16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: каде оди македонската индустрија?

Анализа: каде оди македонската индустрија?

Статистиката мери раст на производството и прометот во индустријата, но и пад на бројот на вработени. Менаџерите се умерени оптимисти, а државата најавува мерки за поддршка и работи на нова стратегија за секторот.

Раст на производството и прометот

Индустриското производство пораснало за 1.2% за една година. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во мај 2019-та во однос на мај 2018-та раст 22.0% има секторот енергија, од 5.4% рударство и вадење камен, од 2.9% интермедијарни производи, од 2.6% трајни производи за широка потрошувачка, од 1.9% нетрајни производи за широка потрошувачка. Намалување од 7.1% има кај капиталните производи, а од 0.4% секторот преработувачка индустрија.

„Намалувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство на тутунски производи, на кожа и слични производи од кожа, на метали, на компјутерски и електронски и оптички производи и на моторни возила, приколки и полуприколки“ се наведува во соопштението на ДЗС.

Освен производството расте и прометот на индустријата. Во април годинава во однос на истиот месец лани бил поголем за 17.3%. На домашниот пазар растот е 5.3%, а на странските 22.1%.

Вкупниот промет бележи пораст кај интермедијарните производи за 9.4 %, капитални производи за 31.1 %, нетрајни производи за широка потрошувачка за 7.3 %. Опаѓање од 3.2% има кај секторот Tрајни производи за широка потрошувачка за 3.2%.

Во мај е измерен и годишен пораст од 0.6% на цените на индустриските производи. Кај секторот рударство и вадење камен има раст од 8.5%, кај преработувачката индустрија од 0.7%, а кај енергијата пад од 2.2%.

Пад на бројот на вработени

Статистиката мери раст на производството и на прометот, но истовремено бележи и пад на вработените. Во мај 2019-та во однос на мај 2018-та бројот на работниците во индустријата бил помал за 2.5%.

Намалување од 1.0% има во секторот рударство и вадење камен, од 2.7% кај преработувачката индустрија, од 1.2% кај енергијата, од 1.4% кај интермедијарните производи, од 5.8% кај трајните производи за широка потрошувачка, од 5.0% кај нетрајните производи.

Зголемување на бројот на вработени има единствено во секторот капитални производи и тоа за 2.4%.

Менаџерите се умерени оптимисти

Менаџерите од секторот индустрија се умерени оптимисти. Тоа го покажува анкетата на ДЗС според која индикаторот на доверба во мај 2019-та е зголемен за 0.2 процентни поени во однос на април и за 1.5 процентен поен во однос на мај 2018-та.

„Очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се зголемени во однос на април 2019 година“ се наведува во извештајот од ДЗС.

Оценката за економската состојба е поповолна во однос на претходниот месец од оваа и во однос на истиот месец од минатата година. Се очекува бројот на вработените да се зголеми.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во мај 2019 година изнесува 69.6 % од нормалното искористување.

„Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила со 26.0%, недоволната странска побарувачка со 16.8 %, недоволната домашна побарувачка со 14.4% и неизвесното економско опкружување со 10.8%“ наведува ДЗС.

Државата најавува мерки за поддршка

Државата преку сет мерки најавува дека ќе работи на поттикнување на специјализацијата, дигитализацијата и интернационализацијата на индустријата.

„Преку Планот за економски раст и новата ревидирана индустриска политика, фокусот го ставивме на преработувачката индустрија, стимулирање и поддршка на инвестициите, трансферот на технологии, поддршка на иновациите, вработувањето, зајакнатата соработка на науката со индустријата и интернационализацијата“ изјави неодамна министерот за економија Крешник Бектеши.

Владата во моментов работи на нова Стратегија за паметна специјализација која треба да биде готова во 2020-та година. Нејзина цел е зголемување на соработката меѓу јавниот, бизнис и научно-истражувачкиот и иновативен сектор, стимулирање на приватните инвестиции во истражување и иновации, пристап до европските структурни и инвестициски фондови, пристап до фондови за истражување, инструменти за технолошки иновации и трансфер на технологии.

Преработувачка индустрија – двигател на економијата

Според официјалните статистики преработувачката индустрија учествува со 12.2% од вкупните економски активности односно од БДП (2016 година), вработува 19% од работната сила, учествува со 10% во бројот на активни компании, а најголем дел од извозот или 87% се создава кај компаниите од индустријата.

Речиси 40% од вкупните странски инвестиции во државата се во преработувачка индустрија, од кои 75% се концентрирани во три сектори и тоа: транспорт и опрема, основни и преработени материјали и преработка на храна.

Контрадикторни долгорочни трендови

Долгорочните трендови на секторот покажуваат до некаде контрадикторни тенденции – во периодот од почетокот на 2013-та до крајот на 2015-та опаднал бројот на активни компании, се намалила потрошувачката на енергија, а се зголемил бројот на вработени како и обемот на производство.

Според последната публикација на ДЗС во 2013-та во секторот имало вкупно 8.214 деловни субјекти, во 2014-та 8.006, а во 2015-та 7.972.

Лани во секторот преработувачка индустрија биле основани 675 компании а биле затворени 652.

Анализите на статистичарите покажуваат и дека од година во година индустријата користи се помалку енергија. Во 2012-та вкупната финална потрошувачка била 580.214.000 toe, а во 2014-та 515.193.000 toe.

Потрошувачката на електрична енергија е речиси непроменета, на јаглен и на нафта постојано опаѓа, а на природен гас и на биомаса има благ пораст.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП