5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВисоки температури, ниски сметки – колку ќе заштедиме од летото во есен?

Високи температури, ниски сметки – колку ќе заштедиме од летото во есен?

Македонија го живее најтоплиот октомври во последните десетина години, а летните температури ќе продолжат уште барем десетина дена. Сето ова го одложува стартот на грејната сезона – ова ќе значи помали сметки за сите, но кој најмногу ќе заштеди?

Најголем дел од оние што користат струја, околу 370 илјади домаќинства, воопшто и ги немаат вклучено грејните тела, а дури и оние што веќе се греат користат малку енергија.

Најмногу ќе заштедат домаќинствата што имаат клима уред. Ефикасните клима уреди при повисоки надворешни температури работат со минимален капацитет, па со тоа и потрошувачката на струја е минимална.

Цената на струјата последниве години останува речиси непроменета. Регулаторната комисија на 1 јули одлучи да не прави никакви промени, а пред една година изврши намалување за само 0.10%.

Грубата математика покажува дека загревањето просечен дом на струја за една сезона би чинело најмалку 25.000 денари. Сепак, пресметките за домаќинствата што го користат овој енергенс се различни – во зависност од грејните тела. Дури 80% од домаќинствата го користат овој енергенс како основно или дополнително средство.

Вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот октомври – март е за околу 45% поголема од април – септември.

Потоплото време значи и помала потреба за ложење на каминот и ќумбето, но овде може да се згреши во процената. Во Македонија околу 150.000 домаќинства го користат дрвото како основен енергенс.

Веќе неколку години огревното дрво се продава по исти услови – 2.370 денари за кубик бука и 2.470 за кубик даб. Има и друга поевтина, категорија која се нуди за 1.860 денари.

За една сезона просечно домаќинство троши од 5 до 8 кубици дрва во зависност од временските услови. Оттука вкупниот трошок би бил од 13.000 до 18.000 денари. Од 850.000 до 900.000 граѓани во зимскиот период се греат со помош на огревно дрво. Дури 80% од овој енергенс се користи во помалите места низ државава.

Граѓаните кои се приклучени на централно греење, околу 50.000 домаќинства, засега не можат да ги уживаат бенефитите од потоплото време. Нивните сметки засега се исти, но се очекуваат порамнувачки со понизок износ веќе од следниот месец.

Просечната месечна сметка за стан од 60 квадрати е 1.600 денари или околу 20 илјади годишно. Негативна страна е и што не може да се штеди – радијаторите подеднакво работат во сите соби, а и кога нема никој дома.

Веќе неколку години по ред парното греење поевтинува. Со последната одлука на РКЕ од 1 август годинава цената се намали за 7% за најголемиот дел од потрошувачите во Скопје односно за оние под БЕГ, за ЕЛЕМ енергетика намалувањето е за 13%, а за оние приклучени на топланата Скопје север за 12%.

Според Државната статистика (ДЗС) 61.59% од домаќинствата користат огревно дрво, 28.60% електрична енергија, 8.33% се приклучени на централно парно, а останатите 1.48% употребуваат нафта, јаглен или гас.

Топлото време најмногу им оди во прилог на „штедачите“ кои или не го загреваат целиот дом или ја намалуваат температурата. Во Македонија такви има многу. Според податоците на ДЗС во земјава во просек се топли само 45% од површината на домот, а останатите 55% остануваат студени.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП