5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКнигите се сериозен бизнис, но не и во Македонија

Книгите се сериозен бизнис, но не и во Македонија

Книгите се сериозен бизнис, но не и во Македонија. Кај нас едвај опстојуваат неколку посериозни издавачки куќи кои работат скромно. Во светски рамки големите имиња од овој сектор вртат милијарди.

Во земјава во просек се издаваат по два нови наслови на ден што е многу помалку дури и споредено со регионот. Издавачите велат дека проблемот има две димензии – малиот пазар и уште помалата побарувачка.

„Македонците едноставно немаат навика за читање. Секако дека има исклучоци, ние имаме муштерии кои поминуваат секоја недела и си земаат по една книга и секогаш прашуваат што има ново, но тие се реткост“ вели сопственик во книжарница во центарот на Скопје.

Во последните неколку години има благ пораст на побарувачката, велат издавачите. Сепак, новите технологии удрија и на нивниот бизнис.

„Телевизијата одамна го има земено приматот над книгата, но сега со паметните телефони и таблетите и оние што имаат навика за читање се одлучуваат тоа да го прават на нив, особено луѓето што читаат литература на англиски“ вели сопственикот во книжарница.

Во Македонија се издаваат по две книги секој ден. Ова може да се заклучи од податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) според кои во просек годишно излегуваат по нешто над 900 наслови. Најпопуларна е белетристиката, речиси една половина од сите книги кои се печатат или по околу 400 наслови отпаѓаат на романите, новелите, збирките раскази. Следат учебниците и учебните помагала со по околу 200 наслови. Од друга страна строго стручна литература речиси и не се објавува. Од областите на астрономијата, геологијата или градежништвото годишно се печати по една, а некогаш и ниту една книга.

Светските бестселери се најбарани и кај нас, домашните дела ретко носат добра заработка иако се многу поевтини за печатење.

„Најкомерцијалните изданија секако се најбарани и кај нас. Главно нашите читатели ги следат светските трендови, а ние се трудиме да го донесеме и кај нас она што е најбарано“ објаснува сопственикот во книжарница.

Дел од книжарниците нудат книги и на српски, англиски и на други јазици. Објаснуваат дека тоа се прави од две причини – или делото го нема на македонски или самите читатели го бараат на странски јазик.

За печатење на една книга се потребни од 500 до 10.000 евра – крајната сума секако зависи од самиот тираж, но и од популарноста на писателот.

Од првична идеја до конечна реализација се потребни повеќе чекори – авторски права, превод, лектура, печатење, промоција. Кога се ќе се собере издавањето на едно дело чини од 500 до над 10 илјади евра.

 

Најголем дел од парите одат на печатење. Книга од 500 примероци со околу 120 страни во обична корица чини помеѓу 20 и 30 илјади денари.

Од домашните автори ретко кој признава колку пари земал, а за странските дела, авторските права се поскапи – од стотина, па до десеттина илјади евра.

Дополнителен трошок е и преводот на македонски. Вообичаено се плаќа по 5 до 6 евра од една страница за стручни и овластени преведувачи. Оттука за книга од 200 страници преведувачот добива 1.000 до 1.200 евра. Сепак, некои книги ги преведуваат приучени луѓе без лиценци кои се нафаќаат тоа да го направат и за половина евро по страница, но тогаш драстично се намалува квалитетот на целото издание.

Во вкупниот збир не треба да се заборави ниту данокот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП