19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПатувате во странство? Ова не смеете да го заборавите!

Патувате во странство? Ова не смеете да го заборавите!

Кога патувате во странство мал инцидент може да предизвика големи проблеми особено доколку немате патничко осигурување.

Ситни медицински проблеми како убод од инсект, дехидрација или стомачен вирус може да резултираат со астрономски сметки кои може да надминат сумата и на целиот аранжман.

„Во просек осигурувањето чини околу 30 денари на ден. Тоа е навистина мала сума во вкупните трошоци при патувањето“ велат во една од осигурителните компании. „Постарите од 65 години поради поголемата подложност на здравствени ризици, за сите овие видови осигурувања плаќаат двојно повисока сума“ објаснуваат осигурителите.

Со основната полиса се покриваат трошоците за сите неодложни медицински интервенции дури и посериозните, сепак во зависност од типот на полисата клиентите плаќаат дел од сумата. На пример осигурителната компанија покрива медицинска интервенција во странство која би чинела и 30.000 евра, но со основниот пакет се плаќа секоја здравствена услуга поевтина од 100 евра. Ова е таканаречената франшиза чиј износ зависи од цената на полисата.

Дополнителните премиум полиси се без франшиза, но покриваат и други незгоди како изгубен багаж, откажан лет, грабеж и слично.

Сепак, осигурувањето, какво и да е, се однесува само на акутни здравствени проблеми односно такви кои настанале за време на престојот во странство, а не и за хроничните.

„Патничкото осигурување обезбедува покритие за итна медицинска помош. Редовни прегледи и третмани поврзани со хронична здравствена состојба или прегледи и третмани кои можете да ги добиете во Македонија, односно можат да бидат одложени до враќањето дома не се покриваат со патничкото осигурување“ објаснуваат осигурителите.

Сите друштва за осигурување кои нудат патничко осигурување имаат склучено договори со асистентски куќи во странство кои обезбедуваат 24 часа помош во случај на потреба од итна медицинска помош.

Доколку се случи непосакуван настан и имате потреба од помош и совет јавете се на бројот на асистентската куќа наведен во полисата или условите за осигурување. Следете ги советите што Ви ги даваат и не преземајте ништо без претходно одобрение (на пример предвремено враќање дома, репатриација, трансфер од една во друга болница).

Доколку сте користеле здравствени услуги без одобрение на асистентската куќа или вашето друштво за осигурување трошоците ќе ви бидат делумно надоместени.

Штетата треба да ја пријавите во рокот за пријавување наведен во условите за осигурување. Најчесто рокот е 24 часа.

„Чувајте ја оригиналната документација и оригиналните сметки кои подоцна ќе треба да ги предадете во вашето друштво за осигурување. Пред да ја предадете оригиналната документација, направете копија за себе“ велат осигурителите.

Доколку осигурителот одбие да ја надомести штетата имате право да се жалите најпрвин до самата компанија а потоа и до  Агенцијата за супервизија на осигурување и Организацијата за заштита на потрошувачи.

Имате право да поднесете жалба до Агенцијата за супервизија на осигурување исклучиво доколку претходно писмено сте се обратиле до друштвото за осигурување, но притоа не сте задоволни од одговорот, или ако друштвото за осигурување не одлучило по жалбата во рок од 30 дена од денот на доставување на истата.

За 17 држави со кои Македонија има склучено билатерални договори може да се извади и државно здравствено осигурување односно бесплатна потврда од ФЗОМ за која е потребно да се приложи уверение за здравствената состојба издадена од матичен лекар односно наод, оцена и мислење од лекарска комисија.

При секое заминување во странство со автомобил на граничниот премин треба да се приложи и зелениот картон односно потврда за осигурување од автоодговорност која важи за земјите наведени во полисата.

„Зелениот картон е само гаранција дека ќе биде надоместена штетата предизвикана на друг автомобил, за вашата штета е потребно каско осигурување“ велат осигурителите.

Цената на зелен картон на патничко возило до 66 киловати на годишно ниво е 3.690 денари, а за над 66 киловати за една година е 5.536 денари. Цена за патничко возило до 66 киловати за месечно ниво е 1.850 денари, а за над 66 киловати e 3.075 денари.

При одење на одмор добро е да биде осигурен и домот, летото е период кога крадците најмногу оперираат. Сепак, во осигурителните компании велат дека помалку од 10% од домаќинствата имаат основен осигурителен пакет.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП