниците се исто така зголемени, но крајната цена не ја менуваме. Мора да се бориме за удел на пазарот“, вели Стојановски.

Никој не знае колку вистински тежи македонскиот пазар на мебел. Тоа е така бидејќи секторот е расчленет и слабо регулиран – во него влегуваат и дивите мајстори, и увозниците и трговците, и легалните производители, и фирмите кои произведуваат само полупроизводи кои муштериите се ги склопуваат сами.

Сепак, според Државната статистика производството на мебел опфаќа околу 2% од вкупното индустриско производство и во првите осум месеци од годинава во споредба со истиот период лани било поголемо за 5.8%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП