3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: Кој го чувствува растот на платите?

Анализа: Кој го чувствува растот на платите?

Просечната плата пораснала за 3.8% за една година и за 20% за две децении. Допрва следи и раст на минималецот што дополнително ќе ја поттикне спиралата на зголемување на приходите. Сепак, Македонија останува меѓу земјите со најниски лични доходи во Европа.

Раст на просечната плата за 3.8% за една година

Просечната плата пораснала за 3.8% за една година и во август достигнала 25.127 денари.

Растот пред се се должи на зголемените примања во јавниот сектор. Платите на вработените во дејностите на здравствена и социјална заштита биле поголеми за 10.9%, во транспорт и складирање за 7.3 %, во информации и комуникации за 5.8 %.

Од друга страна намалување на личниот доход има единствено кај работниците од секторот рударство и вадење камен и тоа за 3.5%.

Највисоки плати имаат секторите финансиски и осигурителни дејности (41.223 денари), информации и комуникации (46.384), снабдување со електрична енергија и гас (38.976) и рударство и вадење камен (33.949 денари).

Најниски плати имаат секторите угостителство (18.471 денар), административни и помошни дејности (18.789), земјоделство, шумарство и водостопанство (20.331) и преработувачка индустрија (20.974).

Како поединечни професии најплатени и натаму се програмерите, правниците, осигурителите и сметководителите, како и вработените во воздухопловството. Најниски плати имаат рибарите, како и работниците во кожарската и текстилната индустрија.

Раст на просечната плата за 20% за две децении

Во последните десет години просечната плата во Македонија пораснала за околу 20%.

Во 2010-та била 20.330 денари, во 2014-та 21.327, во 2016-та 22.254, во 2018-та 24.025 и во 2019-та 25.127 денари.

Од друга страна во Бугарија платите за последните десет години (од 2009 до 2018 година) пораснале за неверојатни 87%.

Во Романија пораснале за 34%. Следат Полска со 30%, Латвија 21%, Литванија Словенија и Естонија со 20% и Чешка со 17%.

Десет земји доживеале пад на реалните просечни плати. Грција со 23%, Хрватска со пад од 11%, Кипар 7%. Во  Португалија, Шпанија и Италија платите паднале за еден или два проценти додека во Белгија и Финска стагнираат.

Просечната плата меѓу најниските во Европа

И покрај солидниот раст Македонија останува закотвена речиси на дното во Европа според висината на просечната плата. Со нето приход 25.127 денари односно 408 евра зад нас се само неколку држави – Молдавија, Грузија, Белорусија и Украина.

Во регионот Македонија е буквално на дното. Просекот во Албанија е околу 420 евра, но нема прецизни статистики. Во Србија просекот е околу 450 евра, во Босна 470, во Бугарија околу 500, во Црна Гора 510, во Хрватска 870, а во Словенија над 1.100 евра.

Од декември поголем минималец

Просечната плата треба дополнително да порасне со зголемувањето на минималецот. Најниските примања од 1 декември на ниво на целата држава ќе бидат 14.500 денари што е за околу 2.000 денари повеќе од сега.

Во процедура е и решението со кое ќе се поддржуваат компаниите кои ќе ги зголемат приходите на вработените до 6.000 илјади денари, износ за кој нема да плаќаат придонеси.

„Минималната плата како законско решение не е субвенционирана, но законот за субвенционирање на покачување до 100 евра е во законска процедура. Со неа ќе се субвенционираат придонесите“, изјави неодамна министерката за труд и социјала Мила Царовска.

Владата останува на ветувањето – просечна плата од 500 евра

Владата останува на предизборното ветување за просечна плата од 500 евра односно 30 илјади денари до крајот на 2020-та.

„За три години минималната плата се зголеми за 5.500 денари од 9 на 14.500 денари. Со ваквото темпо на раст на платите до крајот на 2020-та минималната плата ќе се искачи на 16.000 денари, а просечната на 30.000 денари“ изјави заменик – министерот за економија и претседател на Комисијата за економија на СДСМ, Кирил Колемишевски.

Светска Банка: внимателно со растот на платите

Од друга страна Светската Банка во најновиот извештај посветен на земјава предупреди на внимателност со растот на платите – пред да се премине кон уште едно административно покачување на минималецот и на примањата во јавниот сектор мора да се направат сериозни анализи, во спротивно може да се предизвикаат негативни ефекти врз целокупната економија на среден рок.

„Ова е трета последователна година кога се одвива дискусија за зголемување на минималната плата. Сите зголемувања во иднина мора да бидат нужно придружени со зголемување на продуктивноста“, изјави Сања Маџаревиќ – Шујстер, Светска Банка.

Народната Банка веќе измери пад на продуктивноста од 1.3% во првиот квартал од годинава зашто вработеноста и платите растеле со побрзо темпо од економијата.

Според последните официјални податоци на Евростат кои се однесуваат на 2017-та година еден работник за еден час во земјава создава само 42.9% додадена вредност од просекот што го прават неговите колеги на ниво на Европската Унија.

Минимално подобро рангирана од Македонија е Бугарија со 43%. Романија има 56.3%, Хрватска 73.1%, Словенија 79.8%, Грција 87.1%. Најпродуктивни се работниците во Луксембург со 163.2% од просекот, па Норвешка 152.5% и Швајцарија со 122.5%. Во податоците ги нема Србија, Босна, Албанија и Косово.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП