1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА27 години македонски денар – од вредносни бонови до стабилна валута

27 години македонски денар – од вредносни бонови до стабилна валута

Денар полни 27 години. На денешен ден, 26 април, 1992-та Македонија монетарно се осамостои. Гувернерката на Народната Банка уверува дека македонската валута останува стабилна. Наскоро ќе се појават и првите банкноти а подоцна и монети на кои ќе пишува „Република Северна Македонија“.

Народна Банка: денарот останува стабилен

Денарот е стабилен, а монетарната стратегија на одржување де факто фиксен курс во однос еврото е оптимална за нашата економија и компатибилна со нејзините структурни карактеристики, оценува гувернерката на Народната Банка по повод 27 години монетарна самостојност.

„И денес, на денот кога пред дваесет и седум години беа донесени повеќе закони со кои се создадоа предуслови за осмислување и примена на самостојна монетарна политика од страна на Народната Банка, со сигурност можам да потврдам дека денарот е стабилен“, вели гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска. „Монетарната стратегија на одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото е оптимална за нашата економија и компатибилна со нејзините структурни карактеристики. Курсот на денарот постојано е во согласност со нивото што го налагаат економските фундаменти“ објаснува таа.

Стабилноста на домашната валута директно придонесува за ниската и стабилна инфлација и за стабилниот финансиски систем, кои пак се важни предуслови за креирање поволен амбиент за поддршка на економскиот раст.

„Од моментот кога се креираше институционалната рамка на монетарниот систем на земјава и кога се воведе денарот како парична единица, па до денес, Народната банка успешно одговори на бројни предизвици од различна природа. Сето она што е постигнато досега е резултат на влогот што го остварија многу наши колеги – посветеници на централноабанкарското работење кај нас. Постигнатото е резултат и на влогот на сите наши претходници кои во судбоносни моменти донесоа исправни одлуки“ вели Ангеловска – Бежоска.

Како беше воведена македонската валута?

Веднаш по прогласувањето на независноста на 8-ми Септември 1991-та започнале подготовките за монетарно осамостојување, а целиот процес се држел во најстрога тајност.

Било проценето дека новата валута мора да биде воведена што поскоро поради хиперинфлацијата која била присутна во СФР Југославија во тоа време. Сепак, предвид морале да бидат земени и повеќе фактори кои го отежнувале процесот: ниските девизни резерви, стравот од реакција од Србија и од меѓународната заедница, а целата ситуација дополнително ја компликувало и присуството на ЈНА која се уште не била повлечена од Македонија.

Била формирана посебна Комисија за монетарен систем која ги координирала активностите кои официјално започнале со одлука на експертската Влада од 19-ти декември 1991. Народната банка била овластена да започне со изработка на вредносни бонови како привремено платежно средство. Речиси 30 милиони единици биле отпечатени во „11 Октомври“ Прилеп во апоени од 10, 25, 50, 100, 500 и од 1.000. Заради ефектите на хиперинфлацијата подоцна биле отпечатени и од 5.000 и 10.000 единици.

Поради кусото време за изработка било одлучено сите бонови да имаат ист дизајн, да се разликуваат само по боите. Основен мотив на предната страна бил Македониумот во Крушево, а на задната тутуноберачите.

Боновите биле отпечатени пред да биде донесена одлуката за името на новата валута, па на нив никаде не пишувало „денар“, стоела само вредноста.

„Република Македонија воведува сопствена парична единица што ќе го носи името денар и еве задоволство ми е да видите како тие парични единици се печатени. Нека ни е честито.“ Со овие зборови првиот премиер во независна Македонија, Никола Кљусев, ги презентираше новите пари пред пратениците и пред целата јавност на 26 април, Велигден, 1992-та.

Истиот ден биле донесени Законот за Народна банка на Македонија, Законот за парична единица и за нејзина употреба. Следниот ден започнала замената на југословенските динари со македонскиот денар во сооднос 1 спрема 1, а целиот процес заврши за три дена.

Југословенските динари дефинитивно престануваат да важат како платежно средство на 29 април , а кованите пари од 1, 2 и од 5 динари остануваат во оптек уште една година.

Како денарот го добил своето име?

Пеон, Статер, Лав, Македонски динар. Ова биле главните предлози за името на новата македонска валута пред да биде донесена одлуката таа да биде именувана како Денар.

Предлогот дошол од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) поточно од академик Петар Илиевски.

„Називот пари најчесто се зајмува од други јазици. Во античка Македонија биле ковани пари, главно, со грчки називи, статер, драхма, обол и друго. Во времето кога Словените се населиле на Балканскиот Полуостров, Македонија била римска провинција и се употребувале римски пари. Основен назив на тие монети бил ‘денариус’, латински збор изведен од дистрибутивниот број ‘дени’ по десет и ‘декм’, сесловенски збор за десет. Називот ‘денариус’ продолжил да се употребува. Следејќи ја традицијата во употребата на назив на пари, има резон да се задржи едната или другата форма де / инар. Сметам дека денар повеќе одговара“. Ова е писменото образложение кое академик Илиевски го доставил до надлежните институции.

Името било одбрано само три дена пред презентацијата на боновите па затоа и на нив не пишувало „денар“ туку стоела само нивната вредност.

Останатите предлози биле отфрлени – Пеон, според името на исчезнатиот народ Пеони што живеел на овие простори; Статер, грчки назив под кој и повеќе антички македонски владетели ковале монети; Лав, животно кое е еден од симболите на Македонија, Македонски динар, работното име под кое се објавувала целата операција.

Замена на боновите со банкноти – конечно воведување на денарот

Речиси веднаш по пуштањето во оптек на вредносните бонови започнуваат и подготовките за воведување на првата стандардизирана емисија на македонски денари односно на банкноти од 10, 20, 50, 100 и од 500 денари и монети со вредност од 50 дени и од 1, 2 и од 5 денари.

Кон крајот на 1992-та бил распишан конкурс за изработка на новите пари. Од авторите било побарано да достават идејни решенија за шест апоени, и тоа во две варијанти: една, со ликови од историјата на Македонија и втора, со симболи на државноста, историјата, културата, природата и општествените одлики на Македонија.

На конкурсот пристигнале осум понуди, од кои четири не ги исполниле техничките и формалните барања.

НБРМ и претседателот биле со став да не се прифатат идејните решенија со ликови до историјата на Македонија за да се избегне јавна полемика и реакција на малцинствата околу тоа кои историски великани да се стават на парите. Била одбрана варијантата со симболи на македонската државност, култура и природа.

Првата емисија е печатена во „11 Октомври” од Прилеп, а монетите се изработени во фабриката „Сувенир” од Самоков.

Процесот на замена на вредносните бонови со македонски денари трае до 10-ти мај 1993-та, а на 7-ми мај била донесена одлука со која еден денар вреди 100 дотогашни вредносни бонови со цел да се изврши прилагодување поради повеќегодишната инфлација.

Сегашниот изглед на денарите е непроменет од 1996-та

Сегашниот изглед на денарот е воведен на 8-ми Септември 1996-та, на петгодишнината од македонската независност.

Банкнотите со помала деноминација, 10, 50 и 100 денари се печатени во Република Македонија, додека банкнотите со деноминации од 500, 1000 и 5000 денари се печатени во Обединетото Кралство.

Сегашните македонски банкноти содржат повеќе заштитни елементи како што се воден печат, заштитен конец, скриена слика, микро текст, двоен пасер и оптички променлива боја.

Банкнотите имаат симболи и претстави кои го изразуваат културно историското наследство на Македонија, а идејното решение е на ликовниот уметник Билјана Унковска избрано на јавен конкурс.

Наскоро нови банкноти со Република Северна Македонија

По промената на името на државата ќе следува и печатење на нови банкноти и изработка на нови монети на кои ќе пишува Народна Банка на Република Северна Македонија. Процесот ќе се одвива етапно.

Според одлуките кои веќе се објавени во Службен весник банкнотите ќе го добијат новото име на Народната банка. Во одлуката пишува: „Народна банка на Република Македонија“, се заменува со зборовите „Народна банка на Република Северна Македонија“.

Банкнотите со новото име на државава, Република Северна Македонија, ќе се печатат сукцесивно од следната година, а старите ќе имаат важност од пет години или се додека не се повлечат од промет.

Народната Банка поради комплексноста на постапката треба да направи анализа и план на неопходните активности за постепена замена на банкнотите, со оценета временска динамика, во рамките на редовните нови емисии, водејќи сметка за макроекономската стабилност.

„Доколку постапките за јавни набавки завршат во предвидените рокови, очекуваме книжните пари со апоенска вредност од 500 денари со новиот назив на институцијата да се пуштат во оптек на почетокот на 2020 година, додека книжните пари изработени од полимер со апоенска вредност од 10 денари да се пуштат во оптек во вториот квартал од 2020 година. Промената на називот на институцијата ќе се врши при секоја поединечна редовна набавка на пари, во количини коишто се неопходни за замена на постојните изданија на книжни и ковани пари коишто се повлекуваат од оптек заради губење на нивните карактеристики за соодветност за оптек, како и заради обезбедување и одржување континуитет на воспоставениот стабилен процес на снабдување со готовина“ објаснија неодамна од Народната Банка.

Првите нови банкноти со новото име на Народната банка би можеле да бидат изготвени на почетокот на 2020-та година и потоа, сукцесивно, да бидат целосно заменети најдоцна во рок од 5 години од отворањето на релевантното ЕУ поглавје.

Инаку, новото име на Народната Банка на Република Македонија е Народна Банка на Република Северна Македонија.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП