4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: каде се изгуби македонската средна класа?

Анализа: каде се изгуби македонската средна класа?

Македонската средна класа се изгуби во транзицијата – нерамномерната распределба на приходите резултира со малкумина екстремно богати и многумина кои со мака го туркаат месецот.

Статистика: висока нееднаквост

Ова го потврдуваат и официјалните статистички податоци. Таканаречениот GINI коефициент според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во Македонија изнесува 0.325.

GINI е мерка на нееднаквоста на приходите. Вредноста на коефициентот е дефинирана во распон од 0 до 1, при што пониска укажува на поеднаква распределба на приходите или богатството, а повисока на понееднаква. Доколку GINI изнесува 0 тоа би значело дека сите имаат буквално исти приходи, а доколку е 1 во конкретното општество едно лице го поседува целиот приход, а сите други немаат приходи.

„Во бившата држава скоро сите бевме исти. Секако дека оние на врвот во партијата беа друга класа, но нив не ги гледавме или не ги приметувавме зашто и ние имавме доволно за солиден живот“ се присетува пензионерот Марко Костадиновски. „Сите можеа да си дозволат одмор на ‘наше море’, да прошетаат за викенд, да излезат во кафеана. Сега ако не им помогнам на децата со мојата пензија мислам дека не би можеле да сврзат крај со крај“ вели тој.

Средна класа – Југославија vs Македонија

Но, историските статистички податоци покажуваат висок GINI и во СФРЈ. Во седумдесеттите години од минатиот век коефициентот бил меѓу 0.320 и 0.350 што е на речиси исто ниво како и сега.

Сепак, не е така како што изгледа на прв поглед. Високата вредност е резултат пред се на разликите меѓу одделните републики – просечните приходи во Словенија биле неколку пати повисоки од оние во Македонија, а Србија и Хрватска биле некаде на средина меѓу овие два екстрема.

„Вкупната распределба на приходите во социјалистичките држави беше поеднаква во однос на пазарните економии, но во Југославија GINI беше релативно повисок во однос на другите држави од источниот блок пред се поради регионалните разлики во приходите“ се наведува во научниот труд „Подемот и падот на пазарниот социјализам во Југославија“.

„Како и другите социјалистички земји, Југославија беше силна социјална држава која обезбедуваше бесплатно образование и здравство, социјална заштита како и специфични политики за домување кои на работната класа и обезбедуваа дом најчесто преку станарски а не сопственички права“, се наведува во научниот труд.

Транзицијата ја истенчи средната класа

Сето ова полека го сменува во транзицијата и резултат е драстично зголемување на нееднаквоста и намалување на средната класа.

„Јас работам во администрација, а жена ми во приватна фирма. Платите ни се горе доле просечни, но и со нив тешко се сврзува крај со крај“ вели 32 годишниот Лазар од Скопје. „Не е дека немаме за да преживееме, но еве сега се спремаме за одмор и треба да одиме во минус а после со месеци ќе се раздолжуваме“, објаснува тој.

Токму тоа е и проблемот – дури и семејствата со просечни плати не можат да си дозволат малку поопуштен живот.

„Имам двајца студенти. Секој септември земам кредит за да платам партиципација во државна квота и потоа го враќам до јуни. Следната година пак исто“, вели 50 годишниот Милан.

Кој е дел од средната класа?

Според основната дефиниција, за некој да му припаѓа на средниот слој, треба да има два и пол пати поголеми примања од она што го троши на потрошувачката кошничка.

Според пресметките на Сојузот на синдикати (ССМ) минималната потрошувачка кошница за четиричлено домаќинство во април (најнови податоци) била тешка 32.990 денари. Од нив дури 13.909 денари одат на храна. 10.423 денари се потребни за сметки и одржување на домот, 2.331 денар за хигиена, 2.386 денари за превоз.

Според оваа логика едно семејство со четири члена за да се смета за дел од средната класа треба да остварува приходи од 82.475 денари или двајцата брачни партнери да имаат плати од по околу 40 илјади денари. Просечната плата според податоците за мај (најнови) била 25.270 денари.

Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажало дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

Оттука средната класа во земјава е навистина малубројна – неа ја сочинуваат луѓето кои немаат финансиски тешкотии односно имаат сопствен дом и автомобил, редовно ги плаќаат сметките, не штедат на храна, можат да си дозволат летување и зимување, школување за децата и не се презадолжени во банка.

Секој петти Македонец е сиромашен

Од друга податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека секој петти или 460 илјади Македонци се сиромашни. Според стапката на сиромаштија се зголемила 0.3 процентни поени за една година и достигнала 22.2% на крајот на 2017-та.

Стапката е највисока кај најмладите односно кај лицата до 17 години, изнесува 28.6%. Најниска е кај најстарите односно оние над 65 години, изнесува 14.5%.

9% од вработените, 41.1% од невработените и 7.1% од пензионерите се сиромашни.

Сиромаштијата има тренд на зголемување последните години – во 2015-та стапката била 21.5%, во 2016-та 21.9% и во 2017-та 22.2%.

„Како сиромашни се сметаат лица, семејства и групи на лица чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво кое ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеат” стои во објаснувањето од ДЗС.

Македонско домаќинство: 1% имаат клавир, 5.5% немаат машина за перење

Публикацијата на ДЗС „Потрошувачката на домаќинствата во 2017-та година“ покажува дека 9.5% од домаќинствата немаат правосмукалка, 5.5% немаат машина за перење, 4.2% немаат пегла, 3.8% немаат колор телевизор, 3.8% немаат бојлер, 1.1% немаат фрижидер и дури 40.4% немаат сопствен автомобил.

Од друга страна 1.0% од домаќинствата поседуваат клавир, 0.8% чамец, 6.1% мотор, а 30.1% имаат клима уред.

Власта ветува враќање на средната класа

Еден од главните адути на СДСМ во предизборието беше враќањето на средната класа.

„Со Програмата на СДСМ ќе ја вратиме средната класа во Република Македонија. Ќе се обидеме да создадеме стабилна, силна и голема средна класа во Република Македонија, уверени преку тоа дека ќе го зајакнеме животот на граѓаните“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пред парламентарните избори.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП