27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКеш или картичка – која е разликата?

Кеш или картичка – која е разликата?

Македонците имаат 1 милион и 841 илјада платежни картички. За една година нивниот број е намален за речиси 8 илјади.

Граѓаните и натаму претпочитаат кеш пред картичка, најголем дел од парите ги повлекуваат од банкомат наместо директно да ја употребат дебитната или кредитната во продавница.

Според последните податоци на Народната Банка, заклучно со 31.12.2018, најголемиот дел од картичките биле од брендот Visa (нешто над 1 милион), а потоа MasterCard (нешто над 700 илјади). Останатите, American Express и Diners, заземаат многу мал процент.

На име на фирма има регистрирано само 34.170 платежни картички, додека сите останати се на физички лица.

Според функцијата 1 милион и 449 илјади се дебитни, а останатите се кредитни.

Но, која е разликата меѓу дебитна и кредитна картичка?

Дебитната картичка е картичка што банката му ја издава на сопственикот на тековна или девизна сметка за да може да располага на своите средства без оглед на работното време на банката. Со дебитната картичка клиентот може да подигне готовина на банкомат, но и да плати за одреден производ или услуга. Од таа причина, дебитните картички претставуваат безготовинско средство за плаќање.

Кредитната картичка, иако има иста форма како и дебитната, функционира на поинаков начин. Во текот на пресметковниот период, најчесто на месечна основа, клиентот позајмува пари од банката и плаќа со нејзини пари, а на крајот на месецот потребно е да се покрие позајмениот износ со утврдена каматна стапка. Овој вид на картички функционираат како кредитна линија. Банката на својот клиент му одобрува лимит на износ којшто може да се потроши со користењето на кредитната картичка. Потоа, клиентот може да ја користи картичката за да плаќа или да подигнува готовина од банкомат, до дозволениот лимит.

Бројот на банкомати останува речиси непроменет. На крајот на 2018-та бил 1.040 што е за 9 повеќе од крајот на 2017-та.

Од друга страна бројот на ПОС терминали (уреди кои прифаќаат картички на продажните места) има тенденција на намалување која трае веќе неколку години. На 31.12.2018-та во земјава имало 31.610 ПОС терминали, а на 31.12.2017-та имало 32.046. Пред само три години нивниот број достигнуваше речиси 35 илјади.

Иако бројот на картички надминува 1.8 милиони, мал дел од нив активно се користат. Според податоците на НБРМ во просек секој месец Македонците плаќаат по 5 милиони пати со кредитна картичка а 2 милиони пати повлекуваат пари од банкомат.

Иако картичките се користат почесто за плаќање отколку за повлекување пари, тоа најчесто се помали суми.

Така, вкупниот промет направен со платежни картички во декември бил 95.5 милиони евра, од нив на ПОС терминалите биле извршени плаќања во вредност од 83.6 милиони евра, на интернет биле потрошени 11.8 милиони евра. Истиот месец од банкоматите во кеш биле повлечени 208 милиони евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП