21 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: кои професии се најбарани на пазарот на труд?

Анализа: кои професии се најбарани на пазарот на труд?

Многу правници и економисти, малку продавачи и шивачи – компаниите бараат едно, работниците сосема друго. Македонија има сериозни дисбаланси на пазарот на труд.

Агенција за вработување: 7.957 слободни работни места

На веб страницата на Агенцијата за вработување во моментов се објавени 7.957 слободни работни места.

Најголем дел од нив се за позиции без или со мали квалификации. Се бараат 830 хигиеничари, 765 шивачи, 643 продавачи, 409 келнери, 283 таксисти.

Истражувањата на Агенцијата за вработување покажуваат дека во земјава има хроничен недостиг од квалификуван кадар во одредени дејности.

Од оние со завршено високо образование се бараат: програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, електроинженери, технолози, фармацевти, графички дизајнери.

Од луѓето со средно или со вишо образование се бараат: комерцијалисти, техничари, медицински сестри, администратори, леари и слично.

Стапка на невработеност од 19.4%

Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) заклучно со 31 декември 2018-та стапката на невработеност во земјава била 19.4% и се намалила за 2.5 процентни поени.

На крајот на годината имало 776.806  вработени и 185.803 невработени.

Невработеноста останува најголем проблем за најмладите. Дури 44.0% од луѓето на возраст до 24 години немаат работа, во категоријата од 25 до 49 години стапката изнесува 18.2%, а над 50 години достигнува 15.3%.

19.9% од мажите и 18.7% од жените не можат да најдат работа.

Најголем дел од невработените се со средно образование, а помал дел со високо и со основно.

Најмногу се бараат среднисти

Анализата на Агенцијата за вработување покажува дека на пазарот на труд најмногу се бараат работници со средно образование.

58.3% од новите вработувања се очекува да бидат за луѓе со завршено средно училиште, 25.0% со основно, 8.8% со вишо и 7.9% со високо образование.

Побарувачката на високо образован кадар ќе биде најголема во дејноста информации и комуникации каде според искажаните потреби на работодавачите се очекува дека речиси 80% од вработувања во оваа дејност ќе бидат за лица со високо образование.

Речиси во сите останати дејности, најголема е побарувачката на кадар со средно образование, а меѓу нив посебно се издвојуваат преработувачката индустрија и дејноста трговија на големо и трговија на мало, каде 61.0%, односно 58.5% од вкупните вработувања во овие дејности ќе бидат за лица со средно образование.

Бизнисот и државата во заедничка акција за насочување на младите

Стопанството и институциите започнуваат координирана акција за да им објаснат на учениците и родителите за важноста на средното стручно образование и за можностите што ги отвора тоа.

Анализите на Сојузот на стопански комори (ССК) покажуваат дека нивните членки имаат голема потреба за машински и електро струки поточно за заварувачи, ракувачи на градежна механизација, оператори и програмери на ЦНЦ машини, ИТ техничари, бравари, водоинсталатери, електро техничари, пекари, ѕидари, одржувачи на хигиена.

„Дополнително компаниите пројавуваат интерес и за високостручен кадар како машински, електро, технолошки, хемиски и информатички инженери, лабораториски биоинженери, фармацевти. Согласно анализите на Сојузот за потребите од дефицитарен кадар на национално ниво, бројката на побарување е четирицифрена. Во оваа насока, потребна е консолидирана оценка за потребите на стопанството и човечките потенцијали во земјата со можност за преквалификации, а долгорочно стратешка промена на севкупниот образовен систем“ вели Габриела Кулебанова, потпретседател на ССК.

Државата веќе ја започна кампањата „Одбери стручно“ која треба да ги промовира предностите на насоченото средно образование. Карванот почна на 19 април, а до 29 мај ќе посети уште 170 основни училишта во земјава, со што вкупната бројка на локации на кои што тој ќе се одржи ќе биде повеќе од 350.

„Со пораката ‘Одбери стручно, средно што е вредно’ оваа кампања ќе се обиде да ги сруши митовите, меѓу кои е и тој дека условите во средните стручни училишта не се сменети со години. Фактите велат дека Министерството за образование и наука изминативе пет години вложи над 5.5 милиони евра во унапредување на условите во средните стручни училишта преку изградба на нови објекти, набавка на опрема и основање реални училишни компании. Широко присутен мит е и тој дека лицата што ќе завршат средно стручно училиште ќе имаат мала плата. Според Државниот завод за статистика, стручно оспособените работници имаат плата што не се разликува од просечната, а често е и повисока“, велат од МОН.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП