28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ: Очекување за постепено забрзување на економскиот раст во наредниот период

НБРМ: Очекување за постепено забрзување на економскиот раст во наредниот период

На 9 април 2019 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По намалувањето на каматната стапка во претходниот месец, на оваа седница Комитетот оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,25%. На седницата, исто така, се одлучи понудата на благајнички записи за аукцијата којашто ќе се одржи на 10 април 2019 година да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

Споредбата на последните макроекономски показатели со нивната проектирана динамика во рамки на октомврискиот циклус проекции упатува на одредени отстапувања во одделни сегменти од економијата. Тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот јануари-февруари 2019 година упатуваат на натамошни поволни поместувања во економијата, видливи преку забрзаниот раст на индустријата и трговијата, како и преку значителното забрзување на растот кај градежништвото. Ова, дополнето со стапка на раст на економската активност во изминатата 2018 година од 2,7% којашто е над проектираната, соодветствува со очекувањата за постепено забрзување на економскиот раст во наредниот период.

Кога станува збор за инфлациските движења, просечната годишна стапка на инфлација во првиот квартал на 2019 година изнесува 1,2%, што е под проектираното ниво со октомвриската проекција. Воедно, најновите оцени упатуваат на послаби притисоци од увозните цени во 2019 година. Во вакви услови, ризиците околу проектираната стапка на инфлација за оваа година од околу 2% тековно се оценуваат како надолни.

Расположливите податоци од надворешнотрговската статистика за јануари и февруари упатуваат на можност за остварување малку поголем трговски дефицит од очекуваниот за првото тримесечје на годинава. Воедно, податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на март укажуваат на остварени нето-приливи од приватните трансфери коишто се блиску до очекуваните за првиот квартал од 2019 година. Девизните резерви на крајот на март се малку пониски во однос на крајот на минатата година, при што нивното ниво и натаму е високо и постојано е во сигурната зона. На девизниот пазар, движењата се и натаму поволни, при што Народната банка интервенира со откуп на девизи од банките.

Во однос на монетарните движења, првичните монетарни податоци за март годинава покажуваат месечен раст и кај депозитите и кај кредитите. Притоа, поради подобрите остварувања на крајот на 2018 година, растот на депозитите, на годишна основа и натаму го надминува растот проектиран за крајот на првиот квартал од оваа година. Во однос на кредитната активност, послабите остварувања на крајот на минатата година придонесуваат за одржување на кредитирањето на пониско ниво од очекуваното, а со тоа и за негов малку понизок годишен раст во однос на проектираниот.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на домашните банки се задржа на релативно стабилно и високо ниво, што придонесе за отсуство на потреба кај банките за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на необезбедени депозити. Вишокот слободни парични средства банките и натаму го насочуваа кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречена кредитна поддршка на домашните субјекти.

На девизниот пазар, во март, во услови на раст на побарувачката за девизи, банките на нето-основа продаваа девизи во трансакциите со клиентите. Банките ја обезбедија повисоката побарувачка за девизи во целост од сопствената девизна ликвидност. Народната банка интервенира со умерен откуп на девизи од банките поддржувачки.

Во однос на глобалната економија, високофреквентните показатели упатуваат на побавен економски раст. Во еврозоната, и покрај умерено поповолните сигнали за зајакнување на домашната побарувачка, економските остварувања сѐ уште се неизвесни особено доколку се имаат предвид послабите показатели за индустрискиот сектор во Германија. Во такви околности, централните банки од двете страни на Атлантикот придонесоа за понатамошна поддршка на економијата преку монетарната политика.

На состанокот на почетокот на месецов, ЕЦБ посочи дека има основи за загриженост за структурно забавување на европската економија и заради тоа најави одржување ниско, односно негативно ниво на каматните стапки најмалку до крајот на оваа година, како и спроведување дополнителни операции за обезбедување ликвидност заради засилување на кредитната поддршка кон реалната економија. Во услови на очекувања за понизок економски раст, и централната банка на САД ја промени насоката на монетарната политика, односно објави дека до крајот на годината нема да се зголемуваат каматните стапки. Исто така, ќе се одржува повисока ликвидност во системот, на тој начин што централната банка на САД во септември ќе запре со намалувањето на износот на хартии од вредност во својот биланс, односно средствата од достасаните хартии од вредност ќе се реинвестираат повторно до нивото на достасување.

Ваквите макроекономски и монетарни фактори во еврозоната доведоа до пад на приносите на државните обврзници на исклучително ниски нивоа, а еврото забележа депрецијација во однос на САД-доларот.

Општо гледано, на седницата беше заклучено дека од намалувањето на каматната стапка во март па досега не се забележани поголеми промени во трендовите кај показателите клучни за монетарната политика. Последните макроекономски показатели и оцени упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, но согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети во однос на претходните оцени. Во тек се и нови оценувања на макроекономските варијабли и ризиците во рамки на редовниот пролетен циклус проекции. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП