21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаст на извозот и увозот - трговската размена на плеќите на само...

Раст на извозот и увозот – трговската размена на плеќите на само 20-на компании

Извозот расте побргу од увозот со што се намалува трговскиот дефицит, но домашните компании каскаат зад странските инвеститори. Речиси половина од извозот е резултат на работењето на 20-на компании.

Извозот расте побргу од увозот – се намалува трговскиот дефицит

Во првите три месеци од годинава вкупниот извоз што го направила Македонија достигнал 1 милијарда и 529 милиони евра што е за 16.8% повеќе во однос на истиот период лани.

Увозот, пак, достигнал 1 милијарда и 988 милиони евра и пораснал за 11.5%.

Со тоа надворешно – трговската размена била 3 милијарди и 517 милиони евра, а покриеноста на увозот со износ изнесувала 76.9%. Во истиот период лани покриеноста на увозот со износ била 73%.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во првите три месеци од годинава земјава најмногу извезла интермедијарни производи (1.1 милијарди евра), потоа производи за широка потрошувачка (318 милиони), капитални производи (295 милиони евра).

Домашните компании каскаат зад странските инвеститори

Податоците на ДЗС потврдуваат дека извозот во најголем дел е резултат на компаниите кои функционираат во слободните економски зони. Во категоријата интермедијарни производи влегуваат катализаторите, сетовите на проводници, деловите за седишта. Во капиталните производи меѓу другите влегуваат и автобусите.

Големото учество на странските инвеститори во трговската размена се огледува и во увозот. Најголем дел се состои од платина и легури од платина кои се користат за изработка на катализатори, потоа нафтените масла, железните и челичните производи.

20 компании придонесуваат за половина од извозот

Податоците на ДЗС ги потврдува и анализата на Народната Банка. Во неа стои дека компаниите кои работат пред се во слободните економски зони имаат тенденција на континуиран раст на извозот.

„Во просек, нето извозот на новите капацитети изразен како учество во БДП, од 0.4% за периодот од 2011 до 2013 достигна 3.8% од БДП во 2017, додека само во првата половина од 2018 година тој изнесува 2,4 отсто од БДП“, велат од Народната банка во анализата.

Затоа, како што пишува во анализата, извозот на традиционалните дејности се сведе на околу 26 проценти, додека моментално преовладува извозот на новите индустриски капацитети, односно извозот на опрема и машини и на производи на хемиската индустрија, со заедничко учество од околу 45 отсто во вкупниот извоз за 2017 година.

„Структурата на извозот на новите компании значително се разликува од структурата на традиционалниот извоз на домашната економија. Ваквата промена во структурата, во корист на производи со повисок степен на обработка, коишто се помалку чувствителни на промените на берзанските цени, секако доведува до намалување на неговата чувствителност на ценовни шокови. Воедно, и примената на технологија кај овој вид производство е повисока“, стои во анализата.

Македонија најмногу извезува во Германија

Македонија остварува најголем дел од трговската размена со Германија, држава од кои доаѓаат значајни странски инвеститори.

Според податоците на Државниот завод за статистика во првите три месеци од годинава во Германија биле извезени производи и услуги во вкупна вредност од 769 милиони евра. Во истиот период увозот бил 221 милион евра. Македонија е една од ретките држави кои имаат суфицит во размената со Германија.

Најголем дел од останатата трговија се остварува со земјите од регионот, пред се со Косово, Србија и Грција.

За стабилна економија извозот мора да расте побргу од увозот

Државата очекува извозот да расте со побрзо темпо од увозот. На ова се засноваат и проекциите за економски раст во следниот период. Тоа е и еден од заклучоците во „Програмата на економски реформи 2018 – 2020“ на Министерството за финансии.

„Извозот на стоки и услуги се очекува да забележи реален раст од околу 8.0% во просек, во услови на континуирано солидна активност на извозно-ориентираните капацитети, како и очекуван раст на странската побарувачка, додека увозот на стоки и услуги во овој период се очекува да забележи просечен реален раст од 6.4%“ стои во Програмата.

Македонија како мала и отворена економија мора да го поттикнува извозот за да одржи раст на долг рок, потребно е соодносот на извозот во БДП да се зголеми од 50% до околу 75%. Ова е заклучокот и во студијата што неодамна ја изработи Виенскиот институт за меѓународни економски односи по барање на Стопанската комора. Главната препорака е да се направат дополнителни подобрувања во трговскиот сектор со цел да се поддржи растот на извозот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП