8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата контра Светска Банка – економијата расте, долгот стабилен

Владата контра Светска Банка – економијата расте, долгот стабилен

Владиниот економски тим контра извештајот на Светската Банка. Вицепремиерот Кочо Анѓушев вели дека Македонија ќе оствари поголем раст од планираниот, а министерот за финансии Драган Тевдовски дека биле постигнати сериозни резултати во намалувањето на јавниот долг. Најновиот извештај на Светската Банка, пак, предвидува дека растот ќе биде најслаб во регионот и предупредува дека долгот ќе надмине 51% од БДП.

Анѓушев: економијата ќе порасне за 3.2%

Македонското стопанство годинава ќе порасне за 3.2% смета вицепремиерот за економски прашања. Според Кочо Анѓушев на тоа укажувале реалните факти од првиот квартал.

„Очекувам раст на БДП во првиот квартал годинава повисок од проектираниот просечен раст на Владата за цела година… Добро е што Светска банка е секогаш конзервативна. И за 2018 година предвидуваше раст под 2.5%, но таа заврши со 2.7%“ вели Анѓушев.

Тој вели дека главните столбови на кои се потпира растот – индустријата, земјоделството и градежништвото се развиваат и подобро од планираното.

„Индустриското производство во првиот квартал има приближен раст од девет проценти… Очекуваме дека и во рамки на градежништвото ќе има раст, земјоделството е исто така во слична состојба и веќе кога имаме реални конкретни бројки за раст на основните три столба тоа ни дава за право да очекуваме дека и растот на БДП во првиот квартал годинава ќе биде повисок од просечниот што го очекуваме за цела година“, изјави Анѓушев.

СБ: Македонија со најнизок раст во регионот

Светската Банка, пак, во најновиот извештај за земјава ја потврди својата проекција за раст од 2.9% во 2019-та и 3.2% во 2020-та година.

„Главни предизвици за растот се ниската и се помала продуктивност на локалните фирми, слабите државни институции, нискиот човечки капитал, неусогласеноста помеѓу вештините и промените во побарувачката на пазарот на труд и пречките од јавните политики  во однос на конкурентноста и инвестициите, се вели во извештајот. Стабилен извор на раст се очекува и понатаму да биде потрошувачката исто како и извозот од странските директни инвестиции“, стои во пролетниот извештајот на Светската Банка.

Македонија заедно со Црна Гора е последна во регионот. Пред нас се Босна со 3.4%, Србија со 3.5%, Албанија со 3.8%, Босна и Косово со 4.4%.

Тевдовски: сериозни резултати во намалувањето долгот

Јавниот долг е стабилизиран и спречено е да расте во иднина, вели министерот за финансии. Според Драган Тевдовски биле направени сериозни резултати во овој сегмент.

„Ако јавниот долг од 2008 до 2016 година се зголемуваше од некаде 23% од БДП на 48.8%, на крајот на 2017 година изнесуваше 48.7. Апсолутно имаме остварено резултати“, тврди Тевдовски.

Министерот вели дека јавните финансии се крвотокот на функционирањето на државата па затоа изминатата година биле направени низа реформи за подобрување на системот – даночна реформа, пензиска реформа, нов и поефикасен систем за јавни набавки.

СБ: јавниот долг ќе расте

Од друга страна Светска Банка предупреди дека јавниот долг има тенденција на раст – ќе надмине 51% од БДП до крајот на годинава. Предупредуваат – за негово стабилизирање се потребни суштински структурни реформи.

„Во делот на одржување на растот постои потреба не само да се одржи макро фискалната одржливост, што значи дека треба да се спроведат политики кои ќе спречат натамошно зголемување на долгот. Македонија сега е на ниво на 49 отсто од БДП, што може да се каже дека е умерено ниво на долг, меѓутоа има многу економии во Европа кои имаат помал долг коишто можат побрзо да растат, така што треба да се направи рамнотежа помеѓу одржливите финансии и во исто време наоѓање на политики коишто ќе го поттикнат растот“ изјави Сања Маџаревиќ Шустер, Светска банка.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП