29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКласни разлики – богатите имаат шест пати повеќе од сиромашните

Класни разлики – богатите имаат шест пати повеќе од сиромашните

Македонија успеала да ги намали разликите меѓу најбогатите и најсиромашните, но тие остануваат релативно високи споредено со земјите во регионот и уште повисоки споредено со Европската Унија. Граѓаните, пак, велат дека тие чувствуваат зголемување а не намалување на јазот меѓу оние кои имаат и оние кои немаат.

Македонија успеала да ги намали разликите

Македонија успеала да ги намали разликите меѓу најбогатите и најсиромашните.

Според последната анализа на Евростат во 2012-та најбогатите 20% од населението располагале со 10.2 пати повеќе имот од најсиромашните 20%.

Во 2017-та разликата била намалена на 6.4 пати.

На Балканот најголеми разлики во Србија

Според податоците на Евростат најголеми разлики и нивно зголемување има во Србија, во 2012-та била 8.9 а во 2017-та 9.4 со што е најголема и во цела Европа.

Следува Турција со 8.7, Бугарија со 8.2, Албанија со 6.4, Грција со 6.1, Хрватска со 5.9, Црна Гора со 4.6, Словенија со 3.4.

Европскиот просек е 5.1, најмала разлика меѓу богатите и сиромашните има во Чешка со сооднос од 3.4.

ДЗС: помали разлики меѓу богатите и сиромашните

И Државниот завод за статистика (ДЗС) мери минимално, но континуирано намалување на GINI коефициентот кој ја мери разликата меѓу богатите и сиромашните.

GINI во 2015-та изнесувал 0.337, во 2016-та бил 0.336 а во 2017-та (последни достапни податоци) се спуштил на 0.325.

GINI е мерка на нееднаквоста на приходите. Вредноста на коефициентот е дефинирана во распон од 0 до 1, при што ниска вредност индицира подеднаква распределба на приходите или богатството, а висока вредност на нееднаквоста. Доколку GINI изнесува 1 тоа би значело дека во конкретното општество едно лице го поседува целиот приход, а сите други немаат приходи.

Во светски рамки најголема нееднаквост меѓу населението има Јужна Африка со коефициент 0.634, следуваат Намибија со 0.613 и Хаити со 0.608. Најмали разлики има во Украина 0.255, Исланд 0.256 и Словенија 0.257.

Од земјите во регионот освен Словенија која стои фантастично добро и на глобално ниво, солидно котираат и Албанија со 0.290, Србија со 0.291, Црна Гора 0.319, Хрватска 0.322, Босна 0.331, Грција 0.358, Бугарија 0.374.

Колку се чувствуваат намалените разлики?

Најголем дел од граѓаните велат дека не го чувствуваат она што го мери статистиката, сметаат дека разликите не се намалуваат туку се зголемуваат.

„Порано сите скоро бевме исти, кога велам порано мислам на бившата држава. Сега има луѓе кои не можат да си ги задоволат ни основните потреби но и такви кои не знаат што да прават со парите и грабаат уште и уште“ вели жител на главниот град.

„Ќе се родиш сиромав, ќе си заминеш сиромав освен ако не си криминалец или политичар. Во оваа земја чесно не може да се заработат многу пари“ вели друг жител на метрополата.

Стапка на сиромаштија 22.2%

Според најновите податоци стапката на сиромаштија во 2017-та достигнала 22.2% и за една година се зголемила за 0.3 процентни поени.

460 илјади Македонци живееле под прагот на сиромаштија кој за самечко домаќинство изнесува 7.510, а за четиричлено домаќинство 15.771 денари месечен приход.

Највисока стапка на сиромаштија има кај најмладите односно децата до 17 години, изнесувала 29.9%; а најниска кај највозрасните односно постарите од 65 години, изнесувала 16.1%.

За сиромашни се сметаат оние лица, семејства и групи чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво кое ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеат.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП