25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: надолен тренд на туризмот – дали Македонија има стратегија за развој...

Анализа: надолен тренд на туризмот – дали Македонија има стратегија за развој на секторот?

По подолго време Државната статистика измери намалување на бројот и на туристи и на ноќевања. Бизнисмените предупредуваат дека Македонија нема сериозна стратегија за развој на овој сектор и дека се уште ја нема решено дилемата дали фокусот треба да биде на масовниот или на елитниот туризам.

Пад на бројот на туристи и ноќевања

Надолен тренд на туризмот – растот кој траеше со години запре. Државната статистика во мај 2019-та во однос на мај 2018-та измери намалување на бројот на туристи за 4.8% и на бројот на ноќевања за 2.8%.

Во мај годинава во земјава имало вкупно 98.998 туристи што е зa 5.036 помалку од мај лани. Пад има и кај домашните и кај странските гости.

Вкупниот број на ноќевања остварени во петтиот месец од годинава бил 205.356 што е за 5.878 помалку од истиот месец лани.

Според Државната статистика најголем дел од туристите ги посетиле езерските места (44.916), потоа Скопје (31.413), следува категоријата други места (15.750), па планински (4.776) и бањски места (2.143).

Речиси половина од гостите престојувале во хотели со 4 ѕвездички, а по околу една четвртина отседнале во хотели со 5 односно 3 ѕвездички. Мал е бројот на оние кои биле сместени во послаби категории.

Најмногу странски туристи дошле од Турција (9.1%), Србија (7.7%), Бугарија (6.9%), Германија (6.6%), Грција (6.4%), Холандија (6.3%).

Македонија нема сериозна стратегија за туризмот

Македонија нема сериозна стратегија за развој на домашниот туризам. Ова го велат бизнисмените од секторот. Според нив потребни се конкретни чекори на терен пред се во делот на инфраструктурата, но и услугата, која за жал кај нас е на ниско ниво. Голем проблем е и нелојалната конкуренција.

„Има голем број на нерегистрирани издавачи на станови, тие не плаќаат ни туристичка такса ни други давачки“ вели сопственик на мал хотел од Охрид. „Ова станува се посериозен проблем особено со подемот на интернет платформите за оваа намена како booking.com или Airbnb“ објаснува тој.

Од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора бараат побрзо донесување на измените на Законот за туристичка дејност со кои ќе се стави ред во туристичката дејност и на граѓаните ќе им се нудат сигурни патувања.

Тие се задоволни што најголем дел од нивните предлози се прифатени и вградени во законот. Дел од нив се однесуваат на разграничување на тоа кој може да биде туристички оператор и туристичка агенција, да не може било кое друштво да организира туристички патувања, автобуските превозници да не бидат туристички агенции и да се дефинираат условите за организирање на патување.

„Ако немаме дефинирани општи услови на патување кои ќе соодветствуваат со условите за патување што се договорени во светски рамки оставаме простор многу често да има основ за покренување на претставки или казни за кои реално агенциите или организаторите на патувањето не се виновни бидејќи условите за патување се ставени во закон, а измената на закон е процедура што трае подолго време. Затоа и за нас е многу значајно овие општи услови да бидат третирани со подзаконски акт кој ќе биде во надлежност на министерот и ќе се менуваат многу побрзо“, вели Даниела Михајловска – Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Масовен или елитен туризам

Македонија се уште ја нема решено дилемата дали треба да се промовира како дестинација за масовен или за елитен туризам.

Карактеристиките на земјата се такви што таа и не може да се натпреварува со соседите кои излегуваат на море и кои буквално привлекуваат милиони туристи на своите плажи.

Токму затоа, според познавачите, фокусот треба да биде ставен на културата, историјата, но и гастрономијата и целта да биде квалитет пред квантитет односно Македонија мора да се обиде да привлече гости со подлабок џеб.

„Бројките се едно, а реалноста друго. Не е важно колку гости доаѓаат туку колку пари оставаат“ вели Драган Стојановски, експерт за туризам. „Ние немаме море, немаме песочни плажи кои се долги стотици километри крај кои може да се сместат милион гости. Затоа мораме да работиме на квалитетот, а не на квантитетот“ објаснува тој.

За подинамичен раст на секторот недостигаат хотелски синџири од светски бренд, коментираат познавачите. Исклучок е Скопје каде состојбата последните години е подобрена.

Државни субвенции за одмор

Државата нуди субвенции односно ваучери од 15 илјади денари за одмор за работниците со ниски примања. На јавниот повик пристигнале 1.230 апликации.

„Интересот на работниците со ниски приходи е навистина голем. Лани ваучерите ги искористиле 1.699, а предминатата година 1.098 семејства. Од анализата на Секторот за туризам по завршувањето на проектот се утврди дека најголем број на лицата кои го искористиле одморот се од скопскиот, втори, работниците од полошкиот, трети од североисточниот регион. Повеќето од нив се вработени во државната и јавната администрација“, вели раководителот на секторот за туризам од Министерството за економија Беким Хаџиу.

Годинава за оваа програма се одвоени 20 милиони денари за која можат да аплицираат работници со ниски приходи, чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 22.000 денари.

На веб страницата на Министерството објавена е листата на хотели во македонските туристички центри Охрид, Берово, Попова Шапка, Дојран, Струга каде што работниците можат да го користат ваучерот.

Глобалниот туризам во нагорна линија

Додека туризмот во Македонија оди надолу, во светот оди нагоре.

Приходите од меѓународниот туризам во 2018 година во светот изнесувале 1.700 милијарди американски долари, што е за 4% повеќе отколку во 2017 година и нов рекорд, со што туризмот го задржа третото место меѓу економските сектори во светот. Ова го покажуваат податоците на Светската туристичка организација (UNWTO).

„Силен раст на излезните патувања на многуте пазари ширум светот ги зголеми приходите од меѓународниот туризам на вкупно 1.700 милијарди американски долари, што прави 29% од глобалниот извоз на услуги и 7% од вкупниот извоз на стоки и услуги. Овој меѓународен туризам се консолидира меѓу петте најголеми економски сектори во светот, зад хемиските и индустриите за горива, а пред прехранбената и автомобилската индустрија”, нагласуваат од UNWTO.

Странските туристи кои со нивното трошење во 2018 најмногу придонеле за растот на приходите од меѓународниот туризам се Кинезите, кои во светот потрошиле 277.3 милијарди долари или 5.2% повеќе отколку во 2017 година, а на второ место се туристите од САД со потрошувачка од 144.2 милијарди долари или 7% повеќе. Германците се трети со туристичко трошење од 94.2 милијарди долари или 1.2% повеќе отколку во 2017 година.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП