18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: сите македонски патишта и патарини – колку државата инкасира од возачите?

Анализа: сите македонски патишта и патарини – колку државата инкасира од возачите?

Македонија ќе добие три нови патарини. Владата ги одреди локациите, но не ги открива цените. По овој основ во просек секоја година кај државата одат по околу 40 милиони евра. Патарината е утврдена, но автопатот Скопје – Штип никако да биде пуштен во употреба иако градежните работи завршија.

Нови патарини на новите правци

Владата одлучи да воведе нови патарина на повеќе патни правци, но се уште не открива колку тие ќе чинат.

„Одлуката се донесува заради воведување наплата на патарина на новите автопатни правци Демир Капија – Гевгелија, Миладиновци – Свети Николе и Свети Николе – Штип, како и заради можноста за електронска наплата на патарината со електронски бесконтактни смарт-картички и со билети за ненаплатена патарина со налог за плаќање“ соопштија од Владата.

Оттаму засега не кажуваат колку ќе се наплаќа на овие патарини.

Низ Македонија има 7 патарини

Во моментов низ државава има 7 патарини. Цените на нив за патнички автомобили се:

•           Скопје – Миладиновци – 40 денари / 1 евро
•           Миладиновци – Куманово – 60 денари / 1.5 евра
•           Скопје – Петровец – 40 денари / 1 евро
•           Петровец – Велес – 80 денари / 1.5 евра
•           Велес – Градско – 60 денари / 1.5 евра
•           Скопје – Тетово – 40 денари / 1 евро
•           Тетово – Гостивар – 30 денари / 0.5 евро

Државата наплаќа по 40 милиони евра од патарини

Просечниот приход на државата од наплата на патарини е околу 40 милиони евра годишно.

Последниот достапен финансиски извештај на ЈП за државни патишта покажува дека во 2017-та тие оствариле добивка од 84.2 милиони евра. Таа е резултат на 50.84 милиони евра оперативна добивка и уште 33.4 милиони евра приливи од кредити наменети за финансирање патишта и автопати.

Според структурата ЈП за државни патишта остварува приходи од три различни дејности.

Во 2017-та од акциза која од секој продаден литар нафта и нафтени деривати инкасирале 41.3 милиони евра.

Приходите од патарини достигнале 38.73 милиони евра.

Од давачките што се плаќаат при регистрација на моторно возило наплатиле 24.25 милиони евра.

Вкупните приходи во 2017-та биле 104.3 милиони евра.

На расходната страна доминира амортизацијата и трошоците кои ги исплатиле на добавувачи односно на компании кои градат автопати.

Трошокот за амортизација е 25.86 милиони евра, а за добавувачите односно за изградбата на патиштата биле исплатени 19.7 милиони евра.

За трошоци на вработените претпријатието одвоило 3.4 милиони евра, а за останатите расходи биле платени 5.5 милиони евра. Друштвото платило данок на добивка во износ од 6.2 милиони евра.

Најфреквентни патишта во Македонија

Најфреквентни се патиштата околу најголемите населени места. Според податоците на ЈП „Македонија пат“ во просек најмногу возила има во околината на Скопје, Тетово и Охрид.

Надвор од населените места најмногу сообраќај има правецот Петровец – Хиподром (16.099). Следат Петровец – Велес (14.987), Глумово – Тетово (13.406), Тетово – Гостивар (13.087, Скопје – Глумово (11.935). Овие правци се на ниво на автопат.

На правецот Охрид – Струга во просек има по 10 илјади возила на ден. Потоа следи Гевгелија – грчка граница со нешто над 9 илјади, па Охрид – Пештани со речиси 9 илјади.

Автопатот Скопје – Штип никако да биде отворен

Не оваа среда, другиот петок. Буквално вака изгледаат најавите за пуштање на новиот автопат од Скопје до Штип за кој главните градежни работи завршија пред една година.

Само во мај имаше најмалку три најави од надлежните дека се бројат деновите кога тој ќе биде пуштен за сообраќај.

Последната информација е дека се уште не е целосно завршено поставувањето на заштитната ограда крај патот.

Делницата Миладиновци – Штип е долга 47 километри. Почна да се гради 2014 година и чини 200 милиони евра, кредит кон „Ексим банка“

Првично требаше да биде готов до мај 2017 година, а последниот рок беше минатата есен. Од тогаш до сега следуваа само најави за отворање и нови пролонгирања.

Кичево – Охрид готов за две години

Автопатот од Кичево до Охрид според последните најави треба да биде готов до 2021-та. Рокот неколку пати беше пролонгиран, а цената од првично планираните 400 милиони евра порасна за дополнителни 187 милиони.

Цената на оваа автопатска делница драстично порасна поради пропусти во првичниот проект но и лоша процена на теренот. Главниот проблем беа промашените косини на автопатот и непредвидените клучки, а дополнителни главоболки на градежниците им задава и ровката и мека земја во која многу потешко се изведуваат тунели и засеци.

Блаце – Скопје се уште без проект

Следен автопат на кој треба да се работи е од Блаце, на границата со Косово, до Скопје. Но, за него се уште нема проект.

Минатата недела на косовска страна беше пуштен автопатот од Приштина до границата со Македонија, па властите најавија дека и тие ќе ја забрзаат постапката за изградба од наша страна.

„Овие денови и кај нас се распишува тендерот за автопатот од 14 километри вреден 120 милиони евра. Така ќе се заокружи автопатското поврзување меѓу Скопје и Приштина и патувањето меѓу овие два града ќе трае само 45 минути. Наша обврска е автопатот Блаце – Скопје, како дел од рутата 6 од паневропската мрежа на патишта да почнеме да го градиме во предвидениот рок и целосно да го завршиме во експресно време“ изјави премиерот Зоран Заев кој присуствуваше на свеченоста во Косово.

Според првичните најави по целиот автопат ќе може да се вози кон средината на 2023 година, но надлежните се оптимисти дека може да биде завршен и порано иако досегашното искуство со другите делници покажува дека ова е малку веројатно.

Автопатот долг 12.5 километри со кој патувањето меѓу Скопје и Приштина треба да се скрати од два часа на 45 минути ќе чини над 100 милиони евра. 73 милиони се обезбедени од ЕБОР, 27 милиони се дел од инструментот на ЕУ – Инвестициска рамка за Западен Балкан, а остатокот е од буџетот на јавното претпријатие за државни патишта.

Демир Капија – Смоквица е најновиот автопат

Најновиот, целосно комплетиран автопат, е од Демир Капија до Смоквица. Беше пуштен во употреба минатата година и со него целосно се заокружи Коридорот 10 од границата со Србија до границата со Грција.

Оваа делница е долга 28 километри и чинеше 280 милиони евра. Ја игзради грчката компанија Актор. Се гради од 2012 година. Првично требаше да биде готова во 2016-та.

Инфраструктурниот проект го почна претходната, а го заврши и го става во употреба актуелната власт. Шестгодишните активности на терен ги одбележаа обвинувања и критики меѓу двете гарнитури. Од СДСМ како поранешна опозиција упатуваа прашања околу изборот на „Актор“ и износот на инвестицијата, додека пак, од поранешната владејачка ВМРО-ДПМНЕ по заминување од власт минатата година ја обвинија новата Влада дека е неспособна да пушти готов проект.

Македонија има 130 метри автопат на илјада жители

Вкупната автопатска мрежа во Македонија во моментов е долга 270 километри. Со тоа земјава има приближно 11 метри автопат на илјада квадратни километри или околу 130 метри на илјада жители.

Главниот автопат е А1 (до неодамна наречен „Александар Македонски“ а сега „Пријателство“). Тој е долж Коридорот 10 и ја поврзува северната граница со Србија и јужната со Грција. Првиот дел е почнат уште во 1979-та година, а последниот од Демир Капија до Смоквица долг 28 километри беше пуштен во  употреба лани. Со него целосно се заокружува оската Север – Југ на ниво на автопат.

По Коридорот 8 засега на ниво на автопат е поврзано Скопје со Тетово и Гостивар, а овде влегува и обиколницата на северната страна од главниот град. Ознаката на овој пат е А2, а уште се именува и како „Мајка Тереза“. На 25 километарското растојание меѓу Тетово и Гостивар автопатот има по 2 ленти во двата правци, но е без помошна лента, па според некои стандарди е категоризиран како експресен пат. Во тек е изградба и на делницата од Кичево до Охрид долга 57 километри која повторно доби нов рок за завршување, 2021 година.

Автопатската делница А4 долга 46 километри од Миладиновци до Штип е завршена но се уште не е пуштена во употреба. Го носи името „Гоце Делчев“.

Најавена е и изградба на автопат од Блаце до Скопје кој треба да почне да се гради годинава.

Кога ќе завршат тековните проекти вкупната автопатска мрежа во Македонија ќе биде долга речиси 400 километри што е зголемување од речиси 50% во однос на моменталната состојба.

Грција прва, Црна Гора последна во регионот

Со готови 242 километри автопат и уште 132 во изградба Македонија е некаде на средина споредено со државите од регионот.

На прво место е Грција со вкупна должина на автопатска мрежа од 2.520 километри, следува Турција со 2.289, па Хрватска со 1.254, Бугарија со 805, Србија со 620, Словенија со 612, Албанија со 271, Косово со 98, Босна со околу 40 километри, а на последно место е Црна Гора која засега нема ниту еден километар комплетиран автопат но таму во моментов се работи на траса долга 140 километри која треба да го поврзе пристаништето Бар со границата со Србија.

На ниво на Европа најголема автопатска мрежа имаат Шпанија (околу 16 илјади километри), Германија (13 илјади) и Франција (12 илјади).

Во светот број еден е Кина (131 илјади километри), па Соединетите Држави (77 илјади) и Канада (17 илјади).

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП