19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: бензинот сè поскап – колку пари одат за државата, колку за...

Анализа: бензинот сè поскап – колку пари одат за државата, колку за трговците?

Горивата стануваат сè поскапи, за една деценија во просек цените пораснале за 20 денари, најдрастично зголемување има кај дизелот поради поголемата акциза. Од наредниот месец ќе биде воведена нова формула и методологија за пресметка на крајната цена, но колку во суштина би чинел литар без давачките кон трговците и кон државата?

Ноќеска горивата поскапеа за 2 до 3 денари

Малопродажните цени на горивата од полноќ се зголемија за два до три денари по литар.

Од ноќеска Еуросупер 95 и се продава по 71.5 денари, Еуросупер 98 чини 73, Еуродизелот се точи за 62.5 денари, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство ќе изнесува 51 денар.

Се зголеми и малопродажната цена и на мазутот и изнесува 34.45 денари за килограм.

Оваа одлука Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ја темели на зголемената цена на сировата нафта на светските берзи.

„Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со изминатиот четиринаесетдневен период бележат зголемување кај бензинот во просек за околу 6.39% или за 39.950 долари по тон, кај дизелот зголемување во просек за околу 2.78% или 15.975 долари по тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 2.11% или за околу 8.475 долари по тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување“ објаснуваат во РКЕ.

Горивата поскапеа за 20 денари за 10 години

Бензините за една деценија во просек поскапеа за 20 денари. Според одлуката на РКЕ од 13 април 2009 година малопродажната цена на Еуросупер 95 била 54.5 денари по литар, на Еуросупер 98 била 56.00 денари, на Еуродизелот 44.50 денари.

Зголемување има и во однос на лани. Во средината на април 2018-та цена на Еуросупер 95 била 68.0 денари по литар, на Еуросупер 98 била 69.50 денари, на Еуродизелот 60.00 денари.

Откако на 1 јануари 2018-та година беше воведена дополнителна акциза од 3 денари а со додаден ДДВ во суштина за 3.5 денари по литар овој нафтен дериват има и најголем пораст на просечната цена. Пред десет години литар дизел чинел 44.50 денари, а сега 62.5 денари.

Колку чини литар гориво без давачките кон државата?

Литар безоловен бензин за 34 денари. Толку би чинело горивото на бензинските пумпи ако од малопродажната цена се одбие заработката на трговците и делот кој оди во буџетот.

Кога точите гориво најголем голем дел од парите одат кај државата. Така во моментов производствената цена на дизелот е 33.4 денари. На ова се додаваат 0.03 денари за еколошка такса, 0.3 денари за задолжителни нафтени резерви, 15.449 денари за акциза, 3.2 денари трговска маржа. На сето ова се додава и 18% ДДВ со што крајната цената што плаќа купувачот е 62.5 денари по литар.

Трговците секогаш се одлучуваат за највисоката цена

Регулаторната комисија за енергетика на трговците им нуди четири нивоа на малопродажни цени на нафтените деривати засновани на четири различни трговски маржи, кои меѓусебно се разликуваат за 0.5 денари по литар.

На овој начин се дава можност трговците да одберат и применат различни ценовни нивоа, со тоа што разликата помеѓу највисоката и најниската малопродажна цена за соодветен нафтен дериват изнесува 1.5 денари по литар.

Ова се прави од крајот на 2004 година, а со цел да се поттикне конкуренцијата меѓу бензинските пумпи, односно во секторот малопродажба на нафтени деривати. Сепак, во изминативе 15 години не се случило ниту еден трговец да продава деривати кои ќе бидат поевтини од највисокото определено ниво.

Во земјава има околу 300 бензински пумпи. Од нив речиси половина или 126 се на „Макпетрол“. Следат „Лукоил Македонија“ со 29 пумпи, „Окта“ со 25, додека преостанатите се во приватна сопственост на повеќе домашни мали претпријатија.

Од наредниот месец нова формула и методологија

Од наредниот месец цената на горивата ќе се формира по нова методологија, Тогаш истекува договорот со ОКТА како и обврската да се применува сегашната формула.

Што точно ќе се смени во начинот на формирање на цената на горивата засега не е познато. Од Комисијата велат дека таа и натаму ќе зависи од курсот на доларот и цените на нафтата на светските берзи, каде ќе се додадат определени трошоци како премии на трговците, транспортот од пристаништата до резервоарите во кои трговците ги складираат нафтените деривати, трошок за пренесување од складиштето до бензинските пумпи, маржа.

„Во изминатите два месеца РКЕ формираше работна група, што работи на изработка на нова методологија, во која учествуваат претставници од најголемите трговци со нафта и нафтени деривати, Министерството за финансии и останатите државни институции што се поврзани со прашањата за нафтата и нафтените деривати. Очекувам новата методологија да биде донесена кон крајот на април и почетокот на мај“ изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.

На 8 мај завршува обврската да се применува постојната методологија за цените на нафтата и нафтените деривати што е определена со Анексот на Договорот за продажба на ОКТА. Само уште еднаш, по две недели, Регулаторната комисија за последен пат ќе ги соопшти новите цени на горивата по старата методологија.

Просечна плата: колку литри може да се купи во Македонија, колку во Европа?

Податоците покажуваат драстична е разликата во куповната моќ во Европа кога се споредуваат просечните плати и цените на горивата.

Според податоците на Евростат за минатата година Македонците можеле да си дозволат 388 литри гориво со една просечна плата. Во регионот зад нас се Босанците со 385 литри и Србите со 333 литри. Подобри од нас се Хрватите со можност за 641 литри и Црногорците со 402 литри.

На ниво на Европа најмногу гориво со просечна плата можат да си дозволат жителите на Германија 1.845 литри, на Ирска 1.925 литри, на Данска 2.226, на Швајцарија 3.526 литри, а убедливо најмногу во Лихтенштајн 4.238 литри.

Од друга страна жителите на Украина со просечна плата може да си дозволат само 210 литри.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП