25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗемјоделска земја? Македонија е „зависна“ од увоз на храна!

Земјоделска земја? Македонија е „зависна“ од увоз на храна!

И покрај милионските субвенции и државната поддршка Македонија станува се позависна од увезена храна. Голем дел од нивите остануваат необработени, а и она што ќе се набере или ожнее во најголем дел се пласира како сировина а не како финален производ. Експертите предупредуваат дека е потребна сериозна стратегија и длабинска анализа за да се променат овие негативни трендови.

Најновите податоци на Државната статистика покажуваат дека во првите пет месеци од годинава Македонија извезла храна во вкупна вредност од речиси 148 милиони евра. Увозот бил дури 270 милиони евра. За една година извозот на храна пораснал за 31 милиони евра а увозот за 16 милиони.

Од пијалаци и тутун биле инкасирани речиси 77 милиони евра, а за увоз се одлеале 36 милиони. Во првите пет месеци од годинава во однос на истиот период лани извозот на оваа ставка е зголемен за 9 милиони, а увозот за 4 милиони евра.

Во 2018-та за увоз на храна, пијалаци и тутун се одлеале фантастични 628 милиони евра што е нешто над 8% од вкупниот увоз. Дополнителни речиси 82 милиони се потрошиле за пијалаци и тутун.

Од друга страна извозот на храна лани бил 319 милиони, а дополнителни 194 милиони биле инкасирани од пијалаци и тутун.

За десет години увозот на храна се зголемил за 180 милиони евра, во 2008-та бил 424 милиони, а во 2018-та достигнал 605 милиони.

„Само површна анализа покажува дека трендовите во овој сегмент се негативни“ смета агроекономистот Тања Соколовиќ. „И тоа не е случај само последнава година или последнава деценија. Македонија иако се промовира како земјоделска и земја на вкусна храна во суштина многу малку вложува во развојот на овие сектори“ објаснува таа.

Проблемот е повеќеслоен. Основата е во слабото примарно производство, земјоделството и покрај милионските субвенции останува неконкурентно дури и во споредба со земјите од регионот. Дополнително, слабо е развиена и прехранбената индустрија – голем дел од примарното производство завршува како сировина на туѓи пазари.

„Повеќе од половина од извозот на храна го прават свежите овошје и зеленчук. Тие завршуваат во фабрики во соседството па и подалеку кои ги прават финалните производи кои се продаваат и десет пати поскапо“ вели Соколовиќ.

Дополнителен проблем се стандардите – само 20 компании кои произведуваат храна во земјава го применуваат стандардот ISO 22000 кој се однесува на управување со безбедноста на храната кој подразбира следење на производот од фарма до трпеза. Овој стандард е посебно важен за компаниите кои се извознички поради конкуренцијата, но и за оние на кои им е важна довербата на потрошувачите.

„Целта на стандардот, новоревидираниот ISO 22000: 2018 е да се усогласат на глобално ниво барањата за управување со храната во прехранбената индустрија и индустриите поврзани со неа и официјално да се утврдат елементите кои влегуваат во состав на еден систем за управување со безбедноста на храната“, вели Емилија Тодоровска, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија. „Овој стандард е развиен на ист начин како и другите стандарди за системи на управување, а пред сè ја потенцира безбедноста на храната, но обезбедува и можност за демонстрирање ефективност, ефикасност и континуирано подобрување на компанијата во сопственото работење“ објаснува таа.

Компаниите кои произведуваат храна не се обврзани, но е добро да го поседуваат и овој сертификат. Процесот на негово добивање трае шест месеци и не е скап со оглед на поволностите кои ги носи – се бара компанијата да ги исполни сите законски и регулаторни барања поврзани со безбедноста на храната преку својот систем за управување со безбедноста на хранат

И покрај бројните предизвици се разбира дека има и исклучоци односно светли точки во македонската прехранбена индустрија – компании кои полека стануваат сериозни регионални играчи.

Публикацијата „100 најголеми извозници“ покажува дека на овој список на најуспешни 15 фирми се од прехранбената индустрија кои заедно во 2018-та оствариле вкупен извоз од 107 милиони евра или третина од извозот на храна и пијалаци.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП