25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗанаетчиство: традиционалните наспроти модерните – што нуди подобра заработка?

Занаетчиство: традиционалните наспроти модерните – што нуди подобра заработка?

Старите занаети изумираат, но на нивно место се појавуваат. Ковачите, јорганџиите и кујунџиите едвај опстојуваат, но маникирите, козметичарите и фризерите заработуваат и повеќе од солидно.

Во македонските чаршии има се помалку работилници. Оние кои опстанаа главно работат само за туристите.

„Едвај вадам за основните трошоци. Да не беа туристите ќе немав ни за тоа“ вели единствениот преостанат изработувач на папучи во Скопската чаршија. „Сепак, не се откажувам. Друго и не знам да работам и не би можел“ објаснува тој.

Неговата приказна ја делат и најголем дел од другите занаетчии.

„Единствено туристите се интересираат за она што го нудам, нашите луѓе велат дека им е скапо а не сфаќаат дека уникатно и трајно“ вели последниот скопски шапкар.

Освен малата побарувачка за нивните производи друг голем проблем за старите мајстори е да најдат млади наследници. Никој не сака да ги учи тајните на занаетите.

„Син ми си заврши факултет и се вработи во банка, вели дека ова што јас го правам е неисплатливо и мачно. Па како да очекувам друг да сака да работи овде“, вели шапкарот.

Сепак, има и занаетчии кои работат солидно и заработуваат добро. Ова особено се однесува на оние кои произведуваат накит и кои успеале да ги модернизираат своите креации.

„Тешко е меѓутоа вербата во себе и трудот што се вложува, но и поддршката од семејството. Ова нас ни е семеен бизнис со сопругот каде што двајцата опстојуваме со ова, двајцата работиме, така што кога се сака се може“ вели изработувач на филигран.

Паралелно со изумирањето на старите се појавуваат и нови занаети – козметичар, маникир и масер се меѓу најпопуларните од кои може и добро да се заработи.

„Јас правам нокти веќе четири години. Млада сум, имам само 25 години, а можам да кажам за себе дека сум успешна во она што го работам“ вели сопственичка на салон за маникир и педикир. „Имам работа секој ден. Некогаш за работа ми се малку 24 часа. На крај на месец, сфаќаш дека се исплатело. Заработката е многу голема. Многу поголема од една просечна плата во Македонија“ објаснува таа.

Според Комората на занаетчии во Македонија има над 7.000 пријавени занаетчии кои работат во 300 регистрирани дејности. На листата на изумирање се најдоа ковачите, лимарите, шапкарите и часовничарите – овие занаети се помалку се регистрираат како дејност и нивната бројка во изминатите неколку години континуирано се намалува.

Сепак и за дел од традиционалните занаети како да има светла иднина – бројот на чевлари е во пораст иако тие само поправаат, но не изработуваат обувки; а кај некои покрај модернизацијата на начинот на работа се менуваат и имињата на дејностите – кројачите стануваат дизајнери, берберите стануваат стилисти.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП