Додека многумина брзаат по автопатиштата, следејќи ја стрелката на GPS-от и звукот на моторите, група авантуристи ја одбира железницата – побавна, но подраматична траса кон откривање на земјава.
Возовите низ Македонија, иако заборавени од дел од јавноста, остануваат жив симбол на минатото, а за некои – најубав начин да се патува евтино, ретро и со душа.
Во една рана пролетна сабота, заедно со неколку љубопитни патници, тргнавме од железничката станица во Скопје. Одредиште – Битола, преку Велес, Богомила и Прилеп.
Возот, иако стар и со прозорци кои се отвораат тешко, нуди погледи што ретко кој автомобил може да ги пренесе.
Полиња со зелена трева, стада овци, мали железнички станици каде времето изгледа како да застанало – сето тоа низ стаклото кое носи траги од минатото.
„Мене не ми треба луксуз, ми треба авантура. Во возот секогаш се случува нешто интересно – нова приказна, нов лик, па и ако задоцниме, има ќар во тоа“, ни вели Блаже, 42-годишен патник од Скопје кој еднаш месечно оди во посета на роднини во Прилеп – секогаш со воз.
Цената? Помалку од 300 денари за речиси петчасовно патување низ срцето на Македонија. Во споредба со бензин, патарини и замор од возење, ова е избор кој го избираат пензионери, студенти, туристи, но и ентузијасти кои сакаат да се потсетат на младоста.
„Има нешто магично во звукот на шините и начинот на кој пејсажите се менуваат полека“, вели Ана од Скопје, која со пријателите го документира секое патување на Инстаграм. „Луѓето не знаат дека постојат прекрасни мали станици, како онаа во Гостиражни, каде можеш да симнеш и да се напиеш вода од чешмата, па повторно да се качиш во возот.
Македонските железници се далеку под европските стандарди – честопати има доцнења, вагоните се изветвени, а тоалетите валкани. Но за некои, токму тоа е дел од авантурата.
„Не очекувам удобност како во авион. Очекувам доживување. И го добивам секој пат“, ни рече Илија, пензиониран машиновозач кој, откако се пензионирал, секој месец патува со воз до различна дестинација.
И додека државата сè уште нема јасна стратегија за модернизација на железничката мрежа, патниците ја наоѓаат својата причина зошто се враќаат на шините.
Возот останува симбол на трпение, љубопитност и поврзаност со земјата. Во време на брз живот, можеби токму најбавниот превоз ни треба за да се потсетиме на суштината на патувањето.
Б.З.М.