27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКаде е проблемот? Илјадници луѓе без работа а стотици компании без работници!

Каде е проблемот? Илјадници луѓе без работа а стотици компании без работници!

Стапка на невработеност од 17.8% и над шест илјади слободни работни места. Македонските компании не можат да најдат соодветен кадар. Во објавените огласи се бараат речиси сите позиции – од чистачи и продавачи преку пекари и заварувачи до лекари и програмери.

Во моментов преку Агенцијата за вработување се активни огласи со вкупно 6.550 работни места. Најголем дел од слободните позиции се за ниско квалификувани кадри.

Се бараат 523 хигиеничари, 473 продавачи, 370 работници за погон, 285 општи работници, 274 шивачи, 226 возачи на камион, 196 таксисти, 190 градежници.

Гледано по дејности најмногу работници се побаруваат во секторот трговија и тоа 2.444, следува преработувачката индустрија со 1.012, транспортот со 879, градежништвото со 856, угостителството со 290.

Овие бројки укажуваат на сериозни дисбаланси на пазарот на труд – невработените тешко доаѓаат до соодветна позиција, а компаниите уште потешко до квалификуван кадар.

„Главниот проблем е тоа што во земјава никој не сака да работи во погон, во продавница, во пекара. Со години па и со децении се форсираше високото образование и речиси секој завршува факултет, но на пазарот не се потребни правници и економисти туку бравари и заварувачи“ вели Јован Петковски, сопственик на погон за производство на метални конструкции.

„Јас имам два сина. Да, точно е дека и двајцата ги запишав на факултет но уште од средно сум ги носел кај мене во компанија да помагаат, да гледаат, да го учат бизнисот. Кога имаме големи нарачки и денес не се срамат да влезат во погон и да помогнат, но мислам дека моето семејство не е типичен пример за нашата земја“ вели Петковски.

Проблемот е пред се во менталитетот – уште од мали децата се насочуваат кон факултет, кон диплома како гаранција за успех во животот. Сепак, реалноста покажува дека квалификуван бравар или заварувач може да заработува и повеќе од правник или од економист.

„Македонија мора да сфати дека долгорочен економски раст може да се оствари само со поттикнување на производството и индустријата. Ние сме далеку од развиените земји кои главно се потпираат на услугите и иновациите. Токму затоа мора да се насочиме кон основата, кон производството а и младите да ги насочиме таму“ вели Мирослав Јордановски, сопственик на погон за производство на пелети за греење.

Ова го потврдува и анализата на Народната Банка на оваа тема. Експертите заклучуваат дека разликата меѓу понудата и побарувачката на вештини е еден од најголемите предизвици со кои се соочува пазарот на труд.

„Иако дел од оваа разлика е циклична и се поправа самата од себе преку економското закрепнување, сепак во голем дел таа е од структурен карактер. Има тренд на намалување на бројот на слободни работни места во речиси сите сектори што укажува на поволно движење кое пред се е резултат на образовните реформи особено на задолжителното средно образование“ се наведува во публикацијата „Движење на основните показатели на пазарот на труд и активните мерки на пазарот на труд во справувањето со невработеноста: искуството на Македонија“ од авторите Анета Крстевска и Маја Илиевска.

Анализата што ја направиле тие покажува дека најголем дел на слободни работни места има во категориите сервисни услуги и продажба, дури една третина од вкупниот број. Висока побарувачка има и за технички и професионален кадар, а во помал обем за основни занимања како работници во индустријата и градежништвото.

Македонија слабо вложува во младите, заклучува и Светската банка. Во најновиот индекс на човечкиот капитал земјава е оценета со 53 на скала од 0 до 100. За девојчињата оценката 55 а за момчињата 52.

Ова значи дека дете родено денес кога ќе порасне ќе биде продуктивно 53 проценти од она што би можело да биде ако имало целосно образование и било целосно здраво.

Индексот на човечкиот капитал на Македонија е понизок отколку просекот на регионот и групата на приходи. Децата во Македонија, додека наполнат 18 години се очекува да завршат 11.2 години од предучилишно, основно и средно образование. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се прилагодат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на само 6.8 години што значи дека има јаз во учењето од 4.4 години.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП