10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЖивинарството во криза – намалено производство и нелојална конкуренција

Живинарството во криза – намалено производство и нелојална конкуренција

Живинарството оди во надолна линија – производството е намалено, увозот е зголемен, а домашните компании се жалат на нелојална конкуренција пред се од Србија. Државата крои нова стратегија за да го стимулира секторот, но Македонија е далеку од Словенија која само од оваа земјоделска гранка инкасира милиони.

Секоја година се помалку живина

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во Македонија заклучно со крајот на 2018-та имало 1.828.287 парчиња живина. Ова во споредба со 2017-та е намалување од 2.2%.

Најголем дел од живината или 1.362.797 единици се кај индивидуалните производители, а 465.490 кај деловните субјекти.

Намалениот живински фонд резултира и со намалено производство на месо и јајца. Во 2018-та вкупниот број на произведени јајца бил 182 милиони што е за дури 19.1% помалку. Во истиот период биле произведени 1.499 тони или 12.6% помалку.

За една деценија има драстично намалување на живинарството. Ако податоците од 2018-та се споредат со оние од 2009-та се гледа дека бројот на живина е намален за речиси 14%, а значителен пад има и кај производството на месо и јајца.

Стотици милиони евра за увоз на храна

Македонија станува се позависна од храна од странство – увозот има континуирана тенденција на раст.

Само минатата година за оваа ставка се одлеале фантастични 628 милиони евра што е нешто над 8% од вкупниот увоз. Дополнителни речиси 82 милиони се потрошиле за пијалаци и тутун.

За десет години увозот на храна се зголемил за 180 милиони евра, во 2008-та бил 424 милиони, а во 2018-та достигнал 605 милиони.

Од друга страна извозот на храна лани бил 319 милиони, а дополнителни 194 милиони биле инкасирани од пијалаци и тутун.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека увозот расте многу побргу од извозот, заради што дефицитот во трговијата со храна секоја година се зголемува.

Нелојалната конкуренција и евтиниот увоз се најголеми проблеми

Домашните компании се жалат на нелојалната конкуренција и на напливот на евтини јајца од соседството, пред се од Србија, како и месо по дампинг цени кое доаѓа од Бразил и други подалечни дестинации.

Тие неодамна формираа Национална асоцијација за живинарство.

„Конкуренцијата во овој сектор е многу силна. Имаме релативно голем увоз и на јајца и на пилешко месо. За пилешкото месо така е отсекогаш, но овој период односно изминативе години имаме доста голем увоз на јајца од Србија од каде се настапува со доста пониски цени. Целта ни е да ги поттикнеме купувачите да купуваат македонски јајца и македонско месо“ велат од Националната асоцијација.

Секоја македонска живинарска фарма има обврска јајцата да ги обележува со бројка и со МК код што за потрошувачите е еден од сигналите да знаат што купуваат.

„Целта на сето ова здружување е како заеднички да настапиме на нашиот домашен пазар, како полесно да произведеме и македонско пиле и македонско јајце и како да го убедиме потрошувачот да купува домашно“ велат од асоцијацијата.

Ново формираната асоцијација за живинарство планира да воведе и препознатливо обележување на пакувањата за јасно да знаат потрошувачите што е свежо домашно јајце а што увозно од залихи и вишоци на соседните земји.

Државата крои живинарска стратегија

За да го поттикне секторот кој подолго време е во надолна линија државата заедно со ФАО (Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации) започна изработка на петгодишна национална стратегија за бројлерско производство.

Целта е преку јавно – приватна соработка, таргетирани инвестиции и унапредување на вештините на фармерите да се зголеми пласманот на живинско месо од домашно производство.

Пред две недели се одржа и првата работилница која на иста маса ги стави фармерите, производителите и експертите.

„Земјоделците и производителите ќе научат како да ги диференцираат своите производи врз основа на еколошки методи на производство, соодветно позиционирање и брендирање, како и обезбедување на квалитет и безбедност на производите“ изјави државниот секретар при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,  Нефрус  Челику.

Главните проблеми кои беа детектирани, освен нелојалната конкуренција и евтиниот увоз, се и малите капацитети на земјоделските стопанства кои во најголем дел не се запознаени со современите техники на производство и маркетинг.

„Градењето цврсти и одржливи партнерски односи меѓу сите фактори во живинарскиот сектор им користи на сите”, изјави Шибон Кели, советник на ФАО за системи за храна и тим лидер на проектот.

Словенија – успешен пример кој треба да се следи

За разлика од Македонија, Словенија е далеку поуспешна во секторот живинарство. Земјата која има приближно иста територија и население е најголем извозник на пилешко месо и преработки во регионот.

„Перутнина – Птуј“ е најголемиот преработувач на пилешко месо во Словенија, но и во цела Југоисточна Европа. Годишниот обем на производство надминува 80 милиони килограми од кои 10% се продаваат како цели пилиња а 90% како преработки – стекови, копани, крилца, но и салами, паштети и виршли.

„Перутнина“ има 3.700 вработени, годишниот приход за 2015-та е проектиран на 270 милиони евра, има фирми за продажба во 7 држави, меѓу кои и во Македонија, како и фирми за производство во четири држави – во Словенија, во Хрватска, во Босна и во Србија.

„Перутнина“ годишно преработува 80 милиони килограми пилешко, од нив само 3 милиони и 800 илјади завршуваат во Македонија, 2 милиони и 400 илјади како месо а еден милион и 400 илјади како преработки.

Засега не размислуваат за отворање на производствен капацитет во Македонија. Велат пазарот е премал, а инвестицијата преголема. За опремување на една фарма биле 400 илјади евра, погонот за храна за живина чини околу 25 милиони, а опремувањето на кланица 28 милиони евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП