19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЖените наспроти мажите – сè уште нееднакви и во работата и во...

Жените наспроти мажите – сè уште нееднакви и во работата и во домот

Жените се уште не се еднакви со мажите на пазарот на труд – во просек имаат пониски примања за истите работни позиции, потешко напредуваат во кариерата и поретко добиваат награди и бонуси.

Од друга страна жените се многу повеќе ангажирани во домаќинството извршувајќи работи за кои не добиваат паричен надоместок. Во просек тие трошат 18 пати повеќе време на миење садови од мажите, 9 пати повеќе време на готвење, 12 пати повеќе време на чистење и 5 пати повеќе време на грижа за децата.

„Кај нас се уште преовладува традиционалното сфаќање за семејството и за улогите што во него ги имаат мажите и жените“ смета социологот Елизабета Петковска. „Сепак, ова полека се менува. Младите брачни парови се поеднакво ги делат домашните обврските и грижата за децата, но ова е долг процес кој никогаш нема целосно да биде завршен“ објаснува таа.

Поради родовата нееднаквост и малото учество на жените на пазарот на труд се прават загуби од околу 15 проценти во Бруто домашниот производ, пресметале експертите на Светската банка.

„И на пазарот на труд се уште владеат стереотипи и предрасуди. Менаџерите при вработување неретко се одлучуваат за маж наместо за жена доколку кандидатите имаат исти квалификации. За ова има повеќе причини, но мислам дека предвид често ја земаат улогата на мајка на жената и нејзините потенцијални отсуства при бременост, породување и натамошна грижа за децата. Ова мора да се промени“ вели Петковска.

Од 789.414 вработени во Македонија 40.5% се жени, а 59.5% се мажи. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во работен однос се 319.969 жени, а 469.444 се мажи. Од невработените106.757 се мажи, а 64.572 се жени.

Податоците покажуваат дека жените се многу помалку активни на пазарот на труд од мажите – во првиот квартал од годинава неактивното население броело 722.589 луѓе, од нив 266.346 (36.9%) се мажи а дури 456.243 (63.1%) се мажи.

„Повторно се враќаме на традиционалните сфаќања. Голем дел од жените, особено во помалите места и во руралните средини претпочитаат да останат дома и да се грижат за семејството“ вели Петковска. „Од една страна ги имаме фамилијарните обврски и притисоци, но од друга и отежнатиот пристап до пазарот на труд па и оние кои сакаат тешко можат да се вклучат во работен процес и доколку го направат тоа најчесто станува збор за трудоинтензивни и слабо платени професии“ објаснува таа.

Според истражувањето на Институтот за економски истражувања и политики „Finance think“ во Македонија жените во просек заработуваат 12.5% помалку од мажите.

Ова го потврдува и публикацијата на Државната статистика „Жените и мажите во Северна Македонија“ покажува дека жените заработуваат значително помалку од мажите.

Само 1% од вработените жени и 2.1% од вработените мажи имаат плата над 40 илјади денари. 2.0% од жените и 2.9% од мажите земаат меѓу 30 и 40 илјади. 3.9% од жените и 5.2% од мажите се меѓу 25 и 30 илјади. Како се оди надолу во стапката на приходи така се зголемува учеството на жените. Така 16.5% од вработените жени и 13.0% од мажите земаат меѓу 10 и 12 илјади денари. Овие податоци се однесуваат на 2017-та година.

Анализите на Евростат покажуваат дека на ниво на Европската Унија (ЕУ) жените во просек добиваат околу 20% пониски плати од мажите. Разлика има во сите земји членки. Најмали разлики од 5.5% има во Луксембург и Италија, а најголеми од 27% во Естонија, како и од 22% во Чешка, Австрија и Германија.

Податоците на Евростат покажуваат дека за секое 1 евро што ќе го заработат мажите, нивните колешки за истата работа добиваат по 84 евро центи.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП